Европскиот парламент не гласал дека „транс жените се жени“

Лина Галвез, европратеничка Фото: Европска Унија

Во Европски парламент се гласало за извештај на Лина Галвез кој вклучува антидискриминациски формулации, но не редефинира што е жена и не ја содржи фразата „транс жените се жени“

Во Европски парламент се гласало за извештај на Лина Галвез кој вклучува антидискриминациски формулации, но не редефинира што е жена и не ја содржи фразата „транс жените се жени“

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Европскиот парламент штотуку гласаше дека „транс жените се жени“ и сега тоа е дел од нивната официјална агенда за правата на жените.

Сметајте дека таа агедна, поред силување за името од педофилните западни елити, француски предлог, рамковен, пржинска, тиранска, привремена, сега за сите земји аспирантки, но и членки, ќе бара и прифаќање на трансродовото.

Тоа многу добро го знае партијата на власт и затоа ДПНЕ срамежливо ја вградува во образовните системи.

Се додека дремете во двете мртви идеолошки профитни друштва СДС и ДПНЕ, калемени на врховизам и комуњаризам, заедно ќе паѓаме во декаденција со декадентните.

Има Македонија Македонци кои се исправени во македонските  вредности, но малку ќе треба да се подисправиме, да ги видиме. Тие не клечат по евроатлантските ходници.

Европскиот парламент не усвоил резолуција што формално прогласува „транс жените се жени“, ниту пак станува збор за некаква официјална обврзувачка политика на Унијата, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Видеото што се споделува во објавата прикажува реално гласање — но за сосема друг документ.

Во објавата се тврди дека Европскиот парламент „штотуку гласал“ и ја вклучил изјавата „trans women are women“ во својата официјална агенда за правата на жените.

Како „доказ“ се користи видео/слика од пленарна сала со резултат од гласањето.

На екранот стои: „report GÁLVEZ A10-0010/2026 – Resolution”.

Што е всушност документот A10-0010/2026

Станува збор за извештај подготвен од европратеничката Лина Галвез во Комитетот за правата на жените и родова еднаквост (FEMM) со наслов: EU priorities for the 70th session of the UN Commission on the Status of Women (Приоритети на ЕУ за 70-тата сесија на Комисијата на ОН за статусот на жените).

Тоа е необврзувачка политичка резолуција, односно, препорака за позицијата на ЕУ во ОН. Не е никаков закон и не ги менува дефинициите во правото на ЕУ.

Во извештајот има делови што повикуваат на заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Ова е стандардна формулација во многу документи на ЕП.

Резолуцијата ги наведува следниве приоритети:

  • повикува на заштита на „жените и девојчињата во сета нивна разновидност“
  • нагласува потреба од политики што ги земаат предвид интерсекционалните форми на дискриминација
  • повикува да се адресира насилството и дискриминацијата што ги погодуваат ЛГБТИ+ лицата, вклучително и транс лица
  • бара пристап до здравствени и социјални услуги без дискриминација

Значи, ова се антидискриминациски препораки, а не дефиниции на полот.

Во документот нема формална реченица „транс жените се жени“ („trans women are women“), нема правна редефиниција на „жена“, нема промена на правото на ЕУ за полот, нема посебно гласање за таа формулација.

Снимката што се споделува е реално гласање, но се однесува на целиот извештај, a не на една реченица, не на дефиниција на жената. Оваа објава е типичен пример на вадење од контекст.

Во последниве години, Европскиот парламент често усвојува текстови што промовираат недискриминација, спомнуваат родов идентитет, ги опфаќаат ЛГБТИ+ лицата. Некои онлајн објави ги поедноставуваат или искривуваат овие формулации во политички слогани што не се дел од официјалниот текст.

Од сето ова можеме да заклучиме дека имало вистинско гласање во ЕП за извештај на Лина Галвез кој вклучува антидискриминациски формулации, но не редефинира што е жена и не ја содржи таа фраза.

Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција