Филипче можеби е протеже на Заев, но кредибилноста му ја даваат членови на партијата
ВМРО-ДПМНЕ сепак не кажува дека резултат за Филипче е дупло подобар од минатогодишното гласање кога Филипче беше избран за в.д. претседател. Имено тогаш учествуваа само околу 13 илјади членови од кои околу 9 илјади гласале за Филипче. На овие внатрепартиски избори според СДСМ, учествувале околу 24 илјади членови на СДСМ, при што Филипче добил околу 18 илјади гласа, од кои само нешто над стотина биле неважечки
ВМРО-ДПМНЕ сепак не кажува дека резултат за Филипче е дупло подобар од минатогодишното гласање кога Филипче беше избран за в.д. претседател. Имено тогаш учествуваа само околу 13 илјади членови од кои околу 9 илјади гласале за Филипче. На овие внатрепартиски избори според СДСМ, учествувале околу 24 илјади членови на СДСМ, при што Филипче добил околу 18 илјади гласа, од кои само нешто над стотина биле неважечки. Или над 76 отсто од активно регистрираните. Ова значи дека внатре меѓу членството Филипче го подобрил рејтингот и освоил за 50 отсто повеќе гласови од пред помалку од една година
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое се коментира реизборот на Венко Филипче на чело на СДСМ може да се оцени како недоследно:
По дебаклот што се случи на изборите денес во СДС, на кои што имаше само еден кандидат, а тоа беше поттрчкото на Заев, Венко Филипче, тој освои 18 илјади гласови.
За трагедијата да биде уште поголема, регистрирани беа 23.712, а само 18 илјади членови го подржаа Филипче. Тоа само зборува дека Филипче нема кредибилитет во СДС.
Само 18 илјади луѓе сметаат дека Венко треба да ја води СДС. Истиот Венко, кој не одговараше за модуларна болница, за набавката на КОВИД вакцини од фантом фирма Старби, кој лажно вакцинираше член на фамилијата за ПР, работеше за богатење на неговиот ментор Заев кој сега гради згради по Дубаи.
Филипче е поставен директно од Заев, за да работи за негови интереси, а знаеме дека интересите на Заев, се предавства за Македонија...
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение: Датум – 06.04.2025]
Образложение:
Владеjачката ВМРО-ДПМНЕ недоследно го комуницира со јавноста изборот на Венко Филипче на челното место во СДСМ со тоа што немал кредибилитет и дека е продолжена рака на претходниот лидер Зоран Заев чии интереси биле лично богатење и предавства за Македонија. Зошто е ова недоследно?
Од аспект на постојаните вакви тврдења од ВМРО-ДПМНЕ е секако доследно. Но, од аспект на повикување на кредибилитет со бројката што се регистрирала и излегла да гласа за Венко Филипче како единствен кандидат, тоа е се разбира недоследно, затоа што, исто како и на парламентарни или други избори, излезноста не е директен показател на кредибилноста или легитимитетот.
Наведувајќи ги бројките, ВМРО-ДПМНЕ сепак не кажува дека ваквиот резултат за Филипче е дупло подобар од минатогодишното гласање кога Филипче беше избран за в.д. претседател. Имено тогаш учествуваа само околу 13 илјади членови од кои околу 9 илјади гласале за Филипче. На овие внатрепартиски избори според СДСМ, учествувале околу 24 илјади членови на СДСМ, при што Филипче добил околу 18 илјади гласа, од кои само нешто над стотина биле неважечки. Или над 76 отсто од активно регистрираните. Ова значи дека внатре меѓу членството Филипче го подобрил рејтингот и освоил за 50 отсто повеќе гласови од пред помалку од една година. Тоа што бројките се далеку под времето кога Заев беше избран на директните избори во 2021 година, кога активно регистрирани имаше околу 70 илјади, а за Заев гласаа околу 60 илјади илјади, тоа само зборува за загубениот рејтинг на оваа партија кај вкупното нејзино членство по поразот на ланските парламентарни избори, а не за легитимитетот и кредибилитетот на Филипче во партијата со вчерашните бројки на гласање.
Недоследност има и во тврдењата за одговорноста на Филипче за модуларната болница, за ковид вакцините и за тоа дека работел во интерес на лично богатење на Заев, чии интереси биле предавствата на Македонија, итн. Сите овие тврдења можеби имаат некаква основа, но сите заедно се само празна политичка реторика додека не добијат потврда во некоја правосудна постапка, вклучувајќи и важечки судски пресуди, за што впрочем сме пишувале.
Оттука, Филипче можеби е протеже на Заев, можеби е ваков или онаков, но за неговиот кредибилитет и легитимитет во СДСМ сепак решаваат членовите на партијата на директни партиски избори, единствени од тој тип во државата. Поради ова, како и поради слични такви тврдења во минатото и за Христијан Мицкоски (демек продолжена рака на Никола Груевски, кои беа и лично негирани од Груевски во нивната кавга од 2023 година) – ваквиот комуникациски став на ВМРО-ДПМНЕ може да се оцени како недоследен.
Извори:
- (06.04.2025) ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – [Проверено на 07.04.2025]
- (06.04.2025) СДСМ – Изјава/избори/резултат – [Проверено на 07.04.2025]
- (11.11.2018) СДСМ – Пионот Мицкоски, продолжената рака…– [Проверено на 07.04.2025]
- (21.09.2023) А1Он – Груевски повика членството да не му верува… – [Проверено на 07.04.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар