Филмски факт: „Трето полувреме“ – приказна за фудбалот како игра на судбината

Од снимањето на „Трето полувреме“ (Фото: Дарко Митревски)

Илеш Шпиц, според чиј живот и кариера е креиран ликот на Рудолф Шпиц во филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, е добро познато име во македонскиот и ексјугословенскиот фудбал. Започнал како фудбалер во родната Унгарија, настапувал и за репрезентацијата на таа земја во триесеттите години од минатиот век, а потоа продолжил со тренерска кариера

Илеш Шпиц, според чиј живот и кариера е креиран ликот на Рудолф Шпиц во филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, е добро познато име во македонскиот и ексјугословенскиот фудбал. Започнал како фудбалер во родната Унгарија, настапувал и за репрезентацијата на таа земја во триесеттите години од минатиот век, а потоа продолжил со тренерска кариера

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

„Трето полувреме“, четвртиот филм во филмографијата на Дарко Митревски снимен во 2013, е сторија за времето кога фудбалот на луѓето им станува животна опсесија и покрај ужасните околности – како Втората светска војна и Холокаустот – во кои живеат. Или, токму заради таквите околности, „потценетиот“ живот станува фудбалска игра која им ги менува судбините на луѓето, во која „аланфордовски“ кажано, некој мора да загуби за другиот да победи. Затоа тогаш се раѓа синтагмата за фудбалот како најважната споредна работа на светот.

„Трето полувреме“ повторно е жанровски филм во опусот на Митревски, и паралелно раскажува неколку приказни со флешбекови. Приказната за Ребека, Еврејката од САД која по долги години се враќа во родното Скопје се преплетува со сторијата на фудбалот пред и за време на Втората светска војна во тој град. Играчите на ФК Македонија, за жал на нивниот основач, страсниот вљубеник во фудбалот Димитрија, имаат променлив успех во лигата на тогашното Кралство Југославија, но следи вистинскиот предизвик: пристигнува новиот тренер, Германецот Рудолф Шпиц, но набргу по него и војната и новата фашистичка окупација (1941-1944).

Во ова издание на „Филмски факт“ ќе се задржиме на ликовите Рудолф Шпиц (во толкување на Рихард Замел, германски актер со интернационална кариера) и Димитрија (Митко Апостоловски), кои во филмската фикција делумно се креирани според вистински личности. Митревски се занимава со ликот и делото на Шпиц во петтата епизода од неговиот ТВ серијал „Досие Скопје“ од 2000 година.

 

Кој е вистинскиот Рудолф Шпиц?

Илеш Шпиц, според чиј живот и кариера е креиран ликот на Рудолф Шпиц, е добро познато име во македонскиот и ексјугословенскиот фудбал. Започнал како фудбалер во родната Унгарија, настапувал и за репрезентацијата на таа земја во триесеттите години од минатиот век, а потоа продолжил со тренерска кариера. Пред Втората светска војна, од 1937 до 1939 година бил тренер на фудбалскиот клуб „Хајдук“ од Сплит, а потоа доаѓа во Скопје, каде што станува тренер на клубот „Граѓански“. Клубот со него влегува во првата лига на Кралството Југославија.

Писмото на Шпиц до клубот Граѓански (Фото Музеј на Северна Македонија)

Германско-бугарската фашистичка окупација на Македонија во 1941 резултирала со налог скопските клубови Граѓански, ССК, ЖСК-Победа, Југ и Славија да се фузионираат во еден спортски клуб – Македонија. Тренер е Илеш Шпиц, а клубот настапува во првата лига на Бугарија, во која дотогаш играле само клубови од Софија. Во 1942 година Македонија игра и во финалето на лигата против Левски од Софија.

Следната 1943 година е судбинска за Шпиц и Евреите од Македонија. Имено, како што открива и филмот, Шпиц има еврејско потекло и станува дел од погромот на Евреите во Македонија во март 1943 година.

Илеш Шпиц (Фото: Музеј на Северна Македонија)

Спортскиот коментатор Ивко Панговски пред 15 години во „Утрински весник“ детално ги опишува сите детали од таа драматична ситуација во животот на Шпиц, како се спасил од гасните комори на нацистичките концентрациони логори. Панговски, кој бил и врвен стенограф, имал прилика да го дешифрира половина век стариот стенограм во кој биле забележани искажувањата на проф. д-р Кирил Пенушлиски, етнолог и основоположник на македонската фолклористика.

Кирил Пенушлиски                                         Ивко Панговски (лево)

Пенушлиски пред, за време и по Втората светска војна бил активен спортски работник во повеќе скопски фудбалски клубови, и негова е заслугата за ангажирањето на тренерот Шпиц од Сплит во Скопје.

Беше човек кој ги удри темелите на современиот фудбал во Скопје и во Македонија. Беше неповторлив пример на неуморен работник, кој радоста за постигнувањата на фудбалското поле не можеше да ја почувствува поради силната полициска тортура на која беше подведен, само затоа што беше Евреин. Како на Евреин во тешките времиња на Втората светска војна тој мораше да ја носи жолтата шестокрака ѕвезда, симбол на Евреите, редовно да се јавува во полицијата. Му беше забрането да патува со клубот, што практично значеше дека му беше забрането да биде тренер на СК „Македонија“, раскажува Пенушлиски.

Неговите сеќавања велат дека ситуацијата во која се наоѓал Шпиц била неодржлива, па затоа група составена од двајцата секретари на клубот, Мицко Симеонов и Пенушлиски, и претседателот на клубот Македонија, инж. Димитар Шкатров, отпатувала во Софија кај претседателот на Бугарската фудбалска федерација, Иван Батенбергски. Тој им договорил средба со началникот за еврејски прашања во Министерството за внатрешни работи на Бугарија, кого со итрина успеале да го убедат да биде повлечена наредбата Шпиц како тренер на СК Македонија да не ја носи на жолтата шестокрака ѕвезда на ракавот. Тие го убедиле началникот дека Шпиц всушност бил сирак, оставен како бебе пред прагот на куќата на некое добростоечко еврејско семејство во Будимпешта кое го усвоило и одгледало. Главен аргумент им бил дека Шпиц дури не бил ниту обрежан според традиционалните еврејски обичаи, па властите и не треба да го сметаат за Евреин.

Дозволено му беше да патува со тимот, меѓутоа, не смееше да излегува на аут-линијата, бидејќи, според толкувањето на бугарскиот висок полициски функционер, тоа би предизвикало негодување кај играчите и функционерите од другите тимови со кои ’Македонија‘ се натпреваруваше во елитната дивизија и за „Купот на Цар Борис“, раскажува Пенушлиски.

Шпиц ниже успеси со клубот Македонија, неговите играчи се супериорни и во дербито со софиски „Левски“ и покрај огромната помош од судиите и притисокот од властите, а дел од тој натпревар е забележан со камерата на Благоја Дрнков, доајенот на македонската фотографија и документаристика (на 25 мин. од ова видео).

Тимот на Македонија од филмот „Трето полувреме“

Меѓутоа, на 8 март 1943 година Шпиц е уапсен заедно со илјадници негови сонародници-Евреи Тие се однесени во Монополот, а потоа натоварени во железнички вагони од композицијата која тргнува на север, со крајното одредиште во концентрационите логори.

Со Мицко Симеонов работев во Градската општина, во зградата под тврдината Кале. Во раните утрински часови на 8 март 1942 година, тукушто ги отворивме фиоките, во канцеларијата уплакана и избезумена втрча сопругата на нашиот тренер и на унгарско-српско-македонски јазик почна да вика: ’Однела полиција мој Шпиц. Нема Шпиц куќу. Полиција узела Шпиц. Иде за Немачку. Убише Шпиц, раскажува Пенушлиски.

Сименонов и Пенушлиски отрчале во архитектонското биро на Шкатров, сопсвеникот на клубот Македонија, известувајќи го за овој несреќен настан.

Тој налутено го крена телефонот и заврте неколку броја. Доби соговорник на линијата. Од разговорот сфативме дека на линијата го има директорот на бугарската полиција во Македонија, Асен Богданов, кому со висок тон му рече: „Асене, овде е Димче. Апсењето и одведувањето на Шпиц го сметам како атак врз мене“. По ова ја спушти слушалката, а нам ни рече: „Одете си“. Неизвесноста за судбината на тренерот на СК „Македонија“, Илеш Шпиц, потраа до вечерните часови, кога нешто по 20 часот, на наше големо изненадување и радост, тој дојде во просториите на клубот. На неколкумина членови на управата тој им ја раскажа својата голгота, се сеќава Пенушлиски.

Според кажувањата на Мицко Симеонов, Шпиц со треперлив глас и со солзи во очите им ја раскажал неговата одисеја:

Ме уапсија дома. Ме спроведоа во Монополот. Потоа со моите сонародници – Евреи ме качија во товарен вагон на долга композиција. Полека ја напуштивме територијата на Македонциjа. Гледајќи низ процепите на вагоните сфатив дека се движиме кон Србија. Изгубив секаква надеж. Неочекувано композицијата запре. Видов дека сме во Сурдулица. Овде мене ме извлекоа од вагонот, а набргу германски офицери ме качија во автомобил и ме вратија во Скопје“. Овие зборови Шпиц ги искажа со насолзени очи, среќен што повторно е меѓу своите, како што знаеше да рече за фудбалерите, за членовите на управата и за навивачите на СК „Македонија‘‘.

Во филмот, Шпиц е самец, без семејство, и со помош на Димитрија заминува во италијанската окупациона зона во Западна Македонија, каде што окупаторите биле поблаги кон Евреите. Поголемиот дел од фудбалерите се приклучуваат на Народно-ослободителното движење во Македонија.

По ослободувањето, Шпиц со сопругата и ќерката живеел во Скопје до 1946 година, а потоа на предлог на неговиот фудбалер од СК Македонија Кирил Симоновски-Џина – кој ќе стане фудбалската легенда – станува тренер на новоформираниот ФК Партизан. Во ерата на Шпиц, Партизан ќе ги изнедри фудбалските асови Стјепан Бобек, Бранко Зебец, Симоновски, Златко Чајковски, Милош Милутиновиќ, Фахрудин Јусуфи… За 11 години со Шпиц на тренерската клупа Партизан освојува две првенства и три купа на Југославија, е клубот го вбројува во најголемите тренерски имиња.

По враќањето во Скопје, Шпиц со Вардар во 1961. го освојува Купот на Југославија. Како што живеел за фудбалот, така Шпиц и умрел буквално покрај фудбалскиот терен. По напнатиот натпревар со ОФК Белград на 1 октомври 1961 година (Вардар победил со 3:2), Шпиц во соблекувалната доживеал срцев удар и починал.

Тимот на ФК Вардар од 1961 година

Кои се Димитар Шкатров, Димитар Ѓузелов, Нета Коен?

Во фиктивниот филмски лик Димитрија делумно можат да се препознаат вистинските личности Димитар Шкатров и Димитар Ѓузелов. Шкатров (или Чкатров) и Ѓузелов (или Ѓузелев) биле претставници на граѓанската опозиција (движењето МАНАПО/Македонски народни покрет) која се залагала за Македонија како федерална единица во Кралството Југославија. Во Втората светска војна, по распарчувањето на Југославија, стануваат видни соработници на бугарските окупаторски власти во Македонија, Шкатров со СК Македонија, а Ѓузелов како началник на Радио Скопје.

По ослободувањето на Македонија, и двајцата се осудени од страна на Народниот суд во 1945 година како соработници на окупаторот и стрелани.

Во ликот на полковникот Гарванов (го игра актерот Емил Рубен), пак, може да се препознае прототип на личности од калибарот на споменатиот директорот на бугарската полиција во Македонија, Асен Богданов.

Ликот на Ребека (ја игра манекенката со светска кариера Катарина Ивановска) – која најпрвин со забранетата љубов со Коста (Сашко Коцев) и бракот со него ја избегнува депортацијата – пак, е креиран според животната приказна на Нета Коен (подоцна Марија Младеновска).

Нета Коен, чиј живот и страдања се директна инспирација за Митревски во создавањето на сценариото на „Трето полувреме”, била ќерка на Аврам Коен, угледен Евреин од скопската висока средна класа, но избегала од дома и се омажила со фудбалер-христијанин, што и ја спасило од концентрационите логори — татко ѝ, разбеснет поради нејзиното „предавство”, се откажал од неа и ја избришал од семејното стебло, така што нејзиното име го немало во ниеден од списоците со еврејски имиња за депортација што в раце ги држеле тогашните бугарски окупатори, гласи дескрипцијата на видео-сведоштвото снимено од екипа на Шоа-фондацијата на Стивен Спилберг и е едно од речиси 52-те илјади интервјуа со преживеани од Холокаустот што ги има снимено фондацијата од 1994 до 1999 година, заради забележување на сведоштвата на преживеаните…

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција