Фондацијата Отворено општество Македонија не го финансираше извидничкиот камп Sex Scouts and Rock’n’Roll

Проектот, кој е помогнат од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), се однесува на животната средина и нема ништо заедничко со извидничкиот камп Sex Scouts and Rock’n’Roll, или, пак, со теми поврзани со сексуално образование. Прирачникот, пак, кој е произлезен како резултат на овој проект, покрај од страна на ФООМ на локално ниво, на меѓународно ниво помогнат е од редица угледни меѓународни организации за заштита на животната средина какви што се Фондацијата Алкоа, WWF (World Wildlife Fund), па дури и од Програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации (UNEP)

Проектот, кој е помогнат од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), се однесува на животната средина и нема ништо заедничко со извидничкиот камп Sex Scouts and Rock’n’Roll, или, пак, со теми поврзани со сексуално образование. Прирачникот, пак, кој е произлезен како резултат на овој проект, покрај од страна на ФООМ на локално ниво, на меѓународно ниво помогнат е од редица угледни меѓународни организации за заштита на животната средина какви што се Фондацијата Алкоа, WWF (World Wildlife Fund), па дури и од Програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации (UNEP) 

 

Откако во јавноста беа обелоденети сведоштва на родители на средношколци, кои обвинуваат дека на извиднички камп, кој се одржал викендов во близина на Скопје, се случувале несоодветни активности со сексуална конотација, односно дека малолетници учествувале во активности кои вклучувале соблекување, бакнување, биле испрашувани за бројот на сексуални партнери, итн., беа објавени и споделувани на социјалните мрежи манипулативни написи, во кои, меѓу другото, се вели и дека „оваа година, зад скандалозниот камп, финансиски застанува фондацијата СОРОС“, како што неточно и тенденциозно се именува Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ), притоа избегнувајќи го спомнувањето на нејзиното вистинско и регистрирано име.

Написи со ваква содржина се објавени на повеќе портали, за подоцна да биде избришан само еден од нив, додека другите и понатаму можат да се прочитаат. Целиот кластер на овие вести може да се погледне тука.

Демантот на ФООМ се однесува на инфорамциите кои имплицираат дека оваа фондација го финансирала извидничкиот настан Sex Scouts and Rock’n’Roll. Според нив, изнесените информации се комплетна невистина и претставуваат дезинформирање на јавноста.

Би сакале да ја информираме јавноста дека Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество – Македонија во рамките на концептот Зелен скок – партнерства за климатска акција, на јавен повик за поддршка на активности на граѓански организации и неформални групи, меѓу другите, донесе одлука и за поддршка на проектот „Петтиот елемент” поднесен од Прв скопски извиднички одред (ПСИО) со грант бр. 10664 во денарска противвредност на 12.229 долари, велат оттаму.

Согласно проектната документација, посебните цели на проектот вклучуваат создавање позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа и подигнување на јавната свест за заштитата на животната средина, како и креирање одржливи програми преку врсничка едукација.

Согласно планот за реализација, досега е адаптирана и креирана одржлива програма за промоција и едукација на тема животна средина со симболичка рамка (Петтиот елемент) и прирачникот е достапен на www.psio.org.mk. Дополнително, на летен камп кој се одржал во јули на Охридското крајбрежје се обучени 20 врснички едукатори за имплементирање на програма за чиста и здрава животна средина. Во тек се подготовките за реализација на останатите сесии за врсничка едукација, како и видео кампања на темата заштита на животна средина, објаснуваат од ФООМ.

Проектот, кој е помогнат од страна на ФООМ, се однесува на животната средина и нема ништо заедничко со извидничкиот камп наречен Sex Scouts and Rock’n’Roll, или, пак, со теми поврзани со сексуално образование.

На сајтот на ФООМ се објавени имињата на организациите што добиле поддршка во рамките на еколошкиот проект, заедно со добиените износи, а насловот на веб страницата на која се објавени овие информации гласи „Доделени грантови за креативни акции и кампањи во областа климатски промени“. Но, во рецензираните написи е преземена само табелата со имињата на организациите и доделените износи со што е отстранет контекстот, односно прикриена е намената на доделените средства, со што се манипулираат читателите и се наведуваат да помислат како доделениот износ да е поврзан со инкриминираниот настан.

Прирачникот, пак, кој е произлезен како резултат на овој проект, покрај од страна на ФООМ на локално ниво, на меѓународно ниво е помогнат од редица угледни меѓународни организации за заштита на животната средина какви што се Фондацијата Алкоа, WWF (World Wildlife Fund), па дури и од Програмата за заштита на животната средина на Обединетите нации (UNEP)

Од ФООМ остро реагираат на непочитувањето на член 1 од Кодексот на новинарите.

Новинарите треба да објавуваат точни, проверени информации, и секогаш да ја проверуваат точноста на информацијата со која располагаат. Новинарите се обврзани да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде правилно и прецизно информирана. Во ФООМ е пристигнато барање за проверка на точноста на информациите од еден медиум, но за жал, по објавувањето на написот од страна на медиумот, реагираат оттаму.

Дополнително, оттаму информираат дека информациите врзани со доделениот грант, кои се транспарентно објавени на веб-страницата на ФООМ, се делумно преземени од посочените медиуми и се притоа ставени во поинаков контекст, што претставува директно дезинформирање на јавноста.

Од ФООМ апелираат за силен фокус кон итно постапување на институциите и целосно расветлување на случајот поврзан со извидничкиот настан Sex Scouts and Rock’n’Roll и стојат на располагање за сите дополнителни информации, кои им се потребни на новинарите за целосно и вистинито информирање врзано со случајот.

Со оглед на тоа што доделените средства од ФООМ за извидничката организација Прв скопски извиднички одред не биле наменети за настанот „Секс, скаутс и рокенрол“, туку за сосема друга намена, поврзана со заштитата на животната средина, оценуваме оти е невистинито тврдењето во овие написи, кое гласи „оваа година, зад скандалозниот камп, финансиски застанува фондацијата СОРОС,“ кое е неосновано и ја дезинформира јавноста.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција