Фотографијата со двете кенгурчиња е стара 11 години

[Да се помолиме за Австралија]

Разoрувачките пожари што избувнаа во Австралија не го оставија светот рамнодушен. Со брзина на светлината се прошири информацијата дека огнените пламени се виновни за загинување на 23 лица, речиси половина милијарда животни и милиони хектари шума.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-објава

Датум и време на објавување: 4.1.2020

Датум на рецензија: 8.1.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Иако пожарите се на континент што се наоѓа илјадници километри од Македонија, луѓето и во овој дел од светот ги делат тагата и ужасот што се случуваат во Австралија.

Медиумите известуваат за сите аспекти од пожарот, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии и објави на кои можат да се прочитаат различни информации поврзани со огнената стихија.

Силни емоции предизвикуваат фотографиите од животните засегнати од пожарите. Глетката како невини суштества беспомошно се обидуваат да се спасат од огнот предизвикува голема емпатија, па затоа вакви фотографии масовно се споделуваат на социјалните мрежи.

Една од најмногу споделувани фотографии е таа со двете кенгурчиња, кои се гушкаат, а во позадина се забележуваат изгорени дрва.

Само на фејсбук-страницата на агрегаторот за вести „Грид“ фотографијата е споделена над 400 пати, има околу 300 коментари и речиси 6.000 лајка (до 6.1.2020).

Фотографијата, всушност, е стара цели 11 години. Направена е во 2009 година, во текот на еден од најкатастрофалните пожари што ја зафатија Австралија, кога загинаа стотина лица. На 7 февруари (2009) во земјата беа активни околу 400 индивидуални пожари, имаше многу жртви и огромна материјална штета, по што тој ден е наречен „Црната сабота“.

Овие млади кенгури се фотографирани во засолништето за диви животни Wildhaven, на 13 октомври 2009 година од сопственичката Стела Рид. Сите диви животни што биле сместени во засолништето загинале во текот на пожарите од „Црната сабота“. Овие две кенгурчиња се првите што биле донесени таму по реставрација на засолништето.

Иако, најверојатно фотографијата не се споделува тенденциозно како манипулација, сепак, преставува делумно искривување на вистината. Да – фотографијата е направена во Австралија, да – направена е во време на катастрофални пожари, но останува фактот дека е стара 11 години и не е направена во текот на актуелните пожари.

Слично како со фотографијата со кучето, за која се тврдеше дека е направена по земјотресот во Албанија и со јагуарот од поплавите во Бразил, така и оваа фотографија ја доведува во заблуда јавноста. Во вакви тешки ситуации, емотивни фотографии се споделуваат масовно и со огромна брзина, без притоа да се направи основна проверка дали се вистински, автентични и дали се однесуваат на настанот за кој се споделуваат.

Медиумите имаат право да објавуваат стари фотографии за да илустрираат одредена ситуација, но само доколку наведат дека станува збор за фотографија од архива или дека служи само за илустрација, во спротивно, ја манипулираат јавноста и си играат со емоциите на читателите.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција