Филмски факт: Судир на снајперските титани во „Американски снајпер“ и „Непријател пред портите“
Снајперистите и генералите се најславните фаци после некоја добиена битка на бојното поле, па затоа не е случајно што веќе е создаден своевиден поджанр на воените филмови, а секако дека постојат и листи на најубиствените снајперисти на сите времиња.
Снајперистите и генералите се најславните фаци после некоја добиена битка на бојното поле, па затоа не е случајно што веќе е создаден своевиден поджанр на воените филмови, а секако дека постојат и листи на најубиствените снајперисти на сите времиња
Пишува: Стојан Синадинов
Ако постојат воени специјалисти чии вештини се плод на своевидни контрадикторности, тогаш тоа мора да се снајперистите. Овие специјалисти секогаш се надвор од масовните формации и делуваат најчесто сами, евентуално со помошник (т.н. flanker) кој набљудува и му го чува грбот. Од друга страна, пак, снајперистите и генералите – можеби и некој пилот – се најславните фаци после некоја добиена битка на бојното поле, па затоа не е случајно што веќе е создаден своевиден поджанр на воените филмови, а секако дека постојат и листи на најубиствените снајперисти на сите времиња.
Во ова издание на „Филмски факт“ ќе се осврнеме на два антологиски наслови за снајперисти базирани на вистински личности, „Американски снајпер“ и „Непријател пред портите“.
Снајперистите го добиле името по ситните барски птици (snipe) бидејќи британските војници во колонијална Индија кон крајот на 18. век сметале дека е вистински подвиг да погодиш таква ситна птица во лет. Прецизноста, камуфлажата и погодок од прв обид се ултимативните карактеристики на добар снајперист. Колку и да звучи чудовишно, колку поголем број погодоци во „жива мета“, односно усмртени непријатели, толку поголема слава за снајперистот. Згора на тоа, за разлика од операторите со другите оружја и орудија – топови, тенкови, авиони, дронови, ракети – снајперистот со неговиот „инструмент за работа“ воспоставува своевиден личен однос со противникот, бидејќи го набљудува низ телескопски оптички нишан и стрела безмалку во познат лик.
Херојот од битката за Сталинград
„Непријател пред портите“ (Enemy at the gates) од 2001 година, во режија на Жан-Жак Ано, го прикажува судирот на руски и германски снајперисти на фонот на битката за Сталинград (порано и сега Волгоград) во 1942 година, снимен според книгата „Непријател пред портите: Битката за Сталинград“ (1973 година) од американскиот историчар и романописец Вилијам Крејг.

Василиј Зајцев (го игра Џуд Ло) и Ервин Кениг (Ед Харис) се врвни снајперисти, секој во својата армија, во една од најкрвавите битки во Втората светска војна. Откако политичкиот комесар Данилов (Џозеф Фајнс) ќе ги открие стрелачките вештини на Зајцев, не пропушта од него да направи херој на Татковинската војна во склоп на пропагандните напори за подигнување на моралот на бранителите. Германските окупатори, пак, откако ќе почнат да бројат многу жртви на убиствената прецизност на Зајцев, го повикуваат шефот на нивната школа за снајперисти, мајорот Кениг, да го сопре Зајцев. Ефектно реализиран, „Непријател пред портите“ веќе стана класик во воениот жанр.
Зајцев е вистинска личност, за разлика од Кениг, околу чиј идентитет и постоење постојат дилеми: некои извори го посочуваат Хајнц Торварлд. Инаку, Зајцев и Кениг се протагонисти и на романот „Војна на стаорците“ (1999 година) на Дејвид Робинс, кој исто така ја тематизира битката за Сталинград, во која битката на снајперистите особено дошла до израз.
Се смета дека Василиј Зајцев им нанел 225 жртви на Германците кај Сталинград, а некои извори шпекулираат и со 242 смртоносни погодоци, па и со бројка која надминува 300 офицери и војници. Повеќето од нив се потврдени, бидејќи Зајцев ги собирал идентификационите плочки на убиените офицери и војници.
За разлика од филмот, во кој е претставен како одвај писмен овчар од Урал, вистинскиот Зајцев завршил градежен факултет и воена школа. По ранувањето на почетокот на 1943 година, кога му е повредено десното око со кое нишанел, Зајцев обучувал снајперисти во руската армија, а крајот на војната го дочекал во чин капетан, одликуван со орденот „Херој на Советскиот Сојуз“. По војната живеел и работел како текстилен инженер во Киев, ја издал книгата „Белешки на рускиот снајперист“, во која ги забележал акциите и снајперските техники. Книгата била користена како прирачник во Армијата на СССР.
Пушката што ја користел Зајцев е долговечниот полуавтоматски карабин со магацин за пет куршуми „Мосин-Нагант“ модел 1891/30 (Mosin–Nagant 3-line rifle M1891), со PE 3,5х оптички нишан, калибар 7.62×54mmR. Основата на оваа пушта е конструирана во 1889 година за потребите на царската руска армија како симбиоза на нацртите на рускиот капетан Сергеј Иванович Мосин и белгискиот дизајнер Леон Нагант.

Користењето на овој модел било широко распространето во средината на 20. век во источноевропските држави и кинеската армија (подоцна приматот го презема автоматската пушка АК-47 или популарниот Калашников), и сè уште се користи како ловечки карабин. Филмот „Непријател пред портите“ ја подигнал популарноста кај колекционерите, а според информациите на фан-форуми, неговата цена се движи од 180 до 400 американски долари.
Филмот е снимен на локации во Германија. Спектакуларната масовна сцена со премин преку реката Волга на почетокот од филмот е снимена на езерото Алдебернер, вештачка акумулација во близина на селото Прицен, јужно од Бранденбург. Сцената на снајперскиот двобој во разрушената фабрика за трактори е снимена во селото Ридерсдорф.
Ѓаволот од Рамади
„Американски снајпер“ (2014 година) во режија на Клинт Иствуд е базиран на истоимената биографска книга на Кристофер Скот Кајл, снајперист на американската специјална морнаричка единица SEAL, кој учествувал на боиштата во Ирак во четири наврати, и се повлекол од армијата во 2009. Книгата на Кајл по објавувањето во 2012 година станала бестселер, со над 1,2 милиони продадени примероци. Кајл и неговиот пријател Чад Литлфилд биле убиени во 2013 година од американскиот воен ветеран Еди Рут, кој боледувал од посттрауматски синдром и шизофренија, додека заедно тренирале на стрелиште во Тексас.

Приказната на филмот „Американски снајпер“ го следи Кајл (го игра Бредли Купер) кој наоѓа мотивација да ѝ се приклучи на американската војска по нападот на кулите близначки во Њујорк. По суровите тренинзи заминува во Ирак, и таму меѓу војничките колеги го добива прекарот „Ѓаволот од Рамади“, по битката за градот Рамади. Официјалните извори наведуваат дека Кајл забележал 160 потврдени убиства на напријателски лица (неофицијалните бројки надминуваат 240 елиминирани цели), што го прават најефикасен снајперист во американската војска.
За разлика од филмот кој е фокусиран на неговата снајперска мисија во Ирак и играта на нерви со ирачкиот снајперист, Кајл во приватниот живот имал обичај да ги фабрикува настаните, дури и со претерани бројки. Така во една пригода за магазинот „Њујоркер“ тврдел дека додека престојувал во Њу Орлеанс веднаш по разорниот налет на ураганот Катрина во август 2005 година убил 30 вооружени цивили кои имале намера да ограбуваат, а во друга прилика дека убил двајца ограбувачи на бензинска станица. Овие наводи не се потврдени.
Омилената снајперска пушка што ја користи Кајл во филмот „Американски снајпер“ е McMillan TAC-338, а ги користел и моделите Mk-12 5.56 и SR-25 7.62 (Mk-11), додека калибарот на куршуми што најмногу ги употребувал бил 7.62×51mm (НАТО стандард).
McMillan TAC-338 ги има следниве карактеристики: тежи 12 килограми, а должината на цевката е 66 центиметри, што ја прави одличен избор за гаѓање цели на далечина.
Најголемата потврдена дистанца од која Кајл погодил цел изнесува безмалку 2 километри. Во финалната пресметка со ирачкиот снајперист Мустафа, бивш олимпиец во стрелаштво (го игра Семи Шеик), Кајл смртно го погодува на дистанца поголема од 2.000 јарди или 1,8 километри.
Можеби е интересно зошто Иствуд се заинтересирал и ја филмувал за оваа приказна? Филмофилите добро знаат дека неговиот поголем успех и популарност како актер дојде по филмот „Добар, грд, лош“ на Серџо Леоне od 1966 година. Иствуд во тој шпагети-вестерн го толкува ликот на Блонди, осамениот револвераш, кој прецизно погодува мети од огромни далечини, па „Американски снајпер“ може да се толкува и како своевиден автоцитат, но и автоиронија…
„Американски снајпер“ главно е снимен во околината на Лос Анџелес и на ранч во областа Санта Кларита, Калифорнија, а сцените на ирачкото воено поприште се снимени во Мароко. Филмот на Иствуд заработи 350 милиони долари на американските кино-благајни и уште 200 милиони долари низ светот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар