Фајзер не произвел вакцина што ќе може да се пуши како цигара
Постот се темели на информации извадени од контекст и прикажани во видео кое повикува на антивакцинален избор на граѓаните – базиран не на факти и докази, туку на погрешни интерперетации на легитимни видео материјали. Не е вистина дека вакцинирањето е монтирано и исценирано. Не е точно дека Фајзер произвел вакцина којашто ќе може да се инхалира како да е цигара и тоа во Кина и не е точно дека шприцевите се невидливи, туку тие се безбедносни и во употреба над една декада
Не е првпат во македонскиот етер на Фејсбук да бидат пласирани содржини со антивакцинална суштина, меѓутоа во панедемијата со коронавирусот забележлив е тренд да се мешаат истите и со верските чувства и верската припадност на граѓаните. Таков е и постот што го рецензирме, а кој покрај текстуалниот дел во кој што се наведуваат граѓаните да не се вакцинираат, се дезинформира дека станува збор за голема измама и се повикува видеото да досегне што поголем број на „верни чеда на Православната црква“. Она, во што авторот на овој пост сака читателите да поверуваат е дека пандемијата е измислена и дека зад неа стојат ,,сатанистите”.
Видеото што е приложено кон постот, всушност, претставува компилација на сегменти од различни видеоматеријали и фотографии. На видеоматеријалите е претставена вакцинацијата на политичкиот врв на САД, но и на други јавни личности, а на фотографиите е прикажана наводна фајзерова вакцина, во пакување на кое се тврди дека таа е произведена во Кина.
Конкретната фотографија, во 12-тата секунда од видеото, е монтажа. Претставена е наводна вакцина против ковид-19 за која се тврди дека е од производителот Фајзер. Фајзер никогаш нема пуштено во продажба вакцина која ќе се инхалира како да е цигара, како што лажно сугерира монтираната фотографија. Фотографијата се ширеше на интернет во хумористичен контекст, како сатира, меѓутоа во постот кој го рецензираме, даден ѝ е сериозен наратив.
Понатаму во видеото се тврди дека вакцините се администрираат со игли кои што, всушност, ги нема, односно се сугерира и имплицира дека станува збор за лажно вакцинирање, а оние кои се вакцинираат се претставени како глумци.
Како што претходно пишувавме, станува збор за безбедносни игли и шприцови.
Безбедносните игли се користат нашироко во медицината повеќе од 10 години. Тие го заштитуваат медицинскиот персонал и пациентите од повреди и од инфекции.
Вакцинирањето преку вакви шприцеви е одобрено од Светската здравствена организација, се користи подолг период, нема никакво влијание врз количеството вакцина што некој ја прима и не се разликува од вакцинирањето со традиционална игла.
И покрај тоа што јавното вакцинирање на политичарите и на други јавни личности, чии видеа се користат во овој пост, се прави за јавноста да стекне доверба во целиот процес на вакцинација и да се охрабри да се имунизира, во конкретниот случај тие видеа се злоупотребени со лажен наратив, за да се добие лажен впечаток дека вакцинацијата е монтирана, исценирана, затоа што погрешно и без сознанија се толкуваат иглите кои, всушност, не исчезнуваат, туку се повлекуваат за да се спречи инфекција за медицинскиот работник кој ја администрира дозата.
Во видеоматеријалот се тврди и дека Ненси Пелоси, од Претставничкиот дом на САД, ја примила вакцината со капачето наводно неизвадено од иглата. Со ова се инсинуира дека таа не ја примила вакцината и дека станува збор за некаква глума или манипулирање на јавноста. Меѓутоа, иглата постои на крајот од шприцот, а тоа за кое што се тврди дека е капаче, всушност е дел од шприцот кој се вика needle hub и е лоциран пред шприцот.
Оваа фотографија на Ројтерс јасно покажува дека Пелоси примила ковид-19 вакцина од страна на доктор Брајан Монхан, лекар во Конгресот на САД во нејзината канцеларија во Вашингтон на 18 декември 2020 година. На фотографијата на Гети Имиџис (gettyimages.co.uk) се гледа дека има игла.
Следствено, постот се темели на информации извадени од контекст и прикажани во видео кое повикува на антивакцинален избор на граѓаните – базиран не на факти и докази, туку на погрешни интерперетации на легитимни видео материјали. Не е вистина дека вакцинирањето е монтирано и исценирано. Не е точно дека Фајзер произвел вакцина којашто ќе може да се инхалира како да е цигара и тоа во Кина и не е точно дека шприцевите се невидливи, туку тие се безбедносни и во употреба над една декада.
Со ваквите постови се манипулира јавното мислење и се доведуваат граѓаните во заблуда, со цел да се влијае на нивниот личен избор дали ќе се вакцинираат или не. Ваквата одлука е индивидуална и таа треба да биде донесена врз основа на факти и точни информации.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар