Феноменот „инфодемија“, уште еден ризик покрај пандемијата на корона вирус

Дезинформациите пред сè предизвикаа паника кај граѓаните и, како резултат на склоноста на граѓаните да ги шират сите информации што ги читаат, непроверени и често пати лажни, тие стигнаа до голем дел од јавноста.

Феноменот на „инфодемија“ брзо се распространува во последните неколку недели. Бројни и разни дезинформации се дистрибуираат уште од моментот кога почна известувањето за корона вирусот или КОВИД 19. Поради големиот број дезинформации низ целиот свет, Светската здравствена организација започна со употреба на терминот инфодемија за означување на дезинформациите за корона вирусот кои се дистрибуираат.

Општествата низ целиот свет, покрај борбата против пандемијата на корона вирус, исто така, треба да се борат против инфодемијата, термин што Светската здравствена организација го воведе во употреба за да го објасни објавувањето неточни информации што им го отежнува на луѓето наоѓањето сигурни и доверливи извори и упатства кога тоа им е потребно. Значи, инфодемија е „болест“ што ги има „инфицирано“ информациите со невистини.

Корона вирусот се појави кон крајот на минатата година во градот Вухан, Кина, а заедно со точното известување, на социјалните медиуми беа споделени и многу неточни информации. Дезинформациите се раширија на сите најпопуларни технолошки платформи, заедно со паниката околу вирусот што инфицираше над 400.000 луѓе и уби повеќе од 19.000 луѓе ширум светот. Дезинформациите се дистрибуирани на Фејсбук, Твитер, ЈуТјуб, Вибер, WhatsApp и др.

Во Косово, токму социјалниот медиум како Фејсбук, е меѓу главните извори на информации и дезинформации. Живеевме во време полно со дезинформации и, во последно време, тие се ориентираа уште повеќе кон темата корона вирус, поради големиот интерес на граѓаните ширум светот да дознаат повеќе за овој вирус, било за неговата опасност или за заштитни мерки.

Социјалните медиуми со години се покажаа како несоодветни извори за информации во време на криза и конфузија. Кога има „магла“ во светот на информациите, злонамерните луѓе можат да имаат корист со ширење на разни дезинформации за пандемијата којашто одзема животи секојдневно. Во два и пол месеци од 2020 година, се формирани 4.000 нови веб-страници кои го споменуваат корона вирусот во нивното име и, три проценти од нив се создадени за ширење на дезинформации. Како и да е, најголемата опасност од инфодемијата е ширењето информации од страна на граѓаните на социјалните медиуми.

Во Косово, граѓаните заклучени во своите домови, повеќе од кога и да било, се информираат на Фејсбук. Овој социјален медиум е главен извор во овој карантински период. Покрај вестите за корона вирусот што го добива, граѓанинот е изложен и на огромен број дезинформации. Дезинформации кои, пред сè, предизвикаа паника кај граѓаните и, како резултат на склоноста на граѓаните да ги шират сите информации што ги прочитале, непроверени и честопати лажни, тие стигнаа до голем дел од јавноста. Дезинформации како што се: „Децата се имуни на корона вирусот“; „Постои вакцина против корона вирус“; „Кинеската влада изгради болница преку ноќ“; се дистрибуирани од нашите граѓани, кои воопшто не се свесни за штетата и самите тие станаа дел од манипулацијата.

Да се „дезинфицираме“ од интернет страниците, преземајќи информации само од доверливи извори и секогаш анализирајќи ги со критичко оценување. Во спротивно, ќе придонесеме за ширење на инфодемијата, која што, пред сè, создава паника кај јавноста. Исто како што за пандемијата на корона вирусот од нас се бара да преземеме превентивни мерки, така и за инфодемијата, сите треба да преземеме заштитни мерки со бришење на страници што шират дезинформации, со проверка на информации добиени на социјалните медиуми, со информации или од официјални извори на државни институции или од сериозни медиуми.

Автор: Дрен Гергури – предавач на Катедрата за новинарство / Универзитет во Приштина „Хасан Приштина“

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција