Филмски факт: Рехабилитацијата на Опенхајмер, „таткото на атомската бомба“, како комунистички симпатизер

Од снимањето на „Опенхајмер“ на Универзитетот Беркли Фото: Heartk, CC0, via Wikimedia Commons

Деновиве се навршуваат 80 години од крајот на Втората светска војна и бомбардирањето на јапонските градови Хирошима (6 август) и Нагасаки (9 август) 1945 година, што е повод да се потсетиме на филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, со Килијан Марфи во насловната улога. Како физичарот Роберт Опенхајмер ја конструирал првата атомска бомба и колку филмската приказна е веродостојна на неговиот живот и дело?

Деновиве се навршуваат 80 години од крајот на Втората светска војна и бомбардирањето на јапонските градови Хирошима (6 август) и Нагасаки (9 август) 1945 година, што е повод да се потсетиме на филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, со Килијан Марфи во насловната улога. Како физичарот Роберт Опенхајмер ја конструирал првата атомска бомба и колку филмската приказна е веродостојна на неговиот живот и дело?

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

„Опенхајмер“ на Кристофер Нолан спаѓа во оние расни биопик дела кои ја потврдуваат максимата дека нечиј живот може да биде поголем од филмот. Односно, „Опенхајмер“ е динамично тричасовно филмско сведоштво не само на животот на физичарот Роберт Опенхајмер, не само на неговото најпознато дело – атомската бомба – туку и на цела една епоха, парадоксално но вистинито, „набиена“ во две децении, после која светот никогаш нема да биде ист.

Овие денови се навршуваат 80 години од крајот на Втората светска војна и бомбардирањето на јапонските градови Хирошима (6 август) и Нагасаки (9 август) 1945 година, што е повод да се потсетиме на филмот „Опенхајмер“, кој имаше светска премиера пред две години, во јули 2023.

Режисерот Кристофер Нолан го напиша сценариото, го режираше и беше копродуцент на биопикот за Ј. Роберт Опенхајмер (Њујорк, 1904 – Принстон, 1967), нуклеарен физичар и основач на Американската школа на теориската физика на Универзитетот Беркли. (Иницијалот Ј. според некои биографи е за Јулиус/Џулиус, името на таткото кое вообичаено го добивал најстариот син; семејството наводно сакало да направи дистинкција во имињата на таткото и синот, но без стандардното Јуниор/Џуниор; самиот Опенхајмер велел дека Ј. пред неговото име е симболичен знак и не значи ништо).

Роберт Опенхајмер Фото: Anefo, CC0, via Wikimedia Commons

Во историјата е запаметен како „таткото на атомската бомба“, со која американската армија конечно го скршила отпорот на Јапонската империја во Втората светска војна, но бидејќи бил жесток противник на изработка на хидрогенска (термонуклеарна) или скратено „Х“ бомба, во 1954 е обвинет за симпатии кон комунистите и му е забранет пристапот до доверливите документи од нуклеарните истражувања. Претседателот Џон Ф. Кенеди непосредно пред да биде смртно застрелан во атентатот во Далас, Тексас, во 1963 година му ја доделил престижната награда „Енрико Ферми“ на Опенхајмер, што претставувало политичка рехабилитација на научникот.

Базиран на биографијата „Американски Прометеј“ на писателите Мартин Шервин и Каи Брд (Пулицерова награда во 2006), филмот „Опенхајмер“ освои 363 награди, вклучително и 7 „Оскари“, меѓу кои и за најдобар филм, најдобар актер (Килијан Марфи во насловната улога), најдобар режисер (Нолан)… Буџетот на филмот изнесувал околу 100 милиони американски долари, а неговата вкупна заработка е близу 1 милијарда долари.

Кој бил Роберт Опенхајмер?

Како комплексен биопик, „Опенхајмер“ го следи развојот на научникот Роберт Опенхајмер, од периодот кога бил млад докторанд по квантна физика кај професорот Патрик Блекет на Оксфорд, познанството со научникот Нилс Бор (Кенет Брана) кој го „заразува“ со теоретска физика, враќањето во САД и емоционалните врски со интелектуалки со комунистички убедувања, како психијатарката Џин Тетлок (Флоренс Пју), која наводно се самоубива, и биологот Кетрин Кити Пуенинг (Емили Блант), со која се венчава…

Опенхајмер и Гроувс на тестирањето на атомската бомба, 1945 Фото: Credit Line: Digital Photo Archive, Department of Energy (DOE), courtesy of AIP Emilio Segrè Visual Archives, CC0, via Wikimedia Commons

Во 1938 Германците први го раздвојуваат атомот со нуклеарна фисија, што е иницијална каписла за создавање атомско оружје. Во 1942 полковникот на армијата на САД Лесли Гроувс (Мет Дејмон), директор на тајниот проект „Менхетен“, го регрутира Опенхајмер како директор на лабораторијата Лос Аламос во која се развива проектот за атомска бомба, па Опенхајмер води „мртва трка“ со некогашниот познаник од студентските денови во Швајцарија, физичарот Вернер Хајзенберг, кој работи на истата проблематика, но во нацистичка Германија.

Откако во пустините на Ново Мексико успешно е изведена првата детонација на атомско оружје под кодното име „Тринити“ (се смета дека Опенхајмер го именувал инспириран од поезијата на англискиот писател Џон Дон), претседателот Хари Труман издал наредба да се бомбардираат Хирошима и Нагасаки.

 

 

Колку „Опенхајмер“ е доследен на животот и делото на Опенхајмер? 

„Политифакт“ во анализата на „Опенхајмер“ вели дека филмот се држи „блиску до историските документи, со некои слободи“.

На пример, во филмот Опенхајмер има неколку разговори со Алберт Ајнштајн (Том Конти). Едниот е за можноста атомската бомба да ја запали атмосферата на целата Земја и за последиците од нејзиното конструирање, па го замолува научникот да направи пресметка за таа можност. Во реалноста, пак, иако Опенхајмер и Ајнштајн се познавале и соработувале, овој разговор не се случил, туку Опенхајмер таа задача му ја доверува на неговиот колега од лабораторијата Лос Аламос, физичарот Артур Компон. Режисерот Нолан во интервју за „Њујорк Тајмс“ ја расветлува оваа контрадикција, напоменувајќи дека го „употребил“ Ајнштајн затоа што бил најпознатото име од светот на нуклеарната физика во тој историски период.

Другата фиктивна сцена со Ајнштајн е сместена на крајот од филмот. Се случува во 1947, кога Опенхајмер сè уште е славен како „татко на атомската бомба“ и е назначен за директор на Институтот за напредни студии во Принстон, Њу Џерси, во кој Ајнштајн работел со години. Разговорот во сцената е измислен, но е во склад со нивните научни ставови и морални убедувања, па репликата на Ајнштајн упатена кон Опенхајмер за непостојаноста на славата е сосема уверлива.

Тебе ти е ред да се справиш со последиците од твоето достигнување. И еден ден, кога ќе те казнат доволно, ќе… ти дадат медал. И ќе ти кажат дека сè ти е простено, му вели Ајнштајн на Опенхајмер.

Опенхајмер во текот на целиот овој процес на констуирање на првата атомска бомба има морални дилеми околу начинот на употреба на нуклеарното оружје, па доаѓа во судир со Луис Штраус (Роберт Дауни Џуниор) основач и претседател на Комисијата за атомска енергија на САД.

Во 1954, Штраус ќе издејствува одземање на дозволата на Опенхајмер за пристап до базата со најдоверливи податоци со цел да го елиминира неговото политичко влијание, бидејќи Опенхајмер се залагал за намалување на опсегот на нуклеарната енергија во воени цели и соработка со тогашниот СССР. Во таа кампања Штраус ги потенцирал наводните врски на Опенхајмер со американските комунисти, во кои е вбројана и сопругата Кетрин. По нејзината жестока одбрана Комисијата веќе не го сомничела Опенхајмер како „црвен“, но научникот и натаму останал без дозволата.

Опенхајмер говори на инаугурацијата на Институтот за нуклеарна физика во Израел, 1958 Фото: Boris Carmi /Meitar Collection / National Library of Israel / The Pritzker Family National Photography Collection, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Кога, пак, во 1959 Штраус бил номиниран за министер за трговија, со сведочењето на физичарот Дејвид Хил (член на проектот Менхетен) на виделина излегла личната нетрпеливост на Штраус кон Опенхајмер. Штраус не бил избран за министер за трговија, а пресудниот глас во Сенатот за таа одлука бил на младиот сенатор од Масачусетс, Џон Ф. Кенеди, кој подоцна како претседател на САД политички ќе го рехабилитира Опенхајмер.

Како што може да се види, зборовите на Ајнштајн од филмската сцена опишана погоре имаат сосема оправдан историски контекст.

Како што анализира „Политифакт“, во филмот американскиот воен секретар Хенри Стимсон го отстранил градот Кјото од листата на можни цели бидејќи таму го поминал медениот месец. Реалноста потврдува дека тој двапати го посетил Кјото, но нема убедливи докази дека токму таму го поминал медениот месец. Всушност, кога актерот Џејмс Ремар (кој го игра Стимсон) го вежбал дијалогот, а на снимањето имал дозвола од Нолан да импровизира, тој ја вметнал досетката за Кјото како градот на неговиот меден месец. 

Понатаму, иако судирот меѓу Штраус и Опенхајмер имал епска димензија во политиката, сепак имало и други заинтересирани за „главата“ на научникот. Сè започнало со писмото што Вилијам Борден во април 1953 го испратил до ФБИ, во кое категорично тврди дека Опенхајмер „најверојатно е агент на Советскиот Сојуз“, а Штраус кон крајот на мај 1953 му рекол на американскиот претседател Двајт Ајзенхауер дека не може да му се верува на Опенхајмер заради неговиот прокомунистички ставови.

Политичката елиминација на Штраус од врвот на Агенцијата за атомска енергија во 1959 година во филмот е претставена со сцената во која еден помошник му кажува на Штраус (инаку, закоравен републиканец) дека имало тројца противници, „предводени од помладиот сенатор од Масачусетс, млад човек, кој се обидувал да си создаде име… Џон Ф. Кенеди“. Во реалноста, двајца републикански сенатори им се приклучуваат на 47 демократи во смената на Штраус, и тие биле клучни, а не Кенеди. Во секој случај, според Нолан, секој демократ, посебно оние кои имале претседателски амбиции како Линдон Б. Џонсон, Хуберт Хамфри и Стјуарт Симингтон, не можеле, а да не гласаат против Штраус. 

„Политифакт“ потсетува и дека на 16 декември 2022 година министерката за енергетика Џенифер Гранхолм ја поништи одлуката на Комисијата за атомска енергија од 1954 година со која на Опенхајмер му е забранет пристапот до доверливи информации потребни за неговата научна работа.

Филмот на Нолан помогна да се отстрани црната дамка врз неговиот углед.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција