Фотографија од сообраќајка во Италија злоупотребена во кликбејт објава
Со алатката за обратно пребарување фотографии „Вистиномер“ ја пронајде фотографијата која е искористена за невистинито кликбејт дезинформирање. Оваа фотографија е објавена уште на 15 март 2025 година, на италијанска веб-страница
Со алатката за обратно пребарување фотографии „Вистиномер“ ја пронајде фотографијата која е искористена за невистинито кликбејт дезинформирање. Оваа фотографија е објавена уште на 15 март 2025 година, на италијанска веб-страница
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Трагичен ден за Србија загина познатата пејачка Цеца во сообраќајна несреќа (Видео) – ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ ВО КОМЕНТАР ..
Во склоп на објавата се споделува фотографија од сообраќајка на автопат со смачкан автомобил на која може да се види и екипа на брза помош. Во коментарот на објавата има линк кој не води кон веродостоен сајт, ниту кон веродостојна информативна содржина (вест), туку е кликбејт кој води на надворешна страница, Али експрес. Кога „Вистиномер“ по вторпат го провери линкот, бевме пренасочени на друга страница со видеа за возрасни. Тоа само потврдува дека секој нов клик на линкот до наводната „вест“ и најава за „тешката сообраќајна несреќа во која загинала познатата српска пејачка Цеца“, наместо кон најавената содржина, води кон нови линкови кои се менуваат, што претставува кликбејт содржина.
Кликбејт е вид на онлајн содржина, линк до содржина или фотографија која е дизајнирана да го привлече вашето внимание и да ве натера да кликнете на неа, честопати користејќи претеран, погрешен или сензационален јазик. Целта е да се привлечат кликови, а не да се информира точно, и содржината внатре честопати не го исполнува ветувањето во насловот.
Кликбејт најчесто се користи за зголемување на сообраќајот на веб-страницата или зголемување на сообраќајот на социјалните мрежи (лајкови, споделувања, коментари). Ваквите содржини ги доведуваат во заблуда читателите, ја намалуваат довербата во содржината или издавачот и им даваат приоритет на емоциите и шокот – пред вистината.
Во конкретниот случај „Вистиномер“ ја пронајде фотографијата која е искористена за невистинито кликбејт дезинформирање со алатката за обратно пребарување фотографии. Оваа фотографија е објавена уште на 15 март 2025 година, на италијанска веб-страница.
Статијата се однесува на сообраќајка која се случила во Десенцано дел Гарда, а во која животот го загубила 31-годишна жена.
31-годишна жена го возела својот автомобил кога од причини што сè уште се истражуваат, наводно преминала во спротивната лента токму кога се приближувал камион со полуприколка што доаѓала од спротивната страна. Еден од можните фактори што придонеле за несреќата бил силниот дожд што паѓал во областа во тој момент. Ударот бил исклучително силен, а малиот „ситроен“ завршил буквално под приколката на тешкото возило. Веднаш биле активирани службите за итни случаи, но не можело ништо повеќе да се направи за жената, се наведува во написот.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар