Филувани коментари за спинуван напад

Нулта-професорите-трет-ден-не-одат-на-работа-0987-098-crop-resize

[Рецензија на текст со наслов: Нулта професорите трет ден не одат на работа, деканот Давитковски- неработник на годината!]

Пред нас имаме текст кој создава впечаток дека медиумот е виктимизиран со тоа што не добил информации од избрани професори кои ги именува за политичка асоцијација без конкретни докази за читателот. Имаме едностраност, неизбалансираност и прозивање на академски граѓани и жигосување. Наводни факти се накалемени на коментари со што се постигнува новинарски спин, со јасна крајна цел – дискредитирање на тројца професори.

Нулта професорите трет ден не одат на работа  деканот Давитковски  неработник на годинатаЛинк до анализираниот напис: Нулта професорите трет ден не одат на работа, деканот Давитковски- неработник на годината!

Датум и време на објавување: 31/12/2014

Датум на рецензирање: 03/1/2015

Рецензент: Александар Пешев

Аголот на приказната се базира на тврдења на кои не им е место во новинарска објава.

„Љубомир Фрчковски, Ана Павловска Данева, Гордан Калајџиев, Каролина Ристова Астеруд и останатите професори кои протестираат против концепт кој ќе го подобри квалитетот на високото образование, новогодишните празници си ги претворија во долг одмор.“ 

Од каде се знае дека именуваниот концепт ќе го подобри квалитетот на образованието? Ако не се наведува кој го кажал или потврдил тоа, имаме коментар на авторот. Врз основата на овој коментар, авторот гради „случај“, поточно ги напаѓа именуваните субјекти за кои неосновано се тврди дека зеле продолжен одмор.

„Денес на работа е нашата екипа, сите доктори и останат медицински кадар, наставници и професори, цела јавна администрација, продавачи, банкарски службеници… Сите освен професорскиот кадар на СДСМ“

И конечниот „слој“ од случајот базиран на коментари се согледува во еден вид резиме во текстот.

„Она што е скандалозно е фактот што токму Давитковски и СДСМ гласно се залагаат за демократија, автономија на Универзитетот и слобода на говорот.“

Кој вели дека е скандалозно? Кој потврдил дека деканот е поврзан со опозициска партија и зошто таквата потврда не е наведена во текстот? Деталниот поглед на структурата на оваа објава покажува дека имаме коментар, на кој се надградува тврдење дека именуваните професори не биле на работа и сè се завршува со уште еден коментар како цреша на шлагот. Ваквиот видно филуван текст укажува на јасни елементи на новинарски спин.

Дополнително, имаме означување, јасно насочено кон дискредитација на личности. Професорите се именувани како „нулта професори“, се нарекуваат неработници или „неработник на годината“. Тука имаме јасна навреда на избрани жртви. Новинарството не смее да осмислува етикети и да бележи индивидуалци или лица за остварување на какви било цели.

Едностраноста на објавата се согледува во фактот што на читателот не му е кажано дека авторот на текстот се потрудил да побара и други професори. Се трагало по тројца кои се обележани како „професорскиот кадар на СДСМ“. Вреди да се спомене дека станува збор за професори кои често гостуваат во медиумите, со што не е јасно зошто ако не ги начекале во кабинети, не е направен напор да се добијат телефонски – секако доколку навистина станува збор за, како што е наведено, „одговори кои јавноста ги очекува“.

Насловот е коментаторски, тенденциозен и навредлив, бидејќи маркира и жигосува тројца професори. Авторот пишува дека именуваниот „неработник на годината“ се појавил на работа тој ден на состанок. Содржината на текстот го побива тврдењето во насловот со што се зголемува сомнежо дека цел на објавата е да ги омаловажи именуваните. Нема изјави од релевантни извори. Веродостојноста на објавата е сомнителна, мотивите за објавување на текстот се непознати. И, конечно, дали ваквата неизбалансирана објава од анонимен автор е навистина од јавен интерес како што индиректно се тврди во текстот?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција