Формирање на специјален судски оддел за предметите на СЈО е легално и легитимно

Идеален суд (Phil Roeder - Iowa Court of Appeals). Фото: flickr. Колаж: Вистиномер

Откако Основниот суд Скопје-1 ги одби барањата за притвор на Специјалното јавно обвинителство(СЈО), за осомничените во случајот „Титаник“, во јавноста се отвори дилемата, дали е потребно да се формира специјален суд за предметите на СЈО. По ова, следуваа реакции на некои судии, дека тое е противуставно, повикувајќи се на членот 98 од Уставот, во кој јасно е наведено дека „забранети се вонредни судови“.

 

Откако Основниот суд Скопје-1 ги одби барањата за притвор на Специјалното јавно обвинителство(СЈО), за осомничените во случајот „Титаник“, во јавноста се отвори дилемата, дали е потребно да се формира специјален суд за предметите на СЈО. По ова, следуваа реакции на некои судии, дека тое е противуставно, повикувајќи се на членот 98 од Уставот, во кој јасно е наведено дека „забранети се вонредни судови“.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Дилемата која сега се наметнува е дали може да се формира специјален суд, но во рамки на постоечките закони, суд кој нема да биде противзаконски и противуставен, а кој ќе може одделно од Кривичниот суд да одлучува по предметите кои ги покренува Специјалното обвинителство под водство на Катица Јанева.

На ваквата можност укажуваат некои професори, познавачи на судските закони. Професорката Мирјана Најчевска, неодамна на својот Фејсбук профил ја отвори дилемата за формирање на специјализирано одделение во рамки на Кривичниот суд.

Во членовите 12 и 23 од Законот за судовите е предвидено формирање специјализирани оддели за карактеристични видови судски спорови. Не гледам зошто да не се формира ваков оддел за споровите од делокругот на специјалното обвинителство. Тоа е многу законски и многу едноставно. Со членот 32 и 122 веќе е формирано вакво одделение за организиран криминал. Нели? Во членот 88 предвидено е овие оддели да имаат претседатели и заменици. Значи не станува збор за никаков вонреден суд туку специјализирано одделение составено од избрани судии – напиша Најчевска.

 

ШТО ПРЕДВИДУВА ЗАКОНОТ ЗА СУДОВИ?

Членот 12 од Законот за судови говори токму за специјализираните судски оддели.

(1) Работата во судовите по правило се врши во специјализирани судски оддели.

(2) Специјализираните судски оддели се формираат во зависност од видот и обемот на работа во судот, и тоа во кривична област, малолетнички криминалитет, граѓанска и стопанска област, работни спорови и за други покарактеристични видови спорови од делокругот на работата на судовите.

(3) Во рамките на специјализираниот судски оддел се остварува специјализација на судиите.

Во делот на организацијата на судовите, во членот 23 од овој Закон, став 3, се наведува дека:

(3) Во рамките на основните судови со проширена надлежност задолжително се основаат специјализирани судски оддели што ќе постапуваат за одделни видови на спорови.

Во делот на стварната надлежност на судовите, членот 32, став 1 предвидува:

(1) Во Основниот суд Скопје I – Скопје се формира специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија…

Во делот на судската управа, пак, со членот 88, став 5, се предвидува специјализираните оддели да имаат претседатели и заменици.

Со годишниот распоред за работа од редот на судиите се определуваат претседатели на специјализирани судски одделенија и нивни заменици, и претседатели на судски оддели и судски совети.

ЕКСПЕРТИТЕ СЕ СОГЛАСУВАТ СО МОЖНОСТА

И професорот Мерсим Максути, слично како и Најчевска, во изјава за Алсат-М укажува на одредбите од Законот за судовите кои предвидуваат постоење на специјален оддел во рамките на судот.

Како најбрзо решение е во рамките на Кривичниот суд Скопје 1 да се формира посебен оддел кој ќе се занимава со поднесените случаи на СЈО, оддел кој ќе биде составен од посебни судии кои ќе се именуваат по ист принцип како што беше именуван тимот на Специјалната обвинителка – вели Максути.

Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, посочува дека не е запознаен со овие членови од Законот за судови, но нагласува дека формирањето на специјално одделение би можело да се разгледа.

Проблем е што прашањето за посебен суд за предметите од специјалното обвинителство не се отворило кога се формираше СЈО, за што имаше политички договор меѓу четирите најголеми партии. Не верувам дека на некој не му текнало за такво нешто, но сепак тоа се премолчело. Што се однесува до членовите од Законот за судови кои ги посочува професорката Најчевска, сметам дека вреди да се разгледаат. Не верувам дека кога се пишувале, се мислело на посебно одделение за предмети од Специјалното јавно обвинителство, од причина што тоа тогаш не постоело – посочува Калајџиев.

Според него, важно е како ќе се толкуваат овие членови од Законот и кој ќе го врши тоа толкување.

Понатаму, кој би требало да го формира тоа посебно одделение? Теоретски ова има поголема основа отколку да се формира специјален суд – дециден е професор Калајџиев.

 

СПЕЦИЈАЛНИ СУДИИ СЕ ПОДГОТВУВАА ЗА ХАШКИТЕ СЛУЧАИ

Во Македонија во 2006-та година, во времето кога министер за правда беше Михајло Маневски, со посебна едукација и обука се подготвуваа специјални судии кои требаше да ги преземат четирите случаи на воени злодела од припадниците на поранешна ОНА од Хашкиот трибунал, познати како „хашки случаи“, и да судат по нив.

Како што објавуваа медиумите тогаш, Министерството за правда избрало шестмина судии кои ќе се обучуваат за процесуирање на четирите хашки предмети. Неофицијалните информации беа дека шестмината судии ќе ги предводи судијката во Апелациониот суд, Филимена Маневска, инаку сопруга на министерот, Михајло Маневски.

Неофицијално, се подготвуваше и специјална судница во која требаше да се процесуираат овие случаи.

За современа компјутерска опрема веќе биле обезбедени 200.000 евра од Европската агенција за реконструкција, а градежната работа и канцеларискиот мебел ќе бидат финансирани од УСАИД, преку проектот за реформи во судството. Судницата ќе биде изградена по европски стандарди и ќе овозможи судење на дела од највисок ранг, како воени злосторства против човештвото, организиран криминал и слично, со можност за заштита на сведоци – пишуваше „Вечер“.

Хашките случаи, како што е познато, воопшто не беа процесуирани во македонските судови, бидејќи Собранието изгласа амнестија за нив.

 

Извори:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција