Фотографијата што кружи за трансплантацијата на срце е од Кина и стара три години

[Рецензија: Фејсбук-објава]

На медиумскиот простор, кој повеќе од три месеци главно е окупиран со корона-вирусот, деновиве се појави информација дека е изведена првата трансплантација на срце во државата. Тим од врвни лекари, координирани од министерот за здравство Венко Филипче, успешно пресадија срце од починат донор кај лице што подолго време чекало трансплантација на овој орган.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-објава

Датум и време на објавување: 23.5.2020

Датум на рецензија: 25.5.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Сите медиуми ја објавија оваа позитивна вест, многу потребна во неизвесни и тешки моменти поради пандемијата со Ковид-19. Социјалните мрежи букнаа од позитивни коментари за докторите, како и за семејството на починатото лице, кое се согласило да се донираат срцето и двата бубрега.

И во тоа нема ништо лошо. Позитивни вести се секогаш добредојдени. Но и во вакви случаи, најважно е да се споделуваат точни информации.

Една од најсподелуваните фотографии што се поврзуваат со првата трансплантација на срце во државата е таа каде што група лекари се поклонуваат и покажуваат почит пред телото на починато лице чии органи биле донирани. Во описите на фотографиите го пишуваше името на жената чии органи беа донирани откако таа загинала во сообраќајна несреќа.

Но, на фотографијата не се наоѓа таа жена, докторите не се оние што ја извршија оваа трансплантација и фотографијата воопшто не е снимена во Македонија. Со лесно пребарување на „Гугл“ може да се види дека на фотографијата се кинески лекари, кои се поклонуваат пред починат пациент, кој ги донирал сите свои органи. Таа е стара три години и снимена е во болница во Хефеи, во источната кинеска провинција Анхуи.

На некои фејсбук-страници, оваа фотографија собра илјадници реакции и е споделувана стотици пати.

Фотографијата да беше навистина направена во Македонија за време на оваа трансплантација на органи, таа ќе беше објавена од официјалните институции на нивните профили на социјални мрежи или на нивните веб-страници.

Иако, најверојатно станува збор за ненамерна грешка, сепак, претставува искривување на реалноста и манипулирање на јавноста. Во ред е да се оддаде почит на целата ситуација и секако на личноста што спаси неколку човечки животи со донирање органи, но тоа треба да се направи соодветно и, пред сè, со вистински и релевантни информации.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција