Фонд за енергетска ефикасност: фонд нема, останаа зборовите

Неформиранот фонд закочи многу продуктивни и еколошки проекти. Фото: Flickr

 

Проект: Ќе ја разгледаме можноста во соработка со Светска банка да формираме Фонд за енергетска ефикасност и одржлив развој.

Фондот ќе придонесе кон подобрување на енергетската ефикасност, заштеда на енергија, креирање на нови работни места, зачувување на природните ресурси и намалување на загадувањето во животната средина. Преку овој фонд, ќе се разработат механизми за инвестирање и зголемување на енергетската  ефикасност на објектите во јавниот сектор (како што се училиштата, градинките, болниците, општинските згради и други државни објекти). Во моментот се подготвува концептот за функционирање на Фондот, кој би започнал со активности во 2015 година. (Буџет: околу 15 милиони евра, Рок: 2015-континуирано)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма на владејчаката ВМРО-ДПМНЕ „Проверено – проекти кои докажано се остваруваат“, со која настапи на парламентарните избори во 2014 година, во делот посветен на енергетскиот сектор (стр.217), е наведно формирање на Фонд за енергетска ефикасност, со почеток на функционирање во текот на 2015 година. Но, и покрај тоа што се наведеува дека имлементацијата на ветувањето е во зародиш, односно дека во тој момент се подготвува и концепт за функционирање на Фондот, сепак тоа не се случи.

Програмската артикулација на идејата за формирање на Фондот кој што ќе доведе ослободување на дополнителен економски потенцијал во државата преку енергетска ефикасност, усогласена со заштита на животната средна, следуваше откако на почетокот на 2014 година реализацијата на оваа идеја беше најавена од страна на Министерството за економија.

Министерството за економија во соработка со Светската банка, работи на формирање фонд за енергетска ефикасност, со чии финансиски средства ќе се спроведат мерки за заштеда на енергија во јавните згради.

Рокот за негово основање не се објавува, но сосема е извесно дека постапката ќе мора да се заврши што е можно побрзо. Покрај инвестициите од државата и локалната самоуправа, за формирање на фондот е предвидено да се земат и кредити од меѓународните финансиски институции – беше соопштено на самиот почеток од 2014 година, 6 јануари, од страна на Министерството за економија, како ресорно министерство задолжено за прашања од областа на енергетиката.

Институционалното третирање и изразување на намера за негово создавање, во два наврати беше дел и од акционите планови за енергетска ефикасност.

Во „Првиот акционен план за енергетска ефикасност на Република Македонија до 2018 година“(стр.20), на Министерството за економија од 2011 година, како дел од замислата да се даде поддршка на јавниот и приватниот сектор за спроведување на програми за унапредување на енергетската ефикасност, се вели:

Формирање на Фонд за енергетска ефикасност (натаму во текстот: Фонд). Формирањето на фондот ќе зависи од реалната потреба за негово формирање, од можноста за обезбедување на средства, при што ќе се определи моделот на негово организирање, управување, функционирање и финансирање.

Истата идеја и замисла се повторува и во „Вториот акционен план за енергетска ефикасност на Република Македонија“, кој беше објавен во октомври 2013 година (во 2015 година се наоѓаше во владина процедура, но не постојат јавно достапни информации дали истата е завршена), каде децидно е наведено „создавање и почеток со работа на Фондот за енергетска ефикасност“ (стр. 29), при што е нагласена и неопходноста „за поддршка на побрзото спроведување на успешните програми за енергетска ефикасност и за унапредување на инвестициите“ (стр.146).

И покрај тоа што формирањето на Фондот се најде во двата акциски планови и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, сепак неговото оперативно заживување останува на ниво на декларативно и кампањско промовирање, без било какви конкретни одлуки, мерки или активности кои би означиле барем иницијални обиди за негово профункционирање.

На 9 октомври, 2015 година, временски период во кој според предвиденото во изборната програма на владејачката партија формирањето на Фондот во најмала рака требаше да биде на повидок, тогашниот министер за економија Беким Незири изјави дека формирањето на истиот е во фаза на „избор на модел“ .

Идејата за Фондот беше дел и од кампањата на Министерството за економија за енергетска ефикасност, кој се спроведуваше во 2015 година, „Наша енергија – наша сила“, во чиј рамки организираше и јавни дебати:

Од досега покренатите прашања најголемо внимание е посветено на потребата од донесување на закон за енергетска ефикаснот, како и за формирање на фонд за енергетска ефикасност.

Како дел од јавните дебати  за енергетска ефикасност беше објавена и Брошура за финансирање на проекти во доменот на енергетска ефикасност, во која поради поддршката од страна на Светска банка за подобрување на енергетската ефикасност на локално ниво, формирањето на Фондот се третира како извор на финансиски средства за подобрување на енергетската ефикасност во јавните објекти во општините.

И покрај ваквата најава, сепак во програмите за работа на Агенцијата за енергетика за 2014, 2015 и 2016 година, како надлежна инситуција да го поддржува „спроведувањето на енергетската политика на Владата, преку подготовка на енергетски стратегии, развојни планови и програми, со особен акцент на енергетската ефикасности и користењето на обновливи извори на енергија“, не се споменува формирањето на Фондот како проектирана обврска која би требало да се реализира во споменативе години.

Имајќи во предвид, како што е наведено погоре, дека сите институционални обиди за формирање на Фондот за енергетска ефикасност останаа само на кампањско, декларативно ниво, спроведени во рамки на проектираниот период во изборната пограма на ВМРО-ДПМНЕ (2015 година), за негово формирање, како и тоа дека истиот не е дел од програмата за работа на Агенцијата за енергетика за 2016 година, ова изборно ветување може да се оцени како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Стојанче Манев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција