Филмски факт: Македонскиот опиум и ВМРО во „Сенки над Балканот“
Континуирана сценаристичка линија во филмската серија „Сенки над Балканот“ е темата за опиумот кој од Македонија пристигнува во белградската питорескна субурбана населба Јатаган маала, а оттаму низ целиот свет, бидејќи опиумот произведен во Македонија меѓу светски војни не само што важел за најквалитетен во светот, туку претставувал и „мало“ геополитичко орудие во регионот околу кое се грабале српските власти и ВМРО.
Континуирана сценаристичка линија во филмската серија „Сенки над Балканот“ е темата за опиумот кој од Македонија пристигнува во белградската питорескна субурбана населба Јатаган маала, а оттаму низ целиот свет, бидејќи опиумот произведен во Македонија меѓу светски војни не само што важел за најквалитетен во светот, туку претставувал и „мало“ геополитичко орудие во регионот околу кое се грабале српските власти и ВМРО
Пишува: Стојан Синадинов
„Сенки над Балканот“ е една од најамбициозните и најпопуларни филмски серии последнава деценија во регинот. Нејзин креатор и продуцент е актерот Драган Бјелогрлиќ, кој во трите сезони ја игра главната улога, а серијата се емитува на неколку регионални телевизиски и стриминг платформи.
„Сенки над Балканот“ (оригинален наслов Senke nad Balkanom; интернационален наслов Black Sun) е фиктивна трилер-драма сместена главно во Белград во 30-те години од минатиот век меѓу двете Светски војни, со мноштво историски референци која ги прати судбините на дузина карактери. Бјелогрлиќ го игра ликот на полицискиот инспектор и херој од Првата светска војна Андра Танасиевиќ, а неговиот помошник е Станко Плетикосиќ (го игра Андрија Кузмановиќ), кој низ мените на трите сезони преминува од страната на законот во криминалните води.

Во трите сезони низ серијата дефилираати повеќе и помалку познати сториски личности, како контроверзниот револуционер Мустафа Голубиќ (актерот Горан Богдан), членови на кралското семејство Караѓорѓевиќ, членови на министерсјата и функционерската свита, па сè до Јосип Броз (Милош Биковиќ) пред да стане Тито, односно во периодот кога доаѓа не чело на Комунистичката партија на Југославија кога во комунистичкото движење е познат како другарот Валтер. Во таа живописна историска галерија на ликови е и челникот на усташкото движење во Хрватска, Анте Павелиќ (Бојан Навојец), кој бил адвокат меѓу двете светски војни, односно во втората сезона од серијата е бранител на членот на ВМРО Дамјан Хаџи Арсов (Тони Михајловски) кој е соборец и другар на инспекторот Танасиевиќ од Првата светска војна, а планира да изврши атентат на кралот Александар Караѓорѓевиќ.
Серијата рехабилитира и некои заборавени личности кои според нивното револуционерно „житие“ завреднуваат целовечерен документарен или игран филм. Таков е ликот на Дида Де Мајо, сликар надреалист и комунистички револуционер во кралска Југославија, затвореник на злогласниот Голи Оток во СФРЈ.
Пишувана од 9 сценаристи и режирана од 7 режисери, „Сенки над Балканот“ е регионален копродукциски проект во кој учествува и македонската продукциска куќа „Скопје филм студио“, а Игор Иванов Изи беше еден од режисерите на епизодите од втората сезона на серијата.
Во трите сезони на „Сенки над Балканот“ меѓу стотината актери впечатливи ролји остваруваат и Сара Климоска, Петре Арсовски, Тони Михајловски, Петар Мирчевски, Аксел Мехмет, Ѕвезда Ангеловска, Јана Стојановска…
Опиумот од Македонија
Секоја сезона на серијата има поинакви драмски заплети, од улогата на белогардејците пристигнати во Кралството Југославија по Октомвриската револуција во Русија, езотеричните масонски групи кои го овозможуваат продорот на нацизмот и на Балканот во годините пред почетокот на Втората светска војна, до пронаоѓањето на ураниумот, свесноста за неговата важност како еден од најбитните ресурси за иднината и трката за негово поседување.
Но, континуирана сценаристичка линија е темата за опиумот кој од Македонија пристигнува во белградската питорескна субурбана населба Јатаган маала како важна транзитна станица – во која единствено важечко правило е дека нема правила – а оттаму низ целиот свет, бидејќи опиумот произведен во Македонија меѓу светски војни не само што важел за најквалитетен во светот, туку претставувал и „мало“ геополитичко орудие во регионот околу кое се грабале српските власти и ВМРО. Тој опиум што редовно го конзумираат од доктори (како форензичарот д-р Бабиќ, во интерпретација на Срѓан Тодоровиќ) до глумци и аристократи, во серијата има и свое име – го нарекуваат „Македонец“.
Филмската серија, освен со пофалби заради нејзината естетика, е опсипана и со критики заради историските личности и тематики што ги третира. Бјелогрлиќ уште пред 9 години, кога стартуваше првата сезона од серијата, постојано напоменуваше дека „Сенки над Балканот“ ср држи до историските личности и факти, но ги процесуира низ еден постмодерен филтер на авторската слобода, доведувајќи ги во корелација со низа актуелни настани. Тоа што совремието фрапантно се вклопува во историското минато – или, ако сакате, обратно, минатото е повеќе од актуелно – е креативниот формат што на серијата ù обезбеди престиж кај публиката во регионот.
Во тој контекст е и опиумот од Македонија. Германскиот фармацевт Фридрих Зертурнер (Friedrich Sertürner) на почетокот на 19. век го изолирал екстрактот на морфиумот од опиумот, и тој веднаш станал многу баран во аптеките. Откако, пак, кон крајот на 19. век е изумен шприцот, опиумот станал најчест препарат за брзо смирувањ ена болките.
Производството на морфиумот во 19. век станало широко распространето, но кон крајот на 19. век американскиот Конгрес ја донел првата забрана за опиум за заштита на белото население во САД. Власта на Османлиите го форсираат афионот како земјоделскат култура на Балканот, во Повардарието бидејќи македонскиот афион содржел од 14 до 16 проценти морфин (или морфни единици) наспроти кинескиот, со само 3 до 5 проценти. Само афионот во Авганистан имал слична морфинска вредност колку македонскиот.
Како е родена „балканската Колумбија“?
Српскиот историчар Владан Јовановиќ пишува за „раѓањето на балканската Колумбија“, а во неговата студија за македонскиот опиум меѓу двете светски војни (Vladan Jovanović, „Makedonski opijum: o finansijskim i političkim razmerama fenomena 1918-1941“, Godišnjak za društvenu istoriju, XVI/3, Beograd 2009) го споменува фељтонот „Раните на Балканот“ на францускиот публицист Албер Лондр (Albert Londres) од 1931 година, кој бил објавен во влијателните париски весници, а превeден и во тогашна белградска „Политика“. Престојувајќи во Бугарија, Лондр ја истражувал и политичката димензија на одгледувањето афион и производството на опиум, кои според него биле битен механизам во финансирањето на ВМРО.
Опиумското прашање било поддеднакво интригантно и од другата страна на порозната југословенско-бугарска граница. Со оглед на тоа што ВМРО се до 1934 година било своевидна парадржавна творба која „буџетирала“ илјадници луѓе, споменатиот француски новинар и истражувач Албер Лондр заклучил дека механизмот на финансирање бил во нераскинлива врска со криумчарењето на дрога и тутун, пишува Јовановиќ.
Јовановиќ, пресметал дека производителите на опиумот во Повардарието меѓу двете светски војни задоволувале 43 отсто од побарувачката на легалната светска преработувачка индустрија.
Бугарија била означена како центарот за криумчарење опиум во извештајот на Русел-паша, директорот на Централното информативно биро за дроги. Тоа било повод за серија текстови во тогашниот југословенски печат во кој се ликувало над официјалното разоткривање на „јавната тајна“ – со профитот од шверцот на бугарскиот опиум било финансирано купувањето оружје за ВМРО, вели Јовановиќ во неговата студија.
Во Бугарија постоеле 9 илегални фабрики за опиум и хероин, а најголемата, „Балканска производна компанија“, била лоцирана во градот Радомир. Нејзин сопственик бил извесен Методија Лазов, и за само два месеци од основањето во 1932 година произвела тон и пол хероин, кој потоа бил шверцуван со куфери преку најголемите морски пристаништа во САД.
Оттаму и зголеменото интересирање на водечките американски весници за македонската герила и трговијата со опијати. Со пласирање на синтагмата „Балканска Колумбија“, која се однесувала на опиумската зона во Вардарска и Пиринска Македонија, американските дописници од Балканот го свртувале вниманието на рамнодушните европски официјални лица на екслацијата на проблемите кои ја таргетирале Европа, анализира Јовановиќ.
Државниот архив на Република Македонија кон крајот на 2017 година го објави зборникот „Турско-југословенско централно опиумско биро (1931-1941)“.
Статистичките податоци на Османлиската Империја укажуваат дека во 1880 година биле произведени 70 тони, а во наредната година производството достигнало 79 тони суров опиум. Во периодот од 1901 до 1911 година годишното производство во Македонија изнесувало од 30-80 тони, што во просек значело 97 тони опиум. За време на Балканските и Првата светска војна (1912-1919) производството во просек изнесувало 60 тони годишно.
Најголемиот дел од родот се извезувал преку пристаништето во Солун. Во 1893 година биле изнесени 19 тони опиум, а во наредните години извозот постојано се зголемувал. Непосредно пред почетокот на Балканските војни речиси четвртина од извозот од Македонија, кој се одвивал преку Солун (26, отсто), го сочинувал суровиот опиум. Главните увозници биле Мала Азија (Турција), Германија, Велика Британија и САД, се наведува во зборникот.
Од Галичник до Чикаго и назад
Опиумот како атрактивна стока за криумчарење бил „предизвик“ за разни авантуристи во Македонија и пошироко, па според некои усмени легенди извесен Спиридон од Галичник (роден 1886 година), пред да му стане „десна рака“ на најпознатиот американски мафијаш во тоа време, Ал Капоне, се занимавал со шверц на со опиум.
Таа легенда вели дека Спиридон дошол во Галичник и го откупил целогодишното производство на кашкавалот, околу 40-тина пити (а наводно барал 300!). На производителите им наредил да направат дупки во питите, а потоа најверојатно ги наполнил со опиум. Така вели легендата, но во третата сезона од „Сенки на Балканот“ две завојувани банди водат крвава битка токму заради 20-тина такви пити со кашкавал наполнети со опиум.
Од Галичник потекнуваат и браќата Огненовски, Филип и Софроние, кои заради историските прилики често го менувале презимето, за кои пишува историчарот Јовановиќ во неговата студија „Скопската фабрика за алкалоиди на браќата Огњановиќ, 1936-1945“. Во Кралството Југославија, како Огњановиќи, првото богатство го стекнале со производство на овчо и козјо сирење, отвориле млекара во Војводина, а нивните производи под етикетата „Млекара Огњановиќ“ преку Белград и Солун го извезувала тој фамозен кашкавал во САД, Европа, Турција и Египет.
Но, имињата на двајцата Огњановиќи станеле главна тема на неколку состаноци на Советодавната комисија за опиум на Лигата на народите во втората половина на 1930-тите.
Имено, веќе во средината на 1920-тите, браќата Огњановиќ биле широко споменувани во скандали поврзани со шверцот на македонски суров опиум, кој бил многу баран во фармацевтската индустрија поради високиот процент на морфиум што го содржел. Пишувајќи за инвентивноста на шверцерите кои извезувале опиум во рамките на законските квоти за храна, филологот Тодор Маневиќ индиректно се осврнал на Огњановиќ: „Еден паметен човек повторно открил дека сувите кожи од охридските јагули се одлични кесички што можат да се наполнат со опиум и да се испратат во светот како „Произведено во Охрид“. Велат дека дури и сирењето „Произведено во Галичник“ не секогаш содржи млеко и путер од шарпланински овци.“
Во 1935 година, кога браќата Филип и Софроние Огњановиќ ја отвораат фабриката за алкалоиди, деривати од опиум и индиски коноп (марихуана) во Скопје, тоа наишло на револт и протест на Хемиското друштво на Југославија. Без разлика што се чуделе од каде производители на сирење и кашкавал одеднаш се појавиле во бизнисот со опиум, браќата Огњановиќ ги имале соте потребни дозволи за непречено работење дома. Но, не и кога станува збор за пласманот на нивните производи во странство.
Веќе кон крајот на 1937 година, американскиот делегат во Советодавната комисија за опиум на Лигата на народите, Стјуарт Џ. Фулер, предупредил за сомнителните активности на фабриката за скопски алкалоид, која, со прикривање на вистинските податоци за производството на деривати на опиум, пуштила во нелегален промет цел тон хероин и морфиум (1.013 кг). Имено, во официјалниот извештај на „даночниот оддел“ на Финансиската дирекција во Скопјe, потпишан од Филип Огњановиќ и неговиот вработен Никола Јакимовиќ, се наведува дека до декември 1937 година, фабриката во Скопјe преработила 4.600 кг опиум во 16 „пари“, од кои се добиени 494 кг морфиумска база. Од друга страна, американските власти имале информации дека Огњановиќи преработиле речиси три пати повеќе суров опиум (11.434 кг) во 28 серии, од кои се добиени 1.507 кг морфиумска база. Понатаму, во лажниот извештај на Огњановиќ се наведува дека преработениот опиум содржел само 12% морфиум, иако било познато дека македонскиот опиум, благодарение на високиот процент на морфиум (14–16%), бил најбараната фармацевтска суровина, пишува Јовановиќ.
Интересно е што во неговата студија се споменува името на водачот на една од бандите што криумчареле опиум во САД. Тоа е Данило Томасовиќ, како што е и името токму на таков лик што има завидна минутажа во „Сенки над Балканот“ (го игра Петар Стругар), кој пак е подреден на шверцерската организација на рускиот емигрант Јосиф Раскин. Тоа е таа доследна сценаристичка конструкција во серијалот „Сенки над Балканот“ во трите сезони.
Под притисок на домашната и меѓународната јавност, белградската полиција го уапси Софроние Огњановиќ во неговиот стан во Белград на 10 август 1938 година, запленувајќи 10 кг хероин. Според наводите, рускиот емигрант и шверцер со опиум Михаил Стамбуровски откако станал полициски соработник, ги цинкарел браќата Огњановиќ…
Но, Огњановиќи биле снаодливи и жилави „претприемачи“, имале блиски врски со тогашниот премиер Милан Стојадиновиќ (инаку, Стојадиновиќ е еден од централните ликови во третата сезона, а го толкува Борис Исаковиќ), па нивниот бизнис со опиум и хероин не само што не запира, туку и напредува. За време на Втората светска војна, Огњановиќи под бугарска окупација продолжуваат со дејноста, овојпат под името „Бугарска фабрика за алкалоиди С. и Ф. Огњанови, Скопје“, снабдувајќи ги со сиров опиум аптеките во нацистичката творба Независна Држава Хрватска (НДХ).
По ослободувањето, новите комунистички власти на фабриката на браќата го затекнала написот „Македонска фабрика за алкалоиди Ф. и С. Огњановски“! Но, тоа не ги спасило од затвор како „слуги на окупаторот“, а фабриката со 17 вработени во јуни 1945 е национализирана и станала сопственост на државата со ново име – Државна фабрика „Алкалоид“ Скопје.
…
Секако дека оваа сите овие настани не се екранизирани во серијата, но „Сенки над Балканот“ ја содржи срцевината на „опиумското прашање“ во Кралството Југославија. Во првиот серијал следевме како групата на газда Митре (го игра Петре Арсовски) го шверцува опиумот од Македонија до Белград, во вториот е прикажан успонот на криминалната банда на Томасовиќ, која е главна за транспортот до САД, и „преформатирањето“ на производството од опиум во хероин, а во третиот и последен серијал сведочиме на пресметката меѓу сите инволвирани страни. На македонските шверцери им е доста од патернализмот на Томасовиќ и политичките интриги кои се протегаат од високите кругови околу кралскиот двор до калта на белградската Јатаган маала, па се враќаат дома да ги контролираат насадите со афион на почвата која најдобро ја познаваат…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар