Фејсбук пост дезинформира дека руската вакцината се набавува преку Србин со полициско досие
Тврдењето во постот дека македонските власти за посредник при набавка на вакцината Спутник V именувале Србин кој живее во Швајцарија и кој има полициско досие во Србија, е невистинито. Ова беше демантирано и од Руската амбасада во Скопје и од Министерството за здравство од каде што нагласуваат дека набавката на вакцината се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва
Тврдењето во постот дека македонските власти за посредник при набавка на вакцината Спутник V именувале Србин кој живее во Швајцарија и кој има полициско досие во Србија, е невистинито. Ова беше демантирано и од Руската амбасада во Скопје и од Министерството за здравство од каде што нагласуваат дека набавката на вакцината се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва
Објава на социјалната мрежа Фејсбук ја дезинформира јавноста за тоа како македонските власти ја набавиле руската валцина Спутник V . Во постот се тврди дека „Владата во Скопје молчи за најновиот потенцијален скандал“, а во поткрепа на ова е линкуван текст со наслов: „Македонија чека вакцини од швајцарски Србин со полициско досие“.
Но, ваквото тврдење искажано во насловот и во постот не е точно. Истото беше деменатирано од два извора – од Министерството за здравство и од Руската амбасада во Република Северна Македонија.
Написот повикувајќи се на телевизијата „ Ал Џeзира Балканс“ наведува дека
Македонските власти за посредник при набавка на руските вакцини го именувале Никола Лакушиќ, Србин кој живее во Швајцарија и кој има полициско досие во Република Србија.
Текстот пренесува и дека Лакушиќ за телевизијата изјавил оти има договор со рускиот инвестициски фонд со кој гарантира испорака на вакцината Спутник V за Македонија, БиХ, Алжир и Бугарија.
И само врз основа на објавата на „Ал Џезира“, без никаква друга проверка, текстот тврди дека личност со криминално досие во Србија е посредник во набавката на „Спутник“ за Македонија. Потоа истата (дез)информација ја шири и на социјалната мрежа Фејсбук со назнака дека властите „молчат за најновиот потенцијален скандал“.
Набрзо по ваквите објави Министерството за здравство во соопштение до јавноста информираше дека набавката на вакцината Спутник V од самиот почеток се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва и нема никаков посредник во комуникацијата.
Министерството за здравство во целост ги демантира лагите и дезинформациите објавени на неколку медиуми дека Република Северна Македонија преку „посредник – српски државјанин“, ја набавила вакцината против ковид-19, Спутник V производство на рускиот Центар „Гамалеја, се вели во демантот од Министерството за здравство.
Оттаму наведуваат дека првите 3.000 дози вакцини пристигнаа веднаш откако Министерството го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од проиводителот на вакцината Спутник V . Министерството за здравство вели дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против ковид-19.
За набавка на вакцини против Ковид 19, без разлика дали станува збор за Спутник V, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот. Министерството за здравство уште еднаш потенцира дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против ковид-19. Ваквите лажни вести имаат за цел намерно да го нарушат процесот на набавки на вакцини. Министеретсвото за здравство ја цени и поддржува слободата на медиумите, истражувачкото и критичко новинарство, но укажуваме информациите до кои доаѓаат медиумите сериозно да ги проверуваат, како би се избегнало ширење на лажни вести, велат од Министерството.
И Руската амбасада во Македонија ја демантираше веста дека вакцината „Спутник V“ во земјава пристигнува преку посредник:
Амбасадата не ги коментира изјавите на поединечни лица, без оглед на тоа колку се фантастични. Во исто време, земајќи ја предвид посебната важност на ова прашање за граѓаните на Северна Македонија, овој пат ќе направиме единствен исклучок – немаше и нема да има никакви посредници во набавката на вакцини за РСМ: Сите преговори се водеа директно помеѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство, и токму на овој начин беа постигнати конечни договори, велат од руската амбасада во Македонија за ТВ „Сител“.
Имајќи ги предвид демантите од Министерството за здрваство и од Руската амбасада, тврдењето искажано во постот што го рецензираме: „Македонија чека вакцини од швајцарски Србин со полициско досие“, го оценуваме како невистинито.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар