Eвропските санкции преку примерот на политичката и бизнис елитата на Кремљ

Кремљ под европски и меѓународни санкции. Фото: Википедија

Мерките на ЕУ со воведување санкции се еден вид на дипломатско оружје, цивилизирана атлернатива на применување воена сила и се донесуваат едногласно во Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ. Таква беше и едногласната одлука за казнени мерки против Русија поради анексијата на Крим и разгорување воен конфликт во источна Украина

 

 

Мерките на ЕУ со воведување санкции се еден вид на дипломатско оружје, цивилизирана атлернатива на применување воена сила и се донесуваат едногласно во Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ. Таква беше и едногласната одлука за казнени мерки против Русија поради анексијата на Крим и разгорување воен конфликт во источна Украина

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Додека Македонија тоне во сè подлабока нестабилност со потенцијал да го загрози кревкиот мир во регионот зафатен од неколку кризи, пред сè, бегалската и економската, Брисел размислува да ги казни протагонистите во Скопје одговорни за немилите настани од изминатите недели.

Првично насилните протести по улиците на Скопје и други македонски градови по избликот на народно незадоволство после контраверзната аболиција објавена од Ѓорге Иванов, се претворија во протестно движење, таканаречена Шарена револуција. Протестите не се смируваат и траат со недели.

Во една состојба што симболички наликува на „тркалање на власта по калдрма“, по улиците на Скопје и во другите градови се случуваат спорадични пукотници, а завчера падна и првата жртва, сведокот Коста Крпач. Тој наводно имал информации во прилог на тоа Специјалното јавно обвинителство да покрене истраги против високи државни функционери. Според обвинителството тој бил подложен на закани и притисоци од непознати лица, и, според луѓе блиски на истрагата, застрелан во својот стан. Некои провладини портали, пак, пишуваат дека тој се самоубил.

Во овие немили околности ЕУ подготвува санкции против повеќе македонски политичари и дури е можно одземање на препораката на Македонија за почеток на преговорите со Унијата. Една аналогија со конфликтот во Украина и процесот што тамошните настани го потикнаа за воведување санкции против лица и компании од Украина и Русија, укажува дека тоа би било природниот тек на настаните и во случајот со Македонија.

 

САНКЦИИТЕ – НУЖНО ЗЛО

Последната изјава на Франк-Волтер Штајнмаер, германски министер за надворешни работи, укажува дека ескалацијата на состојбите во Македонија е во фокусот на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. А, кога заканите по безбедноста на периферијата на ЕУ стануваат експлозивни, се прибегнува кон механизмот санкции како последен чекор на дипломатијата, како нужно зло.

Во  брошурата „Рестриктивни мерки на ЕУ“, по повод воведување на санкции против Русија, се вели:

Санкциите се еден од инструментите на Унијата за промовирање на целите на заедничката надворешна и безедносна политика (ЗНБП), а тие цели се мир, демократија и почитување на владеење на правото, човековите права и меѓународните закони.

Во случајот со Македонија, која претендира да стане членка на ЕУ, погазени се неколку од целите на ЗНБП. Со протестите и физичкото пресметување на полицијата со незадоволните граѓани, погазен е мирот во земјата; со неработењето на Парлементот и арбитрарните одлуки на некои државни институции, како онаа за „аболицијата“, погазени се демократијата и владеењето на правото; додека со неселективното апсење и ставање во притвор на демонстранти, погазени се човековите права.

Со своите дејствија некои од македонските водечки политичари имаат прекршено низа од одредби на ЗНБП на ЕУ и тоа сигирно нема да остане незабележано од Брисел. Во најмала рака, санкции против поединци сигурно ќе има, најлош случај би било одземање на препораката за членство, со што ќе биде казнета целата држава.

Мерките на ЕУ со воведување санкции се еден вид на дипломатско оружје, цивилизирана атлернатива на применување воена сила и се донесуваат едногласно во Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ. Таква беше и едногласната одлука за казнени мерки против Русија поради анексијата на Крим и разгорување воен конфликт во источна Украина.

Таа одлука е донесена како законски акт и објавена во EUR-Lex, онлајн сервис каде се поместени сите закони на ЕУ. По стапувањето во сила, секоја земја-членка има обврска да ја ратификува одлуката на Советот преку националниот парламент. На почетокот, кога одлуката стапи во сила на 29 април 2014, некои земји-членки, како Грција или Словачка, се противеа на оваа мерка со оправдување дека тоа им штети на нивните економски интереси. Но, под  притисок на Брисел во наредните месеци и тие воведија санкции против Русија.

Во согласност со политиката на ЕУ, обврска да воведат санкции против Москва имаат и земјите кандидати за членство во ЕУ, како Албанија, Црна Гора, Србија и Македонија. Како што е познато, првите две го направија тоа, додека Белград и Скопје, од разбирливи причини, поради блискоста на нивните авторитарни влади со Кремљ, ја игнорираaт одлуката на Брисел.

 

СПИСОКОТ Е СЕОПФАТЕН

Списокот на лица од Русија и Украина против кои се воведени забрани за патувања и замрзнување на нивниот имот или банкарски сметки во ЕУ е разноврсен и огромен, брои можеби стотина индивидуалци и десетина компании. За илустрација, некои од нив се Микола Азаров, поранешен премиер на Украина од времето на Виктор Јанукович, кој е, исто така, под санкции, како и заменикот на Азаров, но и неговиот син. Овде има и поранешни украински министри за финансии, за одбрана и за здравство.

Од руски страна, пак, под забрана за патување во ЕУ и замрзнат имот се шефот на админстрацијата на Владимир Путин, Сергеј Иванов, и неговиот заменик, Вјачеслав Володин, заменикот министерот за одбрана, Дмитриј Рогозин, советникот на Путин и шеф на „Росњефт“, Игор Сечин, повеќе парламентарци и високи воени лица, но и низа бизнис-тајкуни блиски на Путин, како Аркадиј Ротенберг, Јуриј Ковалчук и Генадиј Тимченко. Компанија, која до лани беше во сопственост на последниот, е главен изведувач на изградбата на рускиот гасовод во Македонија на потегот Клечовце-Неготино.

На сите нив не само што им е забрането да патуваат во ЕУ (како и во низа други земји како Јапонија, Австралија, Канада или САД, кои одделно имаат воведен санкции против овие лица), и не само што им се замрзнати банкарските сметки, туку на многумина им се конфискувани и огромни домови, цели хотели, милионски јахти или автомобили. Оние како Тимченко, кои не верувале дека ќе следуваат вакви радикални мерки за да успеат навреме да го префрлат својот имот на име на други компании или поединци.

Под санкции се и низа руски банки, компании од воено-индустрискиот сектор на земјата, како и нафтени компании. Тие забрани се однесуваат на стопирање на меѓународни транши на кредити од западни финансиски институции за руски банки и компании, забрана за купување руски облигации, како и стопирање на продажба на нови технологии за бушење и експлоатација на нафта и рафинериски процеси. Покрај падот на цените на нафтата, овие забрани придонесија големите енергетски џинови како „Лукоил“, „Газпром Њефт“ или „Газпром“ да се соочат со замрени проекти за развој и огромни загуби.

 

ИСТОРИСКИ ПРИМЕРИ

Конечно, војната со санкции против Русија е нож со двојно сечило. Во неа делумно настрадаа и големите економии на ЕУ како Франција, Холандија или Германија, кои имаат традиционални бизнис врски со Москва откако оваа воведе контра-мерки, како забрана за увоз на прехранбени производи од тие земји.

Историјата покажува дека сами по себе санкциите ретко кога ја менувале политиката на државата против која биле наложени. А, доколку е така, како со примерот на Русија, тие секогаш се проширувале и заострувале и тоа се правело постепено, но со константна упорност сѐ додека ситуацијата не се измени. Така беше и со санкциите на САД и меѓународната заедница против Исламската Република Иран или Ирак на Садам Хусеин, но и против Либија на Гадафи. Тие ембарга донекаде беа успешни и го менуваа однесувањето на засегнатите режими, сè додека некои, поради крајната беда и истоштеноста на нивните народи, не беa збришани од масовни народни револуции, или воени интервенции, како алтернатива на санкциите.

Но, има и многу поголеми инаетчии, како Северна Кореја, Сирија или Зимбабве, кои своите политики не ги менуваат под каков и да било притисок од санкции. Тешко е да се поверува во тоа, но Македонија не може и не смее да застане во нивно друштво.

Интересно е да се види колку под закана од санкции ќе издржи инаетливоста на дуото Иванов-Груевски.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција