Европска престолнина на културата одамна не е престижна титула
Скопје ќе биде Европска престолнина на културата за 2028 г., што според нашите политичари е „престижна титула“, но таа била таква само во нејзините почетоци, а подоцна ја добивале дури и запуштени градови како поддршка за нивна урбана регенерација
Скопје ќе биде Европска престолнина на културата за 2028 г., што според нашите политичари е „престижна титула“, но таа била таква само во нејзините почетоци, а подоцна ја добивале дури и запуштени градови како поддршка за нивна урбана регенерација
Пишува: Вангел Башевски
Европска престолнина на културата е програма на ЕУ, која подразбира да се избере еден европски град, кој преку разни манифестации ќе ја презентира својата култура во текот на една година, но таа улога понекогаш ја делат неколку градови, па за 2028 г. таа им е доделена на: Бурж (Франција), Ческе Будјејовице (Чешка) и Скопје (С. Македонија).
Номинирани можат да бидат не само на градови од ЕУ, туку и од земји-кандидати за ЕУ (како С. Македонија) или од земји-членки на ЕФТА или ЕЕА (како Норвешка и Швајцарија), но битно е во сето тоа да провејува еден паневропски дух на соработка и сл.
Летово, Собранието на С. Македонија требаше да донесе закон за спроведување на тој проект, што заради одредени контроверзи не успеа, а за што нашите медиуми доста известуваа, но тука има и други контроверзи со кои медиумите не се позанимаваа, а тоа е дали Европска престолнина на културата е навистина престижна титула, признание, успех и повод за гордост, како што тоа го опишуваат нашите политичари?
Историски контрааргументи
Програмата Европска престолнина на културата започнала да се реализира во 1985 г., по иницијатива на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури и нејзиниот француски колега Жак Ланг. Прва таква престолнина била Атина (позната по својата античка историја и култура), а тој статус потоа го добивале градови како Фиренца (позната по делата на Леонардо Да Винчи, Микеланџело Буонароти и Сандро Ботичели) и Париз (за чие културно значење и не мора многу да објаснуваме). Евидентно, тој статус најпрвин го добивале светски признати културни центри, што се доживувало како престиж или признание.
Арно ама, многумина биле вчудовидени кога за Европска престолнина на културата за 1990 г. бил избран шкотскиот град Глазгов. Не е дека тој нема свои квалитети, но, за жал, тој тогаш имал пропадната економија, невработеност, сиромаштија, запуштени квартови и криминал, па дури важел за еден вид на нарко-престолнина на Обединетото Кралство (види: тука и тука).
Сепак, Глазгов жестоко се борел да биде културна престолнина, нудејќи смели идеи и проекти за свое опоравување, подобрување на својот имиџ и привлекување на туристи, што наишло на интерес кај европските бирократи. Некои левичарски активисти го критикувале тој проект како „метење на проблемите под ќилим“ или како обид на капиталистите да профитираат, но проектот на крај донел позитивни резултати за градот.
Тогаш се јавила идејата таа европска програма да се трансформира од непотребно славење на и онака славни градови како Париз во давање шанса и поддршка (морална, материјална и др.) на подзапуштени градови, како Глазгов, со цел нивна урбана регенерација, но биле потребни уште неколку години за таа идеја да се дооформи, прифати и да влезе во таа програма на ЕУ.
Така, во списокот на културни престолнини потоа се нашол Ливерпул (кој е познат како родното место на Битлси, но кој имал слични проблеми како и Глазгов) и Марсеј (сметан за еден од најопасните и најкриминални градови во Франција, па и во Европа). Во списокот на културни престолнини се нашле дури и некои не толку познати градови како австрискиот Линц, финскиот Турку, литванскиот Каунас или грчката Елефсина, а според истенчениот европски вкус, некои од тие градови се сметаат за „грди пајчиња“ во земјите во кои се наоѓаат.
Таков е и германскиот Кемниц, кој има стилски хаотична архитектура. Во Втората светска војна 80 отсто од градот биле разурнати, а потоа тој спаѓал во Источна Германија, под називот Карл Маркс Штат и во него била градена безлична комунистичка архитектура. По падот на комунизмот, во градот бил спроведен нов градежен проект и никнале градби во модерен западен стил (шопинг-молови и сл.), па и тоа придонело за таа хаотичност, но и покрај тоа, Кемниц бил прогласен за Европска престолнина на културата за 2025 г.
Среде тие културни престолнини има дури и индустриски и рударски градови, кои немаат многу да понудат за уметноста и културата, но за учество во таа програма тие веќе не мора да изгледаат како од разгледница или да имаат опера и балет, а и поимањето на тоа што е култура и уметност е одамна променето. Она што ќе го презентира еден град може да биде и од алтернативен тип: графити, мурали, авангардни театри или настапи на бендови во напуштени фабрики и сл.
Но, особено е интересна приказната за Матера, град кој поради ужасните услови за живот бил нарекуван „Срамот на Италија“ и бил споредуван со Пеколот – како што во истоимената поема го опишал Данте Алигиери (извори: тука, тука, тука и тука).
Стариот дел на градот, Саси Ди Матера, е познат по пештерите ископани уште во Каменото време, но во нив луѓе живееле дури и во 20 век и тоа без елементарни услови за тоа. Тие немале струја, вода и канализација и живееле заедно со својот добиток, а тука имало и глад и маларија, што доведувало до смртност кај децата. Состојбата била толку лоша, што италијанските власти ги евакуирале тамошните жители, но на нивно место дошле криминалци, наркодилери и сл.
На крај, властите го расчистиле тој дел од градот и него го развивале разни приватни претприемачи, па тој дури бил прогласен за локалитет на УНЕСКО, а Матера – за Европска престолнина на културата за 2019 г. Иако Матера се опоравила не заради таа програма на ЕУ, туку заради напорите на италијанските власти и претприемачи, сепак, таа програма помогнала за уште поголемо издигнување на градот на културен, туристички, економски и друг план, како и за конечно ослободување од имиџот на „Срам на Италија“.
Така што статусот на Европска престолнина на културата многу често не значи престижна титула или признание, туку е еден вид на „социјална помош“ за запуштени, зафрлени, хаотични или недоволно атрактивни градови, со цел тие да се подоправат и да добијат видливост.
Треба да се додаде и тоа дека Европска престолнина на културата за 2030 г. ќе биде црногорскиот Никшиќ, кој, без намера да навредуваме и омаловажуваме, не важи за некој славен и убав европски град со богата културна понуда, иако таму сигурно ќе се најде по нешто интересно.
Ни Скопје не фигурира како славен и атрактивен европски град и е далеку од Париз или Фиренца, па тоа што се здоби со статусот на Европска престолнина на културата е повеќе „социјална помош“ (како што претходно се изразивме) отколку престижно признание – како што тоа го опишуваат нашите политичари.
Победнички изјави
Иницијативата Скопје да биде Европска престолнина на културата датира од 2014 г., од времето на градоначалникот Коце Трајановски, кој беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но апликацијата беше поднесена во 2018 г., во времето на неговиот наследник Петре Шилегов, кој, пак, е од СДСМ. Ова ни кажува дека и обете најсилни партии во земјава имале интерес Скопје да го добие тој статус, што тие го претставуваат како успех, престижна титула, признание и сл.
Веста дека Скопје го доби тој статус беше објавена на 20.9.2023 г., по што следеше изјава на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, инаку од редовите на СДСМ:
Европска престолнина на културата, Скопје 2028 година е огромен успех за македонската култура.
Град Скопје – европска престолнина на културата е наш голем заеднички триумф.
Оценка дека тоа е огромен успех даде и неговата сопартијка и тогашна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, што со малку поинакви зборови го изложи и нивната партија на една своја прес-конференција:
Со СДСМ, македонската култура постигнува значајни успеси.
Главниот град, Скопје, е избран за „Европска престолнина на културата за 2028 година“.
Европските експерти ја препознаа искрената посветеност на надлежните институции.
Добивањето на оваа престижна титула ќе значи можност за силен културен развој на градот, реализација на нови проекти со кои ќе се збогати европската културна таписерија со македонските богатства.
Овој избор е признание на сите заложби на институциите предводени од СДСМ, пред сè Министерството за култура, Владата но и поранешната локална власт во градот која имаше визија и ја подготви апликацијата.
Под „поранешната локална власт“ тука се мисли на онаа на Шилегов, затоа што во 2023 г. на неговото место веќе беше Данела Арсовска, која беше избрана со поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. По повод здобивањето на Скопје со статусот Европска престолнина на културата, Шилегов изјави:
Статусот на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 е доказ дека само високите амбиции и континуитетот во работата се нешто што на сите нас може да ни донесе успех.
Арсовска, пак, тогаш изјави:
Град Скопје е избран за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година.
Овој избор е престижно признание за сите нас.
Изразот „престижна титула“ го има и кај актуелниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а неговиот сопартиец и донеодамнешен министер за култура, Зоран Љутков, тоа го опиша како нешто за гордеење:
Особено сме горди што Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата во 2028 година, признание што претставува силен поттик за нови партнерства, за уште поголема мобилност на уметниците и за засилено европско културно присуство во нашиот регион.
Но, ако читаме внимателно и во целост, во некои од тие изјави ќе чуеме и изрази како: развој, трансформација, ревитализација, подобрување и сл., што, ако го преведеме од тој „дрвен“ бирократски јазик, ни укажува дека нешто не е во ред.
Површно гледано, „Европска престолнина на културата“ навистина делува како тоа да е некаква награда за добро завршена работа, за добро уреден и културно богат град, но ако Скопје е такво, чуму му е трансформација, ревитализација и сето тоа?
Во тие изјави се споменува и реконструкција на скопското Кале, Аквадуктот, Универзалната сала и сл., што значи дека ова не е награда за добро завршена работа, туку поттик за таа да се заврши. Такви зафати не му се потребни на град кој е среден, туку на град, кој е запуштен и замрен, па тоа е поентата на таа програма на ЕУ.
Само во почетоците на таа програма тоа навистина претставувало некаков престиж или славење на еден град, но подоцна тој статус го добивале и запуштени, па дури и опасни градови како поддршка за нивна урбана регенерација и поправање на нивниот имиџ.
Не случајно во програмата за Скопје има теми насловени како: Уметност за надеж (Art4Hope), Заедништво (Togetherness), Опоравување (Recovering) и Создавање уметност (CreARTing). Надеж и опоравување се потребни за град кој е очаен и запуштен, а заедништво – за град кој е поделен, како што Скопје е поделено по етно-религиозна линија, што не е нешто за фалење, туку е за поправање. Не залудно мото на оваа програма е „Културата над поделбите“, а штом има поделби, тоа го прави градот тензичен, а во некои случаи дури и опасен.
Се разбира, би било незгодно ЕУ да рече: „Ние ова го правиме за да им помагаме на проблематични или запуштени градови“, затоа што тоа би звучело навредливо и тоа би била антиреклама за тие градови, што би ги набркало потенцијалните туристи и инвестиции, па затоа ЕУ тоа го пакува во политички коректно руво.
Скопје не е вистинска културна престолнина
Во центарот на нашиот главен град доминираат згради и статуи од проектот „Скопје 2014“, кого стручњаци од областа на архитектурата и уметноста остро го имаат осудувано како кичест, мегаломански, неавтентичен, неквалитетно изведен и пренационалистички (примери: тука, тука и тука).
И проектот „Плоштад Скендербег“ е критикуван како таков (види: тука и тука) и тој го нарушува изгледот на Старата скопска чаршија, во чија близина е изграден. Во неа дури се случува самоволно уривање, па исчезна познатиот угостителски објект „Менада“ и дури и заштитениот „Шар“, што се заменува со објекти со неавтентичен и несоодветен изглед, а се преземаа и контроверзни реконструкции, при што багери ја корнеа чаршиската калдрма.
Изгледот на градот страда и од она што го нарекуваме урбана мафија и од градење без никаков ред, а автентични староскопски објекти како хотелите „Бристол“ и „Јадран“ се допираат до модерни стаклено-метални зданија, што претставува стилски и визуелен хаос.
Тука е и запуштеноста и нечистотијата, кои, како што гледаме од Youtube-репортажите на Александар Видиновски, се присутни дури и околу некои важни објекти како Собранието и Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, чија внатрешност, исто така, беше дотраена и руинирана. Иронично, Видиновски дури укажува дека некои села во Словенија се поуредни од нашиот главен град.
Во староскопската Ристиќева палата во самиот центар на градот со децении работеше познатата книжарница на книгоиздателството „Култура“, која беше затворена, а додека книжарниците, библиотеките, музичките продавници и другите „храмови на културата“ пропаѓаат, низ градот делуваат тезги и пазари-бувљаци, кај што со децении непречено се продава пиратувана, украдена, дефектна или друга сомнителна стока.
Беа регистрирани и случаи на вандалско уништување на споменици во скопскиот Градски парк или дури и кражби на споменици како оној во „Жена-парк“ во самиот центар на градот и тоа во непосредна близина на Собранието, што е шокантно. Мир немаат дури ни покојниците, па кражби и вандализам се регистрирани дури и на градските гробишта Бутел.
Универзалната сала, која беше симбол на меѓународната помош по Скопскиот земјотрес, неславно изгоре, а во пожар пострада и муралот во Главната пошта на познатиот сликар Борко Лазески, чиј витраж, кој го красеше влезот на Градскиот трговски центар, неодамна беше искорнат.
Во градот е видлива и немаштијата, па гледаме питачи и сиромаси со запреги со коњи, кои понекогаш дури и слободно шетаат низ градот. Како по сето тоа некој нè убедува дека Скопје е вистинска Европска престолнина на културата и дека заслужува некакво престижно признание?
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар