Формално, иселеничките визи се замрзнати поради зауздување на имиграцијата во САД

Фото: Мета.мк(архива)

Причините за суспензија на издавање на иселеничките визи е длабоко американско внатрешно-политичко прашање. Ставањето и на други земји од Балканот на списокот, како на пример Црна Гора и Албанија, покажува дека во рамки на шпекулации и манипуации се причините што во домашнава јавност ги наведуваат дел од опозициските партии или некои поранешни дипломати

Причините за суспензија на издавање на иселеничките визи е длабоко американско внатрешно-политичко прашање. Ставањето и на други земји од Балканот на списокот, како Црна Гора и Албанија, е индиктор дека причините за ваквиот чекор се резултат на внатрешната политика во САД, иако во јавноста има многу други толкувања кои ја проблематизираат политиката на власта во земјава кон САД

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Одлуката на САД привремено да суспендираат издавање на иселенички визи, меѓу кои и за С. Македонија, дојде како „кец на десетка“ за различно толкување за причините, многу шпекулации и манипулации и на социјалните мрежи, како и различни тврдења од страна на политички партии во опозицијата, кои се движат од „изолациска политика на власта“, до неуспех на стратешкото партнерство со САД. Сепак, сeто ова не кореспондира со причините што ги наведуваат американските власти.

 

Самооодржливост на иселениците и злоупотреби на имиграцискиот систем

Кога пред некој ден американските и светските медиумите јавија за одлуката на Стејт департментот околу визите, која официјално треба да стапи во сила на 21 јануари, како основна причина беше наведено стопирањето на злоупотребите на американските јавни фондови од страна на луѓе со иселенички визи.

Ваквото толкување е наведено и во многу краткото соопштение на веб страницата на Стејт департментот за патувања во САД, во секцијата американски визи:

Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека имигрантите мора да бидат финансиски самоодржливи и да не бидат финансиски товар за Американците. Стејт департментот е во процес на целосна ревизија на сите политики, регулативи и упатства за да се осигури дека имигрантите од овие земји со висок ризик нема да користат социјална помош во Соединетите Држави или да станат товар на јавни фондови.

Од 21 јануари 2026 година, Стејт департментот ги паузира сите издавања визи за апликанти за имигрантски визи кои се државјани на 75 земји, меѓу кои е наброена и С. Македонија. Од другите земји во регионот се наброени Босна  Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово, иако е точно дека на списокот има земји и од таканаречениот „трет свет“, земји како Авганистан и Сомалија, но и Бразил, Јордан и Кувајт. Исто така, на листата земји од кои се паузира издавањето на имигрантски визи од регионов ја нема единствено Србија, иако земјата негува најблиска соработка со Русија, на пример, од сите други балкански земји.

Некои од познавачите сметаат дека причината за ставањето на С. Македонија на листата е незадоволителната економска состојба во земјава што може да доведе до зголемување на барањата за иселенички визи, односно дека ова влијае „врз перцепцијата на Македонија како земја со висок миграциски ризик“.

Сите 75 земји во оваа објава на Стејт департментот се класифицирани како „земји со висок ризик“, но ако се врзе со првиот и основен пасус во соопштението, произлегува дека високиот ризик се однесува на тоа иселениците на овие земји да не се самоодржливи и да се потпираат на користење на социјалните фондови откако би влегле во САД.

Покрај ова појаснување, во американските и други медиуми се цитира и заменик портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот, кој во суштина го зборува истото. Тоа може да се види од објавите на Еј-би-Си Њуз (ABC News), на Си-Ен-Ен (CNN) или на бритнскиот јавен сервис Би-Би-Си (BBC).

Си-Ен-Ен ја употребува и формулацијата „уште едно проширување на мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата“, при што и овој и другите медиуми наведуваат и упатство на Стејт департментот до конзуларните одделенија за многу потемелни проверки, упатено уште во ноември минатата година, потоа случајот со застрелувањето на двајца припадници на Националната гарда во Вашингтон на крајот на ноември, како и обвинувања за измама на јавни фондови во Минесота од крајот на декември лани.

Исто така, она што е ваѓно во овој контекст е фактот што аналитичарите на внатрешната политика во САД, по изборите во 2024 година, кога Доналд Трамп дојде на власт, во повеќе наврати истакнаа дека тој доби голема поддршка заради неговите ставови за рестриктивна имигациска политика и тоа особено со оглед на фактот што огромен број имигранти влегоа во САД токму во последната година од мандатот на претходниот претседател Џо Бајден, при што имаше значителни критики за постоење на „криза“ на јужна граница на САД со Мексико од каде што во голем дел стигнуваа мигрантите.

 

Причините на САД не се поврзани со С. Македонија, иако сме засегнати

Според погоре наведеното, јасно е дека причините за суспензија на издавање на иселеничките визи е длабоко американско внатрешно-политичко прашање. Ставањето и на други земји од Балканот на списокот, како, на пример, Црна Гора и Албанија, секако не се должи на „изолациска политика“ на власта или, пак, негување на вазалски однос кон САД, како што тврдат овдешни опозициски партии (СДСМ и Левица), или, пак, на тоа дека ние сме стратешки партнер кон САД ама тие не биле кон нас, како што тврди поранешен дипломат кој важи за близок со ставовите до актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, исто така, е необјасниво зошто причините не ги кажува и шефт на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој потврди дека му биле соопштени, но рече дека било некоректно појаснувањата од САД тој да ги соопштел.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција