Филмски факт: Нема добар филм ноар без девојка и пиштол
Тоа што најмногу плени при гледањето на „Нов бран“ е исклучителната посветеност на Линклејтер во постигнување на верноста кон филмскиот формат, црно-белата боја на неговата инспирација и доминантноста на францускиот јазик во филмот.
Со високата верност не само во прикажувањето, туку и во толкувањето на творечката филозофија на Жан-Лик Годар, еден од главните протагонисти на францускиот филмски правец, филмот „Нов бран“ на Ричард Линклејтер покажува дека реконструкцијата на снимањето на еден филм е повеќе од проста употреба на „старински“ методи на филмскиот сет. Затоа Годар во филмот на Линклејтер е само гласник на револуцијата која ќе го смени европскиот и светскиот филм, а „Нов бран“ ќе остане пример како треба да се почитува творештвото на авторите од минатото
Пишува: Стојан Синадинов
Филмот „Нов бран“ (Nouvelle Vague) на американскиот режисер Ричард Линклејтер е од оние кинематографски бисери кои повторно ја враќаат довербата во авторските филмови. Сторијата на „Нов бран“ само навидум е реконструкција на снимањето на „Без здив“ на Жан-Лик Годар во 1959 година во Париз. И „Без здив“ и авторот Годар стануваат иконични меѓи на она што во светот на филмот со децении – до ден денешен – одѕвонува под терминот „Нов бран“ на француската и европската кинематографија.

Наградуваниот режисер Линклејтер (5 номинации за „Оскар“ и 120 други меѓународни награди во неговата досегашна кариера), најпознат на широката публика по насловите „Детство“ (Boyhood), „Пред зајдисонце“ и „Пред полноќ“, во „Нов бран“ го рекреира процесот на создавањето на истоимениот Годаров долгометражен игран првенец како посвета каква што може да направи само голем филмофил. Но, тоа не е само апотеоза на Годар, туку на целиот француски „нов бран“, револуцијата што ја покренуваат филмските критичари од синеастичкиот магазин „Филмски тетратки“ кон крајот на 50-те години од минатиот век.
„Филмски тетратки“ (Cahiers du Cinéma) е клучниот медиум – филмски магазин предводен од Андре Базен во кој пишуваат младите критичари Франсоа Трифо, Годар, Ерик Ромер, Клод Шаброл, Жак Ривет… Незадоволни од тогашните филмови, тие решаваат да снимаат свои. Малку како хипербола, но со доста вистина, можеме да тврдиме дека тие во духот на Марксовата 11-та теза за Фоербах (Филозофите досега само го толкувале светот на различни начини; поентата е тој да се промени), го внесуваат нивното револуционерно видување директно во францускиот филм. Така се раѓа „Новиот бран“.
„Нов бран“ на Линклејтер секако дека е ситуиран во Париз, 1959 година, кога филмскиот критичар и интелектуалец Жан-Лик Годар смета дека мора конечно и тој да сними свој филм, бидејќи тоа веќе го сториле неговите колеги. Филмот се вика „Без здив“ (фран. A bout de souffle; анг. Breathless), има скромен буџет (во вредност од 90.000 американски долари), основната приказната е на Трифо, и таа е извлечена од црните хроники на париските весници. Така започнува реализацијата на крими-сторијата во духот на „филм ноар“ од класичниот период на Холивуд за еден млад, див и неприлагоден престапник (Жан Пол Белмондо) кој се вљубува во една убава девојка (Џин Себерг). Белмондо тогаш е само боксер со мало актерско искуство (и тоа во претходен краток филм на Годар), а Себерг е веќе холивудска ѕвезда, за чиј хонорар отишле 15.000 долари од буџетот на филмот.
„Нов бран“ е вистински лексикон за Годар и авторите-креатори на филмскиот правец што ќе ја смени естетиката на европската и светската кинематографија. Зои Дојч ја толкува нежната Џин Себерг, Гијом Марбек деликатниот и непредвидлив Годар, а Обри Дијан му дава некоја толку потребна мекост на навидум „сировиот“ Белмондо. Како и Годар во „Без здив“, и Линклејтер во „Нов бран“ ангажира малку познати актери во главните улоги. Линклејтер на пропушта да ја „цементира“ репликата на Годар дека во секој филм мора да има пиштол и девојка како клучен мотив на нарацијата во „Нов бран“, што е Годаровата посвета на класичната холивудска ера.
Многу од најцитираните реплики од филмот се работи што тој навистина ги кажал, како на пример „сè што ви треба за да направите филм е девојка и пиштол“ и „да режирате е да се стремите кон интелектуална и морална анархија“, забележа магазинот „Тајм“ во освртот на „Нов бран“ на Линклејтер.
Но, секако дека филмот на Линклејтер ги инкорпорира и останатите естетски премиси на Годар, и педантно ги реконструира тие 20 дена снимање на „Без здив“, исполнети со „чудните“ работни методи на Годар: сценариото го пишувал од ден за ден; имало денови кога снимал само два часа, па влегувал во конфликт – дури и физички – со продуцентот, кој барал минимум осумчасовно снимање. Потоа, не се испуштени ниту појавите на пријателите и истомислениците на Годар во филмот на Линклејтер, меѓу останатите и режисерот Жан-Пјер Мелвил, кој на почетокот делумно му припаѓа на „новиот бран“, но во 60-те развива сопствена визија за крими-жанрот.
Тоа што најмногу плени при гледањето на „Нов бран“ е исклучителната посветеност на Линклејтер во постигнување на верноста кон филмскиот формат, црно-белата боја на неговата инспирација и доминантноста на францускиот јазик во филмот. Затоа Линклејтер го снимил „Нов бран“ во формат чиј сооднос на сликата (aspect ratio) е ист како и во „Без здив“ на Годар – 1.37:1, кој во филмскиот свет се нарекува академски, што е еуфемизам за аматерски филм.
Линклејтер доста минути ѝ посветува и на камерата и снимателската техника применета во „Без здив“, следејќи ја идејата на Годар за снимање во амбиентално светло, без употреба на рефлектори. „Нов бран“, како ретко кој друг филм, е посвета и на таа димензија во филмот – често пати неправедно запоставена – па снимателот Раул Кутар има рамноправна улога со неговото ракување со камерата Eclair Cameflex во „Без здив“, како и со иновативните решенија за „документарно“ снимање на улиците, користејќи количка за товар во која е скриена камерата за да се доловат природните реакции на минувачите. Иако таа камера не е тонска – кој дополнително се снима и нахсинхронизира – Годар, всушност, инсистирал да се снима токму со неа бидејќи отсуството на тон му давала немерлива слобода вербално да комуницира со актерите на сетот, да им дава сугестии и слично.
Интернационалниот филмски фестивал на кинематографери „Браќа Манаки“ во Битола на минатогодишното издание го препозна сиот тој деликатен приод кон употребата на филмската камера, па кинематограферот на „Нов бран“ Давид Шамбиј беше награден со „Златна камера 300“ за неговата снимателска креација.
Единствен анахронизам што внимателните гледачи го пронајдоа во „Нов бран“ е појавата на автомобилот Алфа Ромео Спајдер, кој е во употреба од 1966 година, односно 7 години откако е снимен „Без здив“ на Годар. А како „божја рака“ се толкува податокот дека дистрибутерско-продуцентската компанија „Нетфликс“ – која платила досега рекордна сума за правата за прикажување на некој филм на француски јазик – има лого во црно-бела боја.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар