Фаучи не одговара за „пландемија“ ниту за „злосторства против човештвото“
Фаучи не е фашист, ниту пак одговара за „ковид пландемија“ и „злосторства против човештвото“. Светската здравствена организација минатата година објави дека теоријата за природно потекло на вирусот, односно дека тој се пренесува од животни на луѓе, е „најдобро поткрепена“ идеја од достапните докази, но дека сè додека не се појават повеќе информации, прашањето не може да се одговори.
Фаучи не е фашист, ниту пак одговара за „ковид пландемија“ и „злосторства против човештвото“. Светската здравствена организација минатата година објави дека теоријата за природно потекло на вирусот, односно дека тој се пренесува од животни на луѓе, е „најдобро поткрепена“ идеја од достапните докази, но сè додека не се појават повеќе информации, прашањето не може да се одговори
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Фашистот Фаучи одговара пред сенатот после 6 години од ковид пландемијата за злосторства против човештвото.
Во склоп на објавата има видео на кое сенаторот Берни Морено од државата Охајо им се обраќа на присутните на сослушувањето на поранешниот главен советник за здравство на американскиот претседател Џо Бајден во текот на пандемијата со ковид-19, Ентони Фаучи во Сенатот:
Ве молам, дали може да станат оние од публиката кои за време на пандемијата на ковид беа нарекувани расисти затоа што го нарекуваа вирусот ’вирус од Вухан‘ или ’кинески вирус‘? Оние кои сметаа дека правилото за држење растојание од шест стапки (околу 1,8 метри) е чиста глупост. Оние кои сметаа дека не треба да ја примат вакцината. Оние кои сметаа дека начинот на кој се спроведуваше политиката за носење маски беше скандалозен. Оние кои добија отказ од работа бидејќи не се вакцинираа, вклучително и припадници на војската. Оние кои сметаа дека затворањето на училиштата беше катастрофално глупав потег и дека поради изнесувањето на такви ставови беа третирани како помалку вредни луѓе. Д-р Фаучи, дали може само да се свртите и да ги погледнете луѓето зад вас? Не сакате да го направите тоа, рече сенаторот Морено.
Не е точно наведеното во објавата дека Фаучи е фашист, дека пандемијата со ковид-19 била „пландемија“, ниту пак дека Фаучи „одговара за злосторства против човештвото“. Сослушувањето во Сенатот беше за потеклото на пандемијата, а не за да се спори дали таа постоела или не, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме. Исто така, не се работело за „пландемија“ термин за наводна планирана пандемија што циркулираше во дезинформациските наративи наназад со години.
Пред околу една недела републиканскиот сенатор Ренд Пол ги објави записите од дневникот на Фаучи од ерата на пандемијата, во кои тој размислувал за потеклото на ковид.
Записите ја одразуваат отвореноста на почетокот на пандемијата кон две можни теории за потеклото на ковид, вклучувајќи природно потекло и протекување од лабораторија, пред Фаучи да биде сè поубеден дека вирусот имал природно потекло. Подоцна, тој пишува дека „е речиси сигурен дека вирусот еволуирал природно“ иако останува отворен за можноста дека имало лабораториско протекување.
Во својата изјава пред Сенатот, Фаучи рече дека Пол кој претседаваше со сослушувањето, имал „очигледна опсесија“ со негово гонење и тоа го навело Фаучи да одбие да одговара на прашањата и да го искористи своето право на петтиот амандман од Уставот на САД.
Единствениот заклучок што можам да го донесам е дека единствената причина зошто ме повикува пред овој комитет е да ме натера да кажам нешто – што било – што би можело да ги оправда неговите повторени јавни ветувања дека ќе завршам, според неговите зборови, „зад решетки“, рече Фаучи.
Потеклото на пандемијата е предмет на силна дебата во САД.
Светската здравствена организација (СЗО) минатата година објави дека теоријата за природно потекло на вирусот, односно дека тој се пренесува од животни на луѓе, е „најдобро поткрепена“ идеја од достапните докази, но сè додека не се појават повеќе информации, прашањето не може да се одговори.
Во еден запис од февруари 2020 година, во кој се дискутира за конференциски повик помеѓу научници за ковид, Фаучи вели дека лекарите немале „целосен договор“ за тоа од каде потекнува вирусот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Фаучи не е фашист, ниту пак одговара за „ковид пландемија“ и „злосторства против човештвото“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар