Фотографија од прославата на француските навивачи во 2018 година прикажана како да е од актуелните протести

Фото: Принтскрин ФБ пост

Фотографијата нема никаква врска со актуелните протести против пензиската реформа. Таа е направена пред три години во Париз, поточно на Шанзелизе пред Триумфалната капија, кога француските навивачи го славеле освојувањето на Светскиот куп во фудбал

Фотографијата нема никаква врска со актуелните протести против пензиската реформа. Таа е направена пред три години во Париз, поточно на Шанзелизе пред Триумфалната капија, кога француските навивачи го славеле освојувањето на Светскиот куп во фудбал

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Велат – само неколку десетици илјади незадоволни хулигани се на улиците на Париз. И покрај лагите на главните медиуми, бројот на демонстранти во самиот главен град на Франција надмина три и пол милиони.

Постот е придружен со фотографија која, како што покажа нашата проверка, нема никаква врска со актуелните протести во Франција. Фотографијата и постот се објавени на 2 април 2023 година, кога во Франција се случуваат масовни демонстрации поради пензиската реформа.

Доколку фотографијата ја пребарате на Гугл ќе видите дека таа е објавувана на веб-страници и публикации долго пред тековните протести во Париз.

Дополнително, пронајдовме и напис од француски медиум кој бил отстранет, бидејќи сликата претходно погрешно била поврзана со протестите од 24 јули 2021 година, кога луѓето излегоа на улиците против ограничувањата поради ковид пандемијата.

Фотографијата, всушност е направена во Франција, поточно на Шанзелизе, пред Триумфалната капија во 2018 година додека француските навивачи го славеле освојувањето на Светскиот куп во фудбал и таа нема никаква врска со актуелните протести.

Медиумите известуваат за околу 2 милиона луѓе кои излегле на француските улици, а полицијата на Франција јавува за поскромни бројки од околу 750 илјади демонстранти низ целата земја. Станува збор за 23 -ти последователен ден на протести. Францускиот синдикат прогласи прекин на штрајкот на службите за отстранување отпад, па ќе почне да се отстрануваат околу 7 илјади тони отпад оставени на улиците во последните неколку недели по избувнувањето на протестите против пензиската реформа на Емануел Макрон. Главниот град е со планина од ѓубре на секоја улица. Поради штрајковите беа затворени привремено Лувр и Ајфеловата кула.

Од сето погоре може да заклучиме дека конкретната фотографија во постот што го рецензираме, не е од актуелните протести против пензиската реформа, туку од прославата на француските навивачи за освојувањето на Светскиот куп во фудбал во 2018 година. Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека на постот му недостига контекст.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција