Европскиот парламент не аплаудирал за лансирањето на американски ракети од Украина кон Русија

Фото: Принтскрин видео

Видеото не покажува како десетици членови на Европскиот парламент му аплаудираат на Зеленски за одобрувањето за лансирање американски ракети од Украина. Станува збор за снимка извадена од контекст, на која се гледа аплаузот на европратениците на крајот од говорот на Зеленски на 19 ноември во Европскиот парламент. Тој тогаш говори на специјалната пленарна седница посветена на 1.000 дена од руската инвазија на Украина и во ниту еден момент не го спомнува американското оружје

Видеото не покажува како десетици членови на Европскиот парламент му аплаудираат на Зеленски за одобрувањето за лансирање американски ракети од Украина. Станува збор за снимка извадена од контекст, на која се гледа аплаузот на европратениците на крајот од говорот на Зеленски на 19 ноември во Европскиот парламент. Тој тогаш говори на специјалната пленарна седница посветена на 1.000 дена од руската инвазија на Украина и во ниту еден момент не го спомнува американското оружје

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека членовите на Европскиот парламент му дале аплауз и стоечки овации на украинскиот претседател Володимир Зеленски за лансирањето на американски ракети кон Русија.

Аплауз и стоечки овации од парламентот на ЕУ за одобрение за лансирање американски ракети од Украина кон Русија. Ако треба да избие Трета светска војна, тие и нивните семејства ќе мора да бидат на фронтот. Дали се нормални?, стои во објавата.

Тврдењето дека членовите на Европскиот парламент го поздравиле одобрувањето за лансирање на американски ракети од Украина за напад на руска територија, не е точно.

На снимката под објавата што ја анализираме, се гледа аплаузот на европратениците на крајот од говорот на Зеленски на 19 ноември кој во ниту еден момент не ги спомнува американските ракети. Имено, преку пребарување на Гугл може да се види дека снимката одговара на говорот на Зеленски на 19 ноември во Европскиот парламент за време на специјалната пленарна седница посветена на 1.000 дена од руската инвазија на Украина.

Од говорот на украинскиот претседател може да се види дека тој не го спомнал лансирањето ракети кон Русија. Исто така, транскриптот од говорот објавен на официјалната веб-страница на украинското претседателство покажува дека не била испратена никаква порака во врска со употребата на американско оружје.

Понатаму, новинар од Агенцијата ЕФЕ, кој ја следеше пленарната седница, потврди дека аплаузот нема никаква врска со употребата на американско оружје, пишува сајтот за проверка на фактите Верифика.

Нашата проверка покажа дека видеото првпат го објавил на интернет европратеникот Томаш Фролих од екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД). Во својата оригинална објава, Фролих не истакнува дека аплаузите на неговите колеги се должат на украинското лансирање на американски ракети или дека Зеленски споменал такво оружје за време на неговиот говор.

Сепак, во истата објава, Фролих ги критикува пратениците во Европскиот парламент кои аплаудирале на говорот на Зеленски. Според европратеникот, овој аплауз се случил „во исто време“ кога Украина ја лансирала „првата ракета ATACMS против Русија“.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека видеото не покажува како десетици членови на Европскиот парламент му аплаудираат на Зеленски за одобрувањето за лансирање американски ракети од Украина. Станува збор за снимка извадена од контекст на која се гледа аплаузот на европратениците на крајот од говорот на Зеленски, кој во ниту еден момент не го спомнува американското оружје. Поради тоа оценуваме дека објавата претставува дезинформација.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција