Фијаско или преиспитување на планот за прогресивно оданочување

Фото: needpix

Во 2019 година Владата на СДСМ донесе закон со кој повторно, барем донекаде, го врати прогресивното оданочување. Но, потоа оваа мерка беше повлечена, иако сумите кои се слеваа во буџетот од неа беа мали. Што беа причините за ова и што може да се очекува на овој план во иднина?

 

Во 2019 година Владата на СДСМ донесе закон со кој повторно, барем донекаде, го врати прогресивното оданочување. Но, потоа оваа мерка беше повлечена, иако сумите кои се слеваа во буџетот од неа беа мали. Што беа причините за ова и што може да се очекува на овој план во иднина?

 

Пишува: Рада Исовска-Маневска

 

Владата на крајот од минатата година го стави во мирување прогресивниот данок на личен доход по неколкумесечна примена и го врати рамниот данок. Тоа се случи токму кога беше сменет и министерот за финансии, кој стоеше зад овој проект на социјалдемократите, Драган Тевдовски. Одлагањето се случи на еден месец пред да почне да се применува ваквото оданочување на големите штедни влогови во банките и на капиталните добивки.

Министерката за финансии Нина Ангеловска го оправда со фактот што резултатите од направената анализа се дека прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Владата останува на ставот дека прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во системот, дека може да даде добри општествени ефекти и да резултира со поправедно општество. За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите кај сите нас. Затоа, не станува збор за укинување на прогресивниот данок туку за ставање во мирување, соопшти наследничката на Тевдовски, Нина Ангеловска.

Таа најави и дека се подготвуваат измени кои ќе дадат подобри резултати по три години.

Уделите од инвестициските фондови кои со сегашното решение беа изоставени, ќе се вклучат во оданочувањето. Се воведуваат две даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15 проценти за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10 проценти со која ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од 1 до 10 години. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отворање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда, појасни Ангеловска.

Прогресивниот данок на личен доход беше воведен со стапка од 18 отсто, на праг од 90.000 денари, односно за доход до овој праг се плаќа персонален данок на доход од 10 отсто, а сумата над овој праг се оданочува со повисоката даночна стапка.

Во својата програма СДСМ (страна 16 и 17) и владата воведувањето на прогресивниот данок го ставија како еден од главните столбови со цел да се надмине нерамномерната распределба на богатството во земјава, состојба на која со години социјалдемократите ставаа забелешки. Преку него ја најавија и својата програма враќање на средната класа.

Најдоходовните еден отсто од луѓето во Македонија заработуваат 14,4 отсто од вкупниот доход во државата, што е највисоко од сите европски земји за кои постојат вакви податоци. Тоа значи дека најдоходовните 1 отсто заработуваат 14,4 пати повеќе од просекот, односно 4.486 евра месечно, наспроти 311 евра, колку што изнесува просекот. Истовремено, 21,9 отсто од населението во Македонија е сиромашно, што повторно е едно од највисоките нивоа во Европа, напишаа социјалдемократите во програмата.

Воведувањето праведен, односно прогресивен данок беше најавен како одговор на ваквата состојба.

Со праведниот данок би се намалила нееднаквоста во државата и би се прибрале дополнителни средства во државниот буџет за намалување на сиромаштијата и за подобрување на јавните услуги. Доходот од камати на орочените депозити моментално не се оданочува во Македонија. Сите земји на ЕУ, со исклучок на Естонија, ги оданочуваат и каматите. Освен доходот од камати, во Македонија не се оданочува ни доходот од капитални добивки од хартии од вредност, сметаа тогаш социјалдемократите.

Тие објаснуваа дека кај доходот од имот, околу 38 отсто завршува кај најдоходовните 1 отсто и дека најконцентриран е доходот од капитал, каде што повеќе од 90 отсто од доходот завршува кај најдоходовните 1 отсто од населението.

Повлекувањето од пропорционалниот модел на оданочување или ставањето во мирување на примената на прогресивниот данок на личен доход беше поздравено од бизнисот, но од луѓето кои го воведоа прогресивното оданочување беше потег кој ја оддалечил СДСМ и Владата од социјалдемократскиот пристап.

Драган Тевдовски, кој како министер за финансии го воведе прогресивното оданочување ги повика пратениците од СДСМ да не гласаат за одлагање на примената на Законот, бидејќи тоа е спротивно на социјалдемократските идеи.

Советникот на екс-министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ, пак, наведе 5 причини поради кои, според него, Владата не смее да го одложи оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност и доходот од камати:

  1. Со одложувањето би се пратила јасна порака дека ВЛАДАТА РАБОТИ ЗА БОГАТИТЕ.
  2. Со одложувањето СЕ ОДИ СПРОТИВНО НА ПРАКСИТЕ ВО ЕУ.
  3. Оданочувањето на доходот од камати се однесува само на ИЗНОСОТ НА КАМАТИ КОЈ НАДМИНУВА 250 ЕВРА годишно.
  4. Со одложувањето на оданочувањето, државата ќе остане без неколку милиони евра приходи во буџетот, што значи ќе има НЕКОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА ПОМАЛКУ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ, ЗДРАВСТВО и други јавни услуги.
  5. Натамошно одложување на оданочувањето НИТУ ЌЕ ЈА ЗАЖИВЕЕ БЕРЗАТА, НИТУ ЌЕ НАПРАВИ БАНКИТЕ ДА ДАВААТ ПОПОВОЛНИ КРЕДИТИ.

Дали социјалдемократите ќе се вратат на оваа идеја по три години ќе се знае по завршувањето на предвремените парламентарни избори во април следната година. Но, сега е јасно дека тие со или без позначајна анализа го одложија најголемото ветување на кое можеби добија и добар дел од гласовите на последните предвремени парламентарни избори.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција