Филипче не најави дека пациентите со Ковид 19 ќе плаќаат, туку дека ќе се ослободат од партиципација

[Рецензија: НИЗОК УДАР ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЗА ЛЕКУВАЊЕ ОД КОРОНА ВИРУС, најави Филипче]

Понекогаш, кога еден медиум ќе пренесе неточна информација, односно кога ќе направи грешка, особено кога тоа е кредибилен и релевантен медиум како Македонската информативна агенција (МИА), неточната информација верижно се пренесува и од други медиуми претплатени на услугата на МИА. Таков е примерот и со написот што е предмет на оваа рецензија. Во овој случај, текстот што првично е објавен на МИА, а потоа по увидената грешка е избришан, пренесен е и од други медиуми кои ги добиваат нивните текстови преку електронска пошта. Дополнително, „Вечер“, откако го презел текстот од МИА, додал и коментаторски дел во насловот:„низок удар”.

Линк до оригиналниот напис: НИЗОК УДАР ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЗА ЛЕКУВАЊЕ ОД КОРОНА ВИРУС, најави Филипче

Датум и време на објавување: 24.4.2020

Датум на рецензија: 25.4.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Но, за што точно станува збор? Во конкретниот случај се работи за погрешна интерпретација на одговорот на министерот за здравство, Венко Филипче, на новинарско прашање. Прашањето гласи:„Дали пациентите со Ковид-19 што се хоспитализирани, плаќаат партиципација за болничкото лекување?“

Одговорот на Филипче е следниот:

Ние со одлука на Влада ги покриваме трошоците за сите што не се здравствено осигурани. Но, можно е да ја земеме предвид и партиципацијата. Ќе направиме финансиска конструкција и тоа може за неколку дена да биде завршено.

Од ваквиот одговор на министерот, произлегува дека можеби ќе се укине партиципацијата што во моментов ја плаќаат сите пациенти со корона-вирус што се здравствено осигурани, ако дојдат во ситуација да се хоспитализирани во инфективните одделенија на клиниките. Така што, не е точен насловот: „Низок удар, ќе се плаќа за лекување од коронавирус”.

Во цитатот од изјавата на министерот пренесен во написот е додаден зборот „плаќање”, кој тој воопшто не го кажа.

Со одлука на Влада ги покриваме трошоците за сите што не се здравствено осигурани, но можно е да земеме предвид и плаќање партиципација. Ќе направиме финансиска конструкција. Тоа може за неколку дена да биде завршено, рече Филипче во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Од контекстот на прашањето и на одговорот, може да се заклучи дека станува збор за фактичко ослободување, кое можеби ќе се случи откако Владата ќе направи финансиска конструкција во наредните денови. Исто така, од прашањето е јасно дека сега, во моментот, тие што се здравствено осигурани, а кои се во болница со корона-вирус, плаќаат партиципација. На прес-конференцијата беше наведен и пример на лекарка што од Ковид-19 заболела лекувајќи пациент како дел од својот медицински ангажман и потоа морала да биде хоспитализирана на инфективното одделение во Скопје и платила партиципација за болничкото лекување. Прашањето се однесуваше на тоа дали може да се укине оваа партиципација. Особено, зашто се работи за заразна болест и пандемија.

Во случајов, впечатокот е дека при пренесувањето на изјавата на министерот, МИА   од небрежност направила грешка, по што е објавена неточна информација дека пациентите со корона-вирус ќе плаќаат партиципација (нешто што фактички веќе го прават, но сега ќе се разгледа опцијата да се ослободат од ваквиот трошок). А, „Вечер“ дополнително го „зачинил“ со зајадлив коментар насловот на оваа дезинформација.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција