Флуорот во водата не ја намалува интелигенцијата кај децата и не предизвикува невролошки проблеми
Стоматолозите и здравствените експерти велат дека регулираните нивоа на флуор во јавната вода за пиење помагаат во заштитата од расипување на забите. Објавите на социјалните медиуми што ги засилуваат тврдењата министерот за здравство на САД, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, дека минералот предизвикува негативни здравствени ефекти, вклучувајќи проблеми со коските и невролошки проблеми, погрешно ги презентираат истражувањата за влијанието на високите дози на флуор, пишува АФП во својата проверка на факти
Стоматолозите и здравствените експерти велат дека регулираните нивоа на флуор во јавната вода за пиење помагаат во заштитата од расипување на забите. Објавите на социјалните медиуми што ги засилуваат тврдењата министерот за здравство на САД, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, дека минералот предизвикува негативни здравствени ефекти, вклучувајќи проблеми со коските и невролошки проблеми, погрешно ги презентираат истражувањата за влијанието на високите дози на флуор, пишува АФП во својата проверка на факти
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
RFK Jr. штотуку повика на СТОП на флуорот во нашата вода.
„Доказите против флуорот сега се огромни“.
„Знаеме дека предизвикува длабоко губење на коефициентот на интелигенција… и други невролошки повреди како АДХД“.
„Тоа влијае на здравјето на бубрезите, црниот дроб и предизвикува хипотироидизам и предизвикува остеоартритис“.
„Жените кои се повеќе изложени имаат и до 50% повеќе фрактури на колкот“.
Тврдењата за негативните влијанија од консумацијата на флуор циркулираат со години, а некои од нив веќе се дебанкирани од странски проверувачи на факти.
Ваквите тврдења повторно се засилија на социјалните мрежи по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и изјавата на Роберт Кенеди Џуниор, кој Трамп го именуваше за министер за здравство, дека на денот на инаугурацијата – 20 јануари, 2025 г., Трамп ќе им препорача на компаниите за управување со водата за пиење да не ставаат повеќе флуор „кој е индустриски отпад одговорен за артритис, фрактури и рак на коски, губење на IQ, невролошки нарушувања и болести на тироидната жлезда“.
Објавата што ја анализираме, тврди дека флуорот предизвикува „длабоко губење“ на интелигенцијата и други невролошки повреди, што влијае на здравјето на бубрезите, црниот дроб и коските. Притоа, вели објавата, има многу докази за тоа, а докази нема нигде. Лесно е да се каже за нешто дека има докази, но тие докази треба да се понудат ако навистина постојат за да се увериме дека напишаното е вистина. Во спротивно, тоа не држи вода и лесно се оценува како произволно толкување.
Ниското ниво на изложеност на флуор е безопасно
Истражувачите продолжуваат да ги испитуваат хипотезите за потенцијалните штети на флуорирана вода и презентираат студии кои сугерираат дека високото ниво на изложеност може да доведе до здравствени проблеми, пишува сервисот за проверка на фактите АФП. Сепак, Американската стоматолошка асоцијација (ADA) ја одржува флуоридацијата на водата во заедницата како безбедна и ефикасна за спречување на расипување на забите.
Прашање е колку, а ако е само малку, воопшто не е опасно, вели Хауард Полик, професор на Факултетот за стоматологија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, пренесува АФП.
Повисоките нивоа на изложеност на флуор – особено кај децата – можат да доведат до дентална или скелетна деградација позната како флуороза.
Како што е случајот со многу супстанции што се наоѓаат во природната средина, постои оптимално ниво под кое не е добро и над кое не е добро, вели Полик.
Познат по тоа што го намалува ризикот од кариес, флуорот е присутен во повеќето пасти за заби и се додава во одредени јавни системи за вода низ САД во обид да се зголеми широко распространетата отпорност на расипување на забите.
Американското Министерство за здравство (HHS) препорачува оптимално ниво на флуор помеѓу 0,7 и 1,2 милиграми на литар вода. Центарот за контрола на болести (ЦДЦ) извести во 2023 година дека речиси секој флуоризиран систем за вода во заедницата забележан во Соединетите Држави е измерен под 2 милиграми на литар.
Полик вели дека некои природни резерви на вода содржат нивоа на флуор над секундарниот стандард на Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) од 2 милиграми на литар и дека на жителите во близина им се советува да не дозволуваат децата да пијат од овие извори.
Што покажуваат стручните анализи и студии?
Извештајот од 2024 година од Националната програма за токсикологија на САД (NTP) покажа дека нема доволно податоци за да се поддржат тврдењата за негативни влијанија врз детскиот коефициент на интелигенција кога нивоата на флуоридација се пониски од 0,7 милиграми на литар. Но, прегледот заклучи со „умерена самодоверба“ дека има докази за поврзаност помеѓу нивоата на флуор поголеми од 1,5 милиграми на литар и пониската когнитивност кај децата. Прегледот не најде никаков доказ дека изложеноста на флуор има негативно влијание врз когнитивните способности на возрасните.
Во септември 2024 година, федерален судија ѝ нареди на ЕПА да преземе дополнителни мерки за регулирање на флуорот во водата за пиење.
Студиите на Одензе детска група (ОЦЦ) и Детство и животна средина (ИНМА), соодветно извршени во Данска и Шпанија, не открија врска помеѓу зголемените нивоа на флуорид во урината и намалените резултати на когнитивните тестови, пишува Фактчек.орг.
Мета-анализата од 2021 година објавена во Scientific Reports покажа дека изложеноста на високи нивоа на флуор е поврзана со понизок коефициент на интелигенција, но не најде врска помеѓу изложеноста на ниско ниво на флуор и невролошките проблеми. Истражувачите ја дефинираа високата изложеност на флуор како над 2 mg на литар и ниската изложеност помеѓу 0,5 и 1 mg на литар. Истражувачите на крајот заклучија дека квалитетот на доказите е низок во целина и не им дозволил „да наведат дека флуоридот е поврзан со невролошко оштетување“, дури и при релативно високи дози.
Друга мета-анализа, објавена во 2023 година во Environmental Research, заклучи дека студиите покажале оти изложеноста на флуор е поврзана со понизок коефициент на интелигенција кај децата, потенцијално почнувајќи од 1 mg на литар или пониско. Но, истражувачите, исто така, забележаа проблеми со квалитетот на студиите што беа направени, откривајќи дека оние кои покажуваат најголемо негативно влијание на флуорот се изложени на висок ризик од пристрасност. Пристрасноста се јавува кога има некоја систематска грешка што доведува до неточни наоди на студијата – како што се збунувачки фактори кои би направиле врската да изгледа реална кога не е.
Конечно, една студија објавена во списанието Јавно здравје во 2023 година, која ги оценуваше само студиите во кои луѓето беа изложени на нивоа на флуор од 1,5 mg на литар и пониски, не идентификуваше врска помеѓу нивоата на флуор и коефициентот на интелигенција во различни анализи.
Овие мета-анализи покажуваат дека изложеноста на флуор релевантна за флуоридација на водата во заедницата не е поврзана со пониски резултати на коефициентот на интелигенција кај децата, заклучија истражувачите, пренесува Фактчек.орг.
Дека флуорот е безбеден, е наведено и на веб-страницата на кампањата за дентално здравје во Америка, програма на американската Академија на педијатри.
Флуорот е минерал за кој е познато дека е безбеден и ефикасен во спречувањето на расипување на забите. Нема научно валидни докази што покажуваат дека флуорот предизвикува рак, заболувања на бубрезите или други нарушувања. Не е докажано дека пиењето флуоризирана вода предизвикува или влошува состојби на тироидната жлезда, бубрезите, срцето или други жлезди/органи. Единствениот докажан ризик поврзан со вишокот флуор е козметичка состојба позната како дентална флуороза. Денталната флуороза е мала промена во изгледот на забите, што обично резултира со бледи бели дамки на глеѓта. Луѓето насекаде можат да имаат флуороза, дури и во заедниците каде што не се додава флуор во водата, пишуваат американските педијатри.
Од сето ова можеме да заклучиме дека во објавата нема понудено никакви докази, релевантни медицински истражувања, кои ќе докажат дека флуоридот кој се става во водата, млекото и пастата за заби предизвикува губење на интелигенцијата кај децата и невролошки заболувања. Исто така не постојат релевантни медицински докази за тоа дека флуорот предизвикува проблеми со бубрезите, црниот дроб, тироидната жлезда и коските. Наспроти тоа, постојат истражувања кои докажале дека флуорот кој се става во водата во САД е во сосема мали количини кои не можат да предизивикаат никакви невролошки пореметувања, ниту, пак, можат да влијаат врз развојот и интелигенцијата на децата.
Стоматолозите и здравствените експерти велат дека регулираните нивоа на флуор во јавната вода за пиење помагаат во заштитата од расипување на забите. Објавите на социјалните медиуми што ги засилуваат тврдењата министерот за здравство на САД, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, дека минералот предизвикува негативни здравствени ефекти, вклучувајќи проблеми со коските и невролошки проблеми, погрешно ги презентираат истражувањата за влијанието на високите дози на флуор, пишува АФП во својата проверка на факти.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар