Филмски факт: Раѓање на фашизмот во духот на комедијата
Хибридниот документарен филм „Fiume o morte!“ на хрватскиот автор Игор Безиновиќ додава уште една нијанса во толкувањето на фашизмот. Во неговиот филм совршено педантно ја отсликува 16-месечната окупација на градот Риека од страна на италијанскиот декадентен писател и војсководец Габриеле Д’Анунцио и неговата легионерска војска во 1919 година, веднаш по завршувањето на Првата светска војна
Хибридниот документарен филм „Fiume o morte!“ на хрватскиот автор Игор Безиновиќ додава уште една нијанса во толкувањето на фашизмот. Во неговиот филм совршено педантно ја отсликува 16-месечната окупација на градот Риека од страна на италијанскиот декадентен писател и војсководец Габриеле Д’Анунцио и неговата легионерска војска во 1919 година, веднаш по завршувањето на Првата светска војна
Пишува: Стојан Синадинов
Хибридниот документарец „Fiume o morte!“ („Риека или смрт!“) на хрватскиот автор Игор Безиновиќ е еден од филмовите кои ја обележаа минатата 2025 година, со 30 награди, меѓу кои и таа за најдобар документарен филм на Европската филмска академија.

Хрватско-словенечко-италијанската копродукција на креативен начин ги спојува жанровите на документарниот филм и комедијата и претставува своевиден час по историја за раѓањето на фашизмот, со учество на стотина натуршчици и статисти, кои ја „ре-креираат“ 1919 година и окупацијата на хрватскиот приморски град Риека од страна на паравојската на италијанскиот поет, драматичар, аристократ, денди и wannabe војсководец Габриеле Д’Анунцио.
Д’Анунцио веднаш по крајот на Првата светска војна, незадоволен од фактот што градот Риека, по склучувањето на Версајскиот мировен договор меѓу Германија и силите на Антантата, не влегол во составот на Кралството Италија, на 11 септември 1919 година со десетици војници-легионери влегол во градот и ја формирал парадржавата наречена Италијанска управа за Кварнер (Italian Regency of Carnaro; италијански: Reggenza Italiana del Carnaro). Д’Анунцио не се обѕирал на фактот што Кралството Италија и Кралството СХС (подоцна Југославија) една година подоцна, во ноември 1920 потпишале договор според кој Риека му припаѓа на Кралството СХС, па италијанската војска со сила морала да го истерува од неговата „држава“. Легионерите на Д’Анунцио се повлекле од Риека на 5 јануари 1921 година, а Д’Анунцио две недели подоцна, со што завршила 16-месечната окупација.
„Пионерот“ на италијанскиот фашизам Габриеле Д’Анунцио (Gabriele D’Annunzio) во филмот на авторот Безиновиќ е прикажан низ критички осврт, како што и заслужува рол моделот за фашистичкиот лидер Бенито Мусолини. Ликот и делото на Гаетано Рапањета (Gaetano Rapagnetta), како што гласи роденото име на Д’Анунцио – татко му го зел презимето Д’Анунцио од неговиот вујко – се повод за детална вивисекција на протофашизмот, и Безиновиќ ја прави оваа операција беспрекорно педантно. Тоа што гледачите и критичарите во филмот ќе најдат мноштво паралели со актуелната геополитичка ситуација и повремените повампирувања на фашизмот/нацизмот во разни облици не е случајно – Безиновиќ и затоа го снимил „Fiume o morte!“.
Окупацијата на Риека од страна на Д’Анунцио и неговите легионери е одлично документирана и таа архива содржи повеќе од 10.000 фотографии и стотина филмски записи. Во филмот на Безиновиќ тие фотографии и филмови се подлога за „рекреирање“ на личностите и настаните од 16-месечната окупација на Риека преку нивна драматизација со натуршчици и статисти.
Германскиот филозоф од еврејско потекло Валтер Бенјамин ги дефинира фашизмот и комунизмот на следниов начин: фашизмот е естетизација на политиката, а комунизмот е политизација на уметноста. Оваа дефиниција на Бенјамин – и самиот жртва на нацизмот – совршено му прилега на критичкиот документарен поглед на Безиновиќ на Риека под фашистичката управа на Д’Анунцио, па авторот ги драматизира настаните токму како што заслужуваат – како политички маскенбал. Или, ако Фридрих Ниче, инспириран од оперите на Рихард Вагнер, велеше дека трагедијата се раѓа од духот на музиката, во филмот на Безиновиќ можеме да препознаеме раѓање на фашизмот во духот на комедијата.
Така во „Fiume o morte!“ е прикажано како Д’Анунцио го актуелизира поздравот од стариот Рим, со „десната рака подигната во висина на очите“, подоцна задолжителен поздрав кај фашистите, а потоа и кај нацистите.
Безиновиќ го посочува и краткотрајниот престој на италијанскиот писател, основач на уметничкиот правец футуриризам, Филипо Томазо Маринети, кој дошол во Риека на Д’Анунцио, но си заминал само по две недели.
И Мусолини престојувал во Риека, но само на еден ден, па веднаш заминал да го подготвува формирањето на неговата Фашистичка партија за подоцна да стане Дуче кој ги еманира идеите и на Д’Анунцио и на Маринети во политички корпоративизам како општествено уредување… попознато како фашизам.
Во „Fiume o morte!“ не е пропуштен ни податокот дека Д’Анунцио за време на неговото владеење довел над пет илјади млади Италијанци во Риека, град кој во тој период броел околу 30 илјади жители, за да ја смени демографската слика. Како и фактот што на почетокот на окупацијата неговите легионери убиле десетина Виетнамци кои биле војници во составот на сојузничката Антанта од расистички побуди.
Фашизмот може да се игра на различни начини, името на играта да не се менува… Терминот „фашизам“ е соодветен за сите ситуации бидејќи е можно да се отстранат еден или повеќе аспекти од фашистичкиот режим и сепак да се остане фашистички. Извадете го империјализмот од фашизмот и ќе ги добиете Франко и Салазар; тргнете го колонијализмот од него и ќе добиете балкански фашизам – вака, меѓу другото, италијанскиот книжевник и теоретичар Умберто Еко ги анализираше сите лица на фашизмот во неговото дело „Вечниот фашизам: Четиринаесет начини на гледање на црна кошула“ (Ur-Fascism).
„Fiume o morte!“ на Безиновиќ додава уште една нијанса во толкувањето на фашизмот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар