Финишира проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“

 

Финалниот извештај на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој се однесува на исполнетоста на Итните реформски приоритети (ИРП) за слободата на изразувањето ги презентира генералните резултати од набљудувањето, во периодот од 1 јули 2017 до 30 септември 2018 година .

Во извештајот во однос на исполнувањето на реформите во четирите столба се наведуваат следните констатации:

  • Јавен радиодифузен сервис – новото буџетско финансирање на МРТ покажа дека е на пониско ниво од претходно и оти нема да ги задоволи потребите за нормално функционирање на јавниот сервис. Затоа во јули 2018 година со ребаланс на буџетот Собранието додели дополнителни 3 милиони евра за тековната година. Започнатите промени во медиумската легислатива не добија своја завршница во Собранието. Во законодавниот дом сè уште не се изгласани потребните измени на предметниот закон. Програмскиот совет на МРТ, во чиј состав има членови кои се поранешни носители на јавни функции, го реизбраа актуелниот директор на МРТ. Програмските сервиси на телевизијата се во истиот формат и покрај законската обврска за четврт ТВ-канал. Не се забележани никакви реформски зафати за унапредување на работата и на квалитетот на програмската/содржинската понуда во јавниот сервис.

 

  • Владино рекламирање – иако се укинати владините реклами на домашните медиуми, Владата не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава на правилници, процедури или протоколи. Дополнително во Членот 102 од Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е оставена можноста за рекламирање на Владата, владините институции и другите јавни претпријатија.

 

  • Пристап до информации – Покрај мерките за отворање на јавните бази за новинарите, донесени од Владата, некои министерства отворија онлајн-пристап за пошироката јавност до податоци за трошењата, тендерските договори и набавките. Останува непроменета состојбата врзана за измени и дополнувања на Законот за пристапот до информации од јавен карактер. По повикот до широката и експертската јавност за сугестии за измени, не се формирани работни групи при Министерството за правда не е започната некаква активност во оваа насока. Дополнителна отежнувачка околност е нефункционалноста на Комисијата. Таа функционира без претседател и без два члена, со што нема мандат да донесува решенија по жалби за пристап до информации од јавен карактер. Кадровското екипирање на Комисијата се очекува да заврши до крајот на 2018 година.

 

  • Клевета и навреда – Во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување. И покрај евидентираните намалени тужби и спорови против новинари за клевета и навреда, сè уште останува дилемата кај судовите дали онлајн-медиумите и нивните вработени ќе се третираат како медиуми/новинари. Судската пракса покажува дека има произволно толкување за овие субјекти и за новинарите што работат во овој тип медиуми на што професионалната НВО-заедница константно реагира. На формалните административно-правни реакции се уште нема одлука од повисоките судски инстанции. Не е преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и на процедуралните правила со цел да се усогласат со практиката на Европскиот суд за човековите права. Владата не почнала координација со стручната јавност во оваа насока.

Опсерваторијата на медиумските реформи ќе продолжи со следењето на исполнувањето на Итните реформски приоритети и во наредниот период, презентирајќи ги резултатите во форма на периодични извештаи, вести и истражувачки стории за што поголемо вклучување на граѓаните на Република Македонија во демократските процеси. Сите резултати од следењето се достапни на македонски и на албански јазик на веб-локацијата MediaObservatorium.mk.

Официјалната презентација на финалниот извештај ќе биде на 11 декември на Конференцијата Е-општество на тема „Медиумски писмени граѓани за отчетни институции“

Проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, ЗГ „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција