Фактите контра Груевски – Опозицијата не е кочничар на економските реформи

Според Никола Груевски, опозицијата е главен извор на препреки во економските процеси во државата и генератор на кризи Фото: Принтскрин

Обвинувањето на опозицијата дека преку Собранието се обидува да ги спречи економските реформи и да предизвика опаѓање на економскиот раст вопшто не соодветствува на реалноста и истото може да се протолкува како генерализација за која неможе да се пронајде ниту еден конкретен аргумент од работата на последниот парламентарен состав.

 

Со оглед на таа политичка криза можам да кажам дека остварувањето на оваа прогноза ќе биде одлична работа за земјата, која практично и најверојатно ќе биде најдобра или една од најдобрите во регионот. Ќе бидам задоволен и среќен доколку годинава се заврши со раст од 3,7 проценти, имајќи предвид дека нашите политички опоненти прават се што можат тоа да го спречат. Имаме политички опоненти кои наместо со нас да се натпреваруваат со идеи, со дела, или или со решенија за проблемите, тие се натпреваруваат со тоа што ќе не закочат, ќе предизвикаат кризи, за да се намали економскиот раст во земјата, да се стопираат одредени реформи, некои закони ако може што подоцна да се изгласаат во Парламентот (Никола Груевски)

[Извор: МИА, Датум: 10.06.2016]

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Поранешниот претседател на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на 10.06.2016, при посетата на хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, од позиција на лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, коменирајќи ги прогнозите на Светската банка за раст на македонската економија во 2016 година од 3,7 проценти, ја идентификува опозицијата како главен извор на препреки во економските процеси во државата и генератор на кризи, и тоа со цел да се предизвика намалување на економскиот раст. Според Груевски, дел од политичкото поведение на опозицијата насочено кон стопирање на економските реформи на власта е и пролонгирањето на донесувањето на одредени закони во Собранието. Ваквите  тврдења на Груевски  се невистинити.

Обвинувањето дека  опозицијата  преку Собранието се обидува да ги спречи економските реформи и да предизвика опаѓање на економскиот раст вопшто не соодветствува на реалноста и истото може да се протолкува како генерализација за која неможе да се пронајде ниту еден конкретен аргумент од работата на последниот парламентарен состав.

Како примарно, опозициските партии од коалицијата предводена од СДСМ не партиципираа во работата на Собранието кое се конститура по парламентарните избори од  27 април 2014 година, се до 1 септември 2015 година, кога како резултат на договорот од Пржино го прекинаа бојкотот и се вратија во пратеничките клупи. Во овој период, физичкото отсуство од пленарните и комисиски расправи на опозициските пратеници од коалицијата на СДСМ, не може на ниту кој било  начин да се протолкува како политичко однесување, за што зборува Груевски, кое предизвикало пролонгирање на донесување на одредени закони важни за економските реформи.

Во овој период  во  парламентот  опозициски  дејствуваа  десет  пратеници,  седум  од  ДПА и тројца од опозициската коалиција на СДСМ кои одлучија да ги прифатат мандатите и да не ја почитуваат одлуката за бојкот. Но и во нивното парламентарно работење не може да се идентификуваат активности, како долги дебати, поднесени голем број на амандмани на законски решенија од економската сфера, кои предизвикаа продолжување на временскиот период на носење на одлуките од страна на владејачкото мнозинство, кое во тој момент располагаше со 82 пратенички мандати(ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ГРОМ).

Во тој распоред на парламентарните сили, пратениците од владејачкото мнозинство  беа доминантни  во дискусиите.

Во Анализата на квалитетот на диксусијата во Собранието јуни 2014 – мај 2015 година, подготвена од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) се вели:

Според  политичката  припадност  на  говорниците  80%  од  вкупните  дискусии отпаѓаат на пратеници кои се дел владејачкото мнозинство, а 20% на  пратеници  од  опозицијата (стр 27).

Оваа димика на учество во парламентарните дискусии на опозициските пратеници кои не се дел од коалицијата на СДСМ немаше никакви репрекусии врз динамиката на носењето на законските решенија. Во публикацијата на Собранието „Мојот   пратеник”, со која јавноста се информира за работата на пратениците, за периодот мај- декември 2014 година, овој распоред на силите во парламентот учествувал во донесување на вкупно 84 закони од економската област. Во првите шест месеци од 2015 година, период кога опозцијата се уште е надвор од Собранието, се донесени уште 102 закони од економската област, додека пак во втората половина(јули-декември) на истата година, кога во работата на Собранието се вклучуваат и опозициските пратеници, се донесени 212 закони од економската област. Овој период на опсервација на динамиката на донесување на закони не е периодично поделен, пред и по 1 септември 2015 година – моментот на враќање на опозицијата, но според Извештајот за работа на Собранието во 2015 година може да се забележи дека најавеното враќање на опозицијата собраниското мнозинство го искористи за два месеци, во јули и август, да донесе 248 закони, измени и дополнувања на закони и дополнувања на закони(со вклучувањето на опозицијата во работата до крајот на годината се донесени уште 148 законски решенија). Иако во Извештајот прецизно не се евидентирани законските решенија кои директно ја тангираат економската сфера, сепак е доволен индикатор за непреченото реализирање на намерите на владејачката коалиција за преточување на одредени идеи или проекти од економска природа во законски решенија.

За тоа дека во работата на Собранието не може да биде идентификувано политичко однесување на опозицијата кое би можело да биде протолкувано како опструкција или попречување на намерите на владејачката коалиција за реализација на економски реформи преку законски решенија зборуваат и податоците за донесувањето на закони и по скратена постапка. Во периодот од 10.05 до 31.12 2014 година(Извештај за работата на Собранието на Република Македонија за периодот 10.05.2014 – 31.12.2014) околу 40 отсто од 155-те закони се донесени по скратена постапка, односно во редовна процедура биле донесени 96 закони, додека по скратена постапка 59. Оваа пракаса се интизивира во 2015 година, кога од вкупно 574 закони повеќе од половина биле донесени по скратена постапка одосно 234  во редовна постапка и 339 во скратена постапка.

Враќањето на опозицијата доведе до зголемување интензитетот на собраниските дискусии, што се констатира во Првиот квартален извештај од набљудување на квалитетот на дебатата во Собранието септември – ноември 2015 на Институтот  за  демократија  „Социетас  Цивилис“ –Скопје  (ИДСЦС), кој го следи квалитетот на дебатата во Собранието.

Нагло зголемување на интензитетот на  собраниските дискусии како последица на враќањето на опозицијата – се вели во Изветајот на ИДСЦ (стр 6.)

Според ова, прекинот на бојкотот на Собранието од страна на опозициската коалиција предоведена од СДСМ, иако доведе до интензивирање на дискусиите, сепак истото, како што покажуваат и податоците во Извештајот за работа на Собранието во 2015 година, не може да се протолкува како извор на опструкции во донесувањето на законските решенија од економската сфера. Практично, ова зголемување на интензитетот во собранските дискуси се одвива во рамките на ограничувањата утврдени во Деловникот на Собранието, според кој  говорите   на   собраниските   седници   се   ограничени на 10 минути, репликите на 3 минути, а контра-репликите 1 минута. Исклучок од  ова  правило  се  седниците  на  кои  се  расправа  за  Буџетот  во  Комисијата  за  финансии  и  буџет  на  кои  членовите  на  работното  тело  во  текот  на  општиот  претрес  можат  да  говорат  повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути.

Иако, во моментов не постојат јавно објавени официјални податоци за динамиката на донесување на законски решенија од почетокот на 2016 година, освен тоа дека е нотирано „намалување на интинзитетот на дискусиите“ во Собранието(ИДСЦС: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието декември 2015 – април 2016, стр. 2) погоре изнесената аргументација за работењето на Собранието, надополнета со отсуството на пракса на блокирање на законски решенија од економската сфера преку поднесување на голем број амандмани, е доволна за оценување на изјавата на Груевски во која опозицијата ја обвинува за опструкции на економските процеси преку Собранието како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Стојанче Манев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.