„Флурона“ стигна во Северна Македонија, што (не) се знае до сега?

Д-р Пајтим Асани. Фото: лична архива/Порталб

На 5 јануари годинава во Северна Македонија беше потврден првиот случај со „Флурона“. До денес во Северна Македонија има неколку случаи со оваа инфекција, која е комбинација од два вируси и тоа: инфлуенца А и САРС КоВ-2. На оваа тема, за Порталб.мк зборувавме со лекарот Пајтим Асани, според кој, инфекцијата со два вируси истовремено претставува едно големо оптоварување на организмот. Асани објасни за сличностите и разликите помеѓу инфекцијата со сезонски грип и корона вирусот, пишува Порталб.мк.

На 5 јануари годинава во Северна Македонија беше потврден првиот случај со „Флурона“. До денес во Северна Македонија има неколку случаи со оваа инфекција, која е комбинација од два вируси и тоа: инфлуенца А и САРС КоВ-2. На оваа тема, за Порталб.мк зборувавме со лекарот Пајтим Асани, според кој, инфекцијата со два вируси истовремено претставува едно големо оптоварување на организмот. Асани објасни за сличностите и разликите помеѓу инфекцијата со сезонски грип и корона вирусот, пишува Порталб.мк.

 

26-годишникот од Зајас се соочува со комбинацијата од два типа на вируси без тешки симптоми и со лесна клиничка слика.  Инфекцијата со „Флурона“ ја донел од Соединетите Американски Држави од каде што отпатувал неодамна.

„Според епидемиолошката анкета, пациентот со коинфекција Ковид-19/инфлуенца А, нешто пред 31.12.2021 година се вратил од Соединетите Американски Држави, и кратко пред  да пристигне во Северна Македонија ја примил и втората доза од вакцината против Ковид-19 “, соопштија од Министерството за здравство.

„Флурона“, има ли причина за паника?

Лекарот Пајтим Асани вели дека се уште е рано да се оцени дали има или не причина за паника. Според него, инфекцијата со два вируси би била поголемо оптоварување за организмот.

„Флурона како термин се користи за луѓе истовремено инфицирани со вирусот САРС КоВ-2 и вирусот на грипот. Во теорија, инфекцијата со два вируси би била поголемо оптоварување за организмот, но се уште не можеме да оцениме колку оваа инфекција со два вируси би го оптоварила јавното здравје. Вирусот на САРС КОВИД 19 се појави во 2019 година, грипот постои од секогаш. За разлика од другите години оваа година за жал се очекуваат повеќе случаи на заразени со 2 вируси и тоа е резултат на олабавувањето на рестриктивните мерки кои во изминатите 2 години овозможија да немаме многу случаи на заразени со вирусот на грип“, изјави лекарот Пајтим Асани.

Меѓутоа, Асани додаде дека „Ковид-19 е по инфективен и предизвикува потешка форма на болеста од вирусот на сезонскиот грип. Исто така, пациентите со Ковид-19 може да бидат асимптоматски и да се инфективни еден подолг временски период.

Кои се сличностите и разликите меѓу Ковид-19 и грип?

Сличности

  • Треска,
  • Кашлица,
  • Отежнато дишење,
  • Болка во грлото,
  • Течење или затнат нос,
  • Главоболка,
  • Болка во мускулите,
  • Повраќање или дијареа.

Разлики

  • Губење на осетот за вкус и мирис
  • Губење на апетитот

Ова се две карактеристики на Ковид-19. Меѓутоа, лекарот Пајтим Асани вели дека најбезбедниот и најдобриот начин со кој може да се направи разлика меѓу инфекцијата со САРС КоВ 2 и вирусот на грип е тестирањето.

Во РСМ има зголемување на бројот на заболени, а од МЗ не појаснуваат дали се работи за „Флурона“ и дали ќе има потреба од нови рестриктивни мерки.

Бројот на активни случаи со Ковид-19 во земјава е 8.209, што е зголемување за над 1300 случаи за само 24 часа. Во последните 24 часа направени се 7.472 тестови, при што се регистрирани 1.725 нови случаи на Ковид-19, две лица починале, а излекувани се 332 пациенти.

Како што информираат од Министерството за здравство, според податоците на Институтот за јавно здравје, најмногу новозаболени има во Скопје 1.028, потоа во Битола 148, Прилеп 112 и Охрид 61. Во текот на 24 часа регистрирани се два смртни случаи, еден во Скопје (66) и еден во Неготино (76). И двајцата починати починале во болница.

Досега во земјава се направени вкупно 1.633.936 тестирања за Ковид-19, вкупниот број на заболени од Ковид-19 од почетокот на епидемијата е 230.265, бројот на излекувани е 214.054, додека бројот на починати е 8.002.

Што велат од Светската здравствена организација (СЗО) за „Флурона“?

Од СЗО велат дека благите симптоми на Флурона може да се третираат и во домашни услови и дека нема потреба од хоспитализација. Се разбира дека има и случаи со тешки симптоми на Флурона, како што е пневмонија, миокардитис и воспаление на срцевиот мускул. Лекарите се во паника поради ширењето на вирусот на грип, во време кога се уште беснее пандемијата со Ковид-19 и поради таквата ситуација треба да внимаваме да не се заразиме со двата вируси истовремено.

„Вистина е дека можете да се заразите со двата вируси истовремено, што може да биде катастрофално за имунолошкиот систем“, рече доктор Адријан Бароуз.

Инаку, носењето на заштитни маски и избегнувањето на собирањата е најдобар начин да се избегне инфекција со корона вирусот, посочуваат експертите, а во оваа ситуација тоа може да значи двојна заштита. Токму поради растојанието и носењето на маски, земјите пријавуваат и помал број на заболени од грип, бидејќи мерките што ги користиме за заштита од Ковид-19 помагаат и при заштитата од грип.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција