Филмски факт: Слободно толкување на комплексниот карактер на Аристотел Оназис
Сторијата на „Роденденската забава“ отворено алудира на животот и догодовштините на Аристотел Оназис како лик кој како да излегол од античките трагедии. Наспроти неговото богатство и цврстите бизнис и политички врски со некои од најмоќните личности во светот од втората половина на 20. век, карактерот на Тимолеон е распнат меѓу личните премрежиња. Колку и да се труди да биде авторитарна глава на семејството опседнат со желбата да ги контролира судбината и иднината на останатите членови, над него е висната скорешната загуба на синот во авионска несреќа, актуелниот студен однос со сопругата и монструозна проекција за иднината на неговата ќерка
Сторијата на „Роденденската забава“ отворено алудира на животот и догодовштините на Аристотел Оназис како лик кој како да излегол од античките трагедии. Наспроти неговото богатство и цврстите бизнис и политички врски со некои од најмоќните личности во светот од втората половина на 20. век, карактерот на Тимолеон е распнат меѓу личните премрежиња. Колку и да се труди да биде авторитарна глава на семејството опседнат со желбата да ги контролира судбината и иднината на останатите членови, над него е висната скорешната загуба на синот во авионска несреќа, актуелниот студен однос со сопругата и монструозна проекција за иднината на неговата ќерка
Пишува: Стојан Синадинов
Филмот „Роденденската забава“ (The Birthday Party) на Мигел Анхел Хименез (Miguel Ángel Jiménez) во грчко-шпанско-британска копродукција е снимен според истоимениот роман на Панос Карнезис (објавен во 2007 година на англиски јазик). Низ неговата сторија дефилираат гламурот, страста, алчноста, интригите, трагичноста и тагата, а централниот лик, Маркос Тимолеон, кој го толкува специјалистот за карактери со комплексна психологија Вилем Дефо, неодоливо го скицира портретот на еден од најбогатите луѓе во 20. век, грчкиот бродосопственик Аристотел Оназис.

Сторијата на „Роденденската забава“ отворено алудира на животот и догодовштините на Оназис како лик кој како да излегол од античките трагедии. Наспроти неговото богатство и цврстите бизнис и политички врски со некои од најмоќните личности во светот од втората половина на 20. век, карактерот на Тимолеон е распнат меѓу личните премрежиња. Колку и да се труди да биде авторитарна глава на семејството опседнат со желбата да ги контролира судбината и иднината на останатите членови, над него е висната скорешната загуба на синот во авионска несреќа, актуелниот студен однос со сопругата Оливија (ја толкува Ема Суарез), и монструозна проекција за иднината на неговата ќерка Софија (Вик Кармен Сон).
Тимолеон во 1975 година ја подготвува прославата на 25. роденден на неговата ќерка Софија на приватниот остров во Јонското Море како демонстрација на неговата моќ да собере на купче други моќни и богати луѓе, да ангажира актуелни рок-ѕвезди од тоа време да ги забавуваат гостите – како Ерик Бардон (го игра Илан Каплан) од славниот британски бенд „Енималс“ (The Animals) – но и да ѝ ги соопшти на ќерката неговите планови за нејзината иднина.
Тимолеон смета дека новинарот и публицист Ијан Форстер (актерот Џо Кол), кој го ангажирал како негов биограф, а во меѓувреме започнал љубовна врска со Софија, е недостоен и за негов зет. Како што луцидно сугерира во најавата една од продуцентските куќи „Херетик“ (филмот брои можеби рекордни 31 продуценти, копродуценти и извршни продуценти), „Роденденска забава“ е полигонот каде што се среќаваат античката трагедија со гламурозниот џет-сет, односно „Големиот Гетсби“ (Great Gatsby) со „Прослава“ (Festen) на Томас Винтерберг.
Тимолеон по секоја цена сака да го отстрани Форстер од идната проекција за семејната империја, без разлика што Софија е бремена со него. Тимолеон е пред круцијална одлука: ако веќе го изгубил родениот син како природен наследник на неговата империја, дали треба да му дозволи на туѓинец, некомпатибилен со неговиот бизнис, да ја преземе истата, или, пак, ќе биде доволно – богато да го исплати и испрати во заборав? А Тимолеон, да не заборавиме, е бескомпромисен и суров кога се во прашање стратешки одлуки за бизнисот и семејството…
Колку фикцијата е во корелација со биографските факти за Оназис и неговото семејство?
Факт е дека Аристотел Оназис од бракот со Атина „Тина“ Ливанос, која потекнува од богато грчко бродосопственичко семејство има син и ќерка. Во филмот неговата сопруга Оливија има шпанско потекло. Синот Александрос починал од последиците од претрпената авионска несреќа во 1973 година. Ќерката на Аристотел, Кристина, е родена во 1950 година, па точен е фактот од филмот дека во 1975 година го прославувала нејзиниот 25. роденден, но без веродостојни податоци дали прославата навистина се случила и дали се одвивала како што е прикажано во филмот. Прославата во филмот се одвива на неговото приватно царство на остров во Јонското Море, а Оназис бил сопственик на островот Скорпиос, спроти градот Нидри на Лефкада во Грција, кој го купил во 1963 година. Го уредил со зеленило, куќи и пристаништа. Во 2013 година внуката на Аристотел, Атина (името го добила по баба ѝ) го продаде Скорпиос (99-годишен закуп/долгорочна концесија) на рускиот магнат Дмитриј Риболовлев, кој го трансформира островот во ексклузивен приватен ресорт и туристички комплекс
Во „Роденденската прослава“ дефилираат припадници на европската и светската елита, но тие се повеќе стилизирани како кич и „треш“ ликови. Во реалниот живот Оназис е познат по одличните релации со британскиот премиер Винстон Черчил, принцот Рение од Монако и други личности од високите политики и бизнис кругови.
Бурниот љубовен живот на Оназис во реалноста е доволно добро документиран. Најпознати се две негови љубовни врски. Марија Калас, грчка оперска пејачка со светска кариера, била негова долгогодишна партнерка. Но, најголемото внимание на светските медиуми привлекувала врската со Жаклин Кенеди, вдовицата на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, која се омажила за Оназис на 20 октомври 1968 година на Скорпиос. Оназис починал на 15 март 1975 година, во близина на Париз, на 69-годишна возраст. Бил погребан на Скорпиос, покрај синот, а неговата ќерка Кристина ја наследила главната улога во семејните финансиски работи. Таа починала во 1988 година, на 37-годишна возраст, во приватен клуб во близина на Буенос Аирес, Аргентина, во земјата каде што нејзиниот татко ја започнал успешната бизнис кариера. Нејзината приказна често се претставува како приказна за жена која наследила огромно богатство, но се соочувала со тешкотии во пронаоѓањето стабилност и приватност. Нејзините родители се развеле во 1960 година, а Тина починала во 1974 година. Во филмот, Тимолеон и Оливија иако имаат студени односи, сè уште не се разведени.

Империјата ја наследила Атина, ќерката на Кристина од нејзиниот четврти брак, со францускиот бизнисмен Тјери Расел. Претходно Кристина имала краткотрајни бракови со американскиот претприемач со недвижности Џозеф Болкер, потоа со грчкиот бизнисмен Александер Андреадис и со рускиот стопанственик од ерата на СССР, Сергеј Каузов.
Иако светот ја памети како ќерка и богата наследничка на Оназис, Кристина била жена која менаџирала голема бродска компанија, во време кога оваа индустрија била речиси целосно доминирана од мажи.
Колку и да изгледа ликот на бескрупулозниот Тимолеон како алузија на Оназис, фактите говорат малку поинаку. Во 1975 година, врз основа на тестаментот на Аристотел Оназис, била формирана Фондацијата „Александар С. Оназис“, именувана во чест на неговиот починат син. Целта на Фондацијата била дел од богатството на еден од најмоќните луѓе на светот во 20. век да се насочи кон јавна корист, наместо да остане само семејно наследство, па Фондацијата со текот на годините поддржувала образование доделувајќи стипендии; научни истражувања; уметност и култура; здравство и кардиохирургија; проекти од општествен интерес. Меѓу тие проекти се Центарот за кардиохирургија „Оназис“ во Атина, како и културниот центар „Оназис Стеги“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар