Филмски факт: Нова српско-хрватска телевизиска битка за книнската тврдина
„Тврдина“ е ТВ серија која повремено се обидува низ солидно реализираната романтична приказна, со цела плејада одлични актерски остварувања, да го протури познатиот српски политички поглед, но овојпат и за калваријата на (големо) српството во Хрватска.
„Тврдина“ е ТВ серија која повремено се обидува низ солидно реализираната романтична приказна, со цела плејада одлични актерски остварувања, да го протури познатиот српски политички поглед, но овојпат и за калваријата на (големо)српството во Хрватска
Пишува: Стојан Синадинов
Прикажувањето на ТВ серијата во 11 епизоди „Тврдина“ (2025), по сценарио на Мирко Стојковиќ и Горан Старчевиќ, во режија на Саша Хајдуковиќ, изминатава есен на Радиотелевизија Србија и стриминг платформите ја разбранува јавноста во регионот на некогашна Југославија. Продукцискиот потпис е на Милош Аврамовиќ, кој е креатор и на еден од најсупешните филмско-телевизиски проекти изминатава деценија, „Јужен ветар“.
Приказната за љубовта на двајца млади од градот Книн во Хрватска на почетокот на распадот на истата некогашна држава, ги испреплетува емоционалните пориви во политичко-воените турбуленции на најгрд можен начин.

Лука е Србин, Дарија е Хрватка, а Книн е сцената на оваа ексјугословенска верзија на Ромео и Јулија вечните симболи на забранетата љубов. Иако нивните семејства се соседи во тој релативно мал град и се знаат „цел век“, како и останатите мештани, изборот на Лука и Дарија не наоѓа баш на премногу симпатии и кај двете семејства, посебно кај нејзиното. И покрај сè, Лука и Дарија импулсивно решаваат да се венчаат токму на почетокот на раздружувањето на Хрватска од СФР Југославија и повампирувањето на силните националистички струи во двата табора.
Лука е регрутиран во една воена (српска) параформација настаната по распадот на ЈНА во 1991 г. која рефлектира на сличноста со „Тигрите“ на Аркан, и практично заминува во војна директно од неговата свадба, во младоженски костум. Уште во првата битка е ранет во ногата, па остатокот од војната мора да се снаоѓа на релацијата Книн-Белград да најде егзистенција за сопругата и детето кое е на пат. На негова несреќа, тоа е валканиот шверц за сметка на моќниот лик од белградските безбедносни служби Веселин Дилпариќ, за кого хрватскиот филмски критичар Бојан Стилин приметува дека е луцидно поигрување со етимологијата на неговото презиме – „дил“ од deal (бизнис договор) и пари. Во секој случај, сите во него препознаваат продолжена рака на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ.
„Тврдина“ е ТВ серија која повремено се обидува низ солидно реализираната романтична приказна, со цела плејада одлични актерски остварувања, да го протури познатиот српски политички поглед, но овојпат и за калваријата на (големо)српството во Хрватска со воено-полициската операција „Бура“ (хрватски – „Олуја)“, преку потенцирање на виновниците во сопствените национални редови. Затоа некои работи ги премолчува, а други ги претставува со неточни настани.
„Тврдина“ само површно го третира почетокот на српско-хрватското непријателство од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Тоа е претставено речиси на невин начин, со тепачка на навивачките групи на „Црвена Ѕвезда“ (Белград) и Динамо (Загреб), без и најмало споменување на т.н. „балван револуција“ (неколкумесечна блокада на Јадранската магистрала) со која Србите од Хрватска се противеа на раздружувањето од Југославија. За Србите тоа е повампирување на усташтвото, за Хрватите тоа е четничка закана по територијалниот интегритет на новата држава.
Факт е дека Книн под владеење на т.н. Република Срспка Краина во 1991 г. не бил гранатиран, како што тоа е претставено во серијата, токму на свадбата на главниот лик Лука. Од друга страна, пак, Бански двори во Загреб (седиштето на претседателот на Хрватска, во тој период Фрањо Туѓман) беа ракетирани од авионите на ЈНА во октомври 1991 г. За тој настан меѓусебно се обвинуваа офицерите на ЈНА и на новата хрватска армија: првите тврдеа дека хрватските власти самите инсценирале ракетирање на претседателството за да се претстават како жртви.
Потоа, не е споменат ниту битниот настан од мај 1995 г., кога авијацијата на побунетите Срби го ракетира Загреб, при што загинаа 7 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Тоа, внимавајте, е само три месеци пред споменатата хрватска операција „Бура“, која нашироко е експлоатирана во „Тврдина“. Инаку, некои актери од тимот на „Тврдина“ беа дел од српската ТВ серија „Бура“ (12 епизоди, 2023 г.), чија приказна хронолошки е продолжение на „Тврдина“ и се занимава со егзодусот на Србите од Книн и Краина, кој однесе многу жртви на двете страни. Претходно, во 2020 г., ХРТ продуцираше мини ТВ серија „Изчезнати“ („Нестали“) од военоакционен жанр со подвизите на група хрватски војници на територијата на Српска Краина непосредно и за време на операцијата „Бура“.
Ако хрватското население во Книн во 1991 г. броело нешто над 4.000 лица, според телевизиските извештаи во август 1995 г. хрватската војска затекнала околу 20-тина Хрвати. Од друга страна, пак, околу 200 илјади Срби ја напуштиле Хрватска за време и операцијата „Бура“.
Во секој случај, со оглед на повремената растечка политичка напнатост меѓу актуелните раководства на Србија и Хрватска, не е исклучена можноста за појава и на некоја нова ТВ серија на оваа тема.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар