Евтинија и бедни луѓе

Нееднаквоста во светот е застрашувачка. Најмалку 80 проценти од човештвото живее со помалку од 10 долари на ден, 25.000 деца секојдневно умираат како последица на сиромаштијата, 12,3 милиони луѓе се жртви на присилна работа, 186 милиони луѓе се невработени и приближно една милијарда луѓе влегоа во 21 век неписмени. Македонија не е имуна на ваквите состојби. И кај нас се отсликуваат светските трендови во поглед на сиромаштијата и социјалната исклученост. Според некои процени на ООН, околу 50 отсто од населението на РМ живее во некаков вид сиромаштија. И додека стапката на сиромаштија е висока на целата територија на Република Македонија, некои социјални групи се несразмерно повеќе изложени на сиромаштија отколку други. (Прирачник на Македонската платформа против сиромаштија)

5268436169_9d3c0d4449_z
United Nations Development Programme in Europe and CIS

 

Пишува: Гоце Ристовски, м-р по културологија

Колку македонските медиуми посветуваат внимание на сиромаштијата, еден од главните проблеми на современиот свет, заради кој Обединетите нации го прогласија 17 октомври како Светски ден за борба против сиромаштијата?

„Медиумите известуваат безлично, преку бројки, и не отвораат јавна дебата, што им е задача“.

Тоа е заклучок од истражувањето за медиумската слика за сиромаштијата, како и сиромашните и социјално исклучени групи во земјите во регионот, што го организираше Отсекот за медиумски студии од Нови Сад, во рамките на проектот „Медиумскиот дискурс за сиромаштијата и социјалната исклученост“, реализиран под покровителство на швајцарската Регионална програма за поддршка на истражувањата од областа на општествените истражувања на Западен Балкан. Учествуваа научници од универзитети во Скопје, Сараево, Бања Лука, Подгорица, Ниш, Белград и Нови Сад.

 

Знаеме ли колку сме сиромашни?

Според Светската банка крајна сиромаштија е кога човек живее со помалку од еден долар на ден. Во 2001 година една милијарда и сто милиони луѓе во светот биле крајно сиромашни. Знаеме ли колкав процент од населението во Македонија живее под границите на сиромаштија? Даваат ли резултати стратегиите што ги носи државата за решавање на сиромаштијата? Зошто медиумите не се обидуваат да го истражат тоа?

Годинава во мај во Скопје се одржа третата дебата „Квалитет на животот“ во организација на Балканската истражувачка мрежа Македонија во партнерство со Центарот за граѓански комуникации, како дел од програмата на УСАИД за зајакнување на независноста на медиумите во Македонија.

Новинари и претставници на невладини организации отворено говорea за проблемите во македонското општество – истакнуваjќи ја високата стапка на сиромаштија и невработеност, злоупотреба на минималната плата, условите за живот во руралните средини, демографијата и несразмерниот регионален развој.

И претставници на невладини организации и новинари се согласија дека постојните стратегии кои ги носи државата за решавање на овиe прашања претежно остануваат на хартија без сериознa имплементација.

Сиромаштијата се мери со норми на определено општество според кои се дели на беда или апсолутна сиромаштија, релативна сиромаштија, пауперизам и нова сиромаштија. Каков заклучок можеме да донесеме врз основа на медиумите? Дали Македонија е сиромашна или богата земја. Како живеат граѓаните на нашата земја, во беда или во изобилие?

Македонија е трета по ред најсиромашна земја во Европа“, покажаа најновите податоци на европската статистичка канцеларија Еуростат. Стандардот на просечениот Македонец изнесува само 35 отсто од стандардот на Европеецот. Живееме нешто подобро од граѓаните во Босна и Херцеговина и Албанија, а на исто ниво со Србите.

Ако е така десет проценти од населението живее под границите на сиромаштијата, како што е во Србија.

 

„Сиромаштијата е најлоша форма на насилство!“ – Махатма Ганди

Сиромаштијата и социјалната исклученост не подразбираат само економска зависност туку, воедно, претставуваат и грубо кршење на човековите права. Луѓето кои немаат приходи и средства, се чувствуваат исклучено од јавниот и од социјалниот живот. Сиромаштијата создава круг во кој се нарушуваат човековите права во поглед на животните услови и стандарди, а последиците се недоволни приходи, несоодветно образование, здравство, домување, отежнат пристап до јавните услуги, намалено учество во социјалниот и во политичкиот живот во општеството итн. (Прирачник на Македонската платформа против сиромаштија)

Користејќи стандардни тестови, научниците откриле дека финансиските грижи се причина  и за намалување на коефициентот на интелигенција (IQ) за 13 поени, што е еднакво на падот на интелектуалните способности поради хроничен алкохолизам или цела непроспиена ноќ. Научниците сметаат дека тоа може да објасни зошто сиромашните луѓе почесто грешат или донесуваат лоши одлуки кои само ја влошуваат нивната финансиска состојба. („Шокантни резултати од студија…“)

Меѓутоа, на новинарите и медиумите во Македонија сиромаштијата не им е примарна тема и најчесто ѝ пристапуваат од аголот на статистиката и државните органи, многу поретко од аголот на самите луѓе кои имаат проблем. Така, на пример, во текстовите  „Топол дом“ усреќи уште едно семејствоМинистрите Спасов и Ристовски со експресна реакција за семејството Бајрам не само во насловот, туку и во поднасловите се потенцира придонесот на министри, градоначалници, директори на социјални институции. Врамувањето на текстовите, од агол на нагласка на одговорноста и хуманоста на владините функционери, грижата за ранливите групи,  го надополнуваат и фотографии на кои доминираат министрите.

 

Секој Македонец создава по 3.630 евра годишно, со што се вбројува во групата најсиромашни земји

„Но, дека состојбата во Македонија е загрижувачка покажуваат и последните податоци. Статистиката веќе регистрираше раст на трошоците за 3,4 отсто, а синдикалците измерија повисока потрошувачка кошница. Според априлските мерења на Сојузот на синдикатите на Македонија, на едно семејство месечно му се потребни 32.518 денари за основни продукти за преживување, што е за 500 денари повеќе од лани. Во Македонија во првиот квартал од годинава се навести благ оптимизам и раст на БДП од 2,9 отсто. Пресметано, секој Македонец создава по 3.630 евра годишно, податокот што земјава ја вбројува во групата на најсиромашни земји.“ „Македонија е трета по ред најсиромашна земја во Европа

Македонија е трета најсиромашна земја во Европа и според прилогот објавен на Телма, написите објавени на порталите  Кирилица, Плусинфо, Скај и други.

И додека за едни медиуми и новинари Македонија е „бронзена“ во однос на сиромаштијата во Европа, за други Македонија е меѓу земјите со најниски цени во Европа.

„Македонија, заедно со Србија, Бугарија и Албанија се земјите на стариот континент каде се живее најефтино, односно во овие три земји има најниско ниво на цени во споредба со европскиот просек, покажува европската статистика, преку својот извештај објавен на Еуростат.“ („Македонија со најниски цени во Европа“)

Со ист наслов „Македонија со најниски цени во Европа“ и на идентичен начин се „анализира“ извештајот на Еуростат и на други портали. И сега, треба ли читателите, македонските граѓани, да се радуваат оти живеат во „евтина“ држава или да „кукаат“оти живеат во сиромашна земја? Што ќе рече, зошто еден ист извештај е проценет различно и кој е во право?

Различен е аголот на гледање на едните и другите текстови, нивниот фокус и перспектива. Поинаку кажано, различно се врамени, со што покажуваат „на која страна се“.

Постојат многу фактори што покажуваат колку некоја земја е сиромашна или развиена. Во прв ред тоа е БДП (бруто домашниот производ). Развиените земји (Норвешка, Канада) имаат висок БДП додека неразвиените (Малави, Етиопија) имаат многу ниски показатели.

Иако во Македонија се навести благ оптимизам и раст на БДП од 2,9 отсто, секој Македонец создава по 3.630 евра годишно,  што земјава ја вбројува во групата на најсиромашни земји. („Македонија е трета по ред најсиромашна земја во Европа“) За жал медиумите тоа само срамежливо го признаваат или го игнорираат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција