Финансиска измама: Димитриеска-Кочоска и Владата не промовираат „инвестициска платформа“
Целта на оваа измама е да собере ваши лични податоци и да ве натера да „вложите“ 15.000 денари, односно да ви украде пари, имајќи предвид дека во лажното интервју со министерката на неколку места се спомнува сумата од 15 илјади денари.
Целта на оваа измама е да собере ваши лични податоци и да ве натера да „вложите“ 15.000 денари, односно да ви украде пари, имајќи предвид дека во лажното интервју со министерката на неколку места се спомнува сумата од 15 илјади денари. Во објавата е злоупотребено и логото на државната новинска агенција МИА за да делува како вистинска вест и да ги намами следбениците да кликнат на неа
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која го злоупотребува името на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со цел да измами корисници на социјалната мрежа за пари.
Оваа објава ја шокираше земјата: еве како ќе влијае на сите, стои во објавата која е придружена со фотографија од министерката.
Во објавата е злоупотребено и логото на државната новинска агенција МИА за да делува како вистинска вест и да ги намами следбениците да кликнат на неа. На сајтот на МИА не може да се најде ваква вест.
Ваква информација министерката за финансии нема соопштено, ниту пак, вакво нешто може да се најде на официјалната веб-страница на Владата.
Вистиномер провери за каква измама станува збор следејќи го линкот на објавата на Фејсбук. Тој ве носи на веб-страница starbow.online каде што е објавено наводно интервју со министерката Димитриеска-Кочоска, кое го води новинарката на Сител, Славица Арсова и во кое министерката наводно зборува за некаков наводен процес на враќање на даноците со што секој граѓанин ќе може официјално да добие до 200 илјади македонски денари месечно.

Во лажното интервју кое е напишано со помош на Гугл транслејт, Димитриеска-Кочоска наводно објаснува за некаков наводен систем преку кој граѓаните ќе ги добивале тие пари и притоа во неколку наврати го спомнува системот NethertoxAGENT до кој има и линк. Доколку стиснете на линкот, ќе видите дека станува збор за измама со инвестиции и онлајн тргување.

Очигледно целта на оваа измама е да собере ваши лични податоци и да ве натера да „вложите“ 15.000 денари, односно да ви украде пари, имајќи предвид дека во лажното интервју со министерката на неколку места се спомнува сумата од 15 илјади денари.

Не е првпат преку вакви лажни вести во кои се злоупотребуваат имињата на јавни личности, да се мамат граѓани за да се соберат нивни лични податоци и да се „олеснат“ нивните сметки. Граѓаните мора многу да внимаваат на какви вести кликаат, за да не наседнат на измамите.
Реакција за оваа измама преку социјалните мрежи имаше и од агенцијата МИА.
Медиумската информативна агенција – МИА демантира дека објавила интервју со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, како што е пренесено на некои социјални мрежи и портали. Притоа се злоупотребени името на Агенцијата, која е прикажана со видоизменето лого, како и фотографии на МИА, стои во реакцијата на МИА.
Инаку, фотографијата од Кочоска-Димитриеска и новинарката на Сител Славица Арсова е преземена од интервју објавено пред три месеци на Јутјуб каналот на Сител, во кое министерката никаде не ја спомнува наводната инвестициска платформа што се промовира во објавата што ја анализираме, ниту пак, зборува за некаков поврат на даноци од 200 илјади денари месечно.
Поради сето наведено, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар