Фотографија со лажен роденден собира реакции на социјалните мрежи

„Вистиномер“ ја постави фотографијата од објавата со роденденска честитка во повеќе сервиси за проверка на тоа дали одредена фотографија е креирана со вештачка интелигенција. Резултатите се дека таа е креирана со вештачка интелигенција со веројатност од 99 проценти.

„Вистиномер“ ја постави фотографијата од објавата со роденденска честитка во повеќе сервиси за проверка на тоа дали одредена фотографија е креирана со вештачка интелигенција. Резултатите се дека таа е креирана со вештачка интелигенција со веројатност од 99 проценти

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија и пишува:

Среќа е да се има вакво богатство. Среќен ви роденден ангелчиња слатки!

На фотографијата се наоѓаат три деца, коишто држат торти со свеќа со бројот 3. Меѓутоа, не станува збор за автентична фотографија туку за фотографија креирана со помош на вештачка интелигенција, а децата не се постоечки, туку се креирани заедно со приказната дека „денес им е роденден“.

Освен минимални разлики во насмевката, цртите на лицето, положбата на очите, носот и косата се речиси пресликани кај сите три деца. Кај вистински тројки постои голема сличност, но ваквата речиси совршена идентичност е типична за вештачката интелигенција. Дополнително, сите три торти имаат речиси идентична форма, украсување, шлаг, овошје и свеќичка поставена под ист агол, баш како што генеративните модели често реплицираат исти предмети со минимални варијации.

„Вистиномер“ ја постави фотографијата во повеќе сервиси за проверка на тоа дали одредена фотографија е креирана со вештачка интелигенција.

Страницата DecpyAI, покажува дека фотографијата од објавата што ја рецензираме е генерирана со вештачка интеглигенција со веројатност од 99 проценти.

Алатката Sightengine за проверка на тоа дали фотографијата е креирана со вештачка интелигенција исто така дава резултат дека се работи за содржина креирана со вештачка интелигенција со висока веројатност од 99 проценти:

Фотографијата е всушност дел од техника наречена engagement bait или engagement farming односно „мамка за генерирање реакции“. Оваа техника вклучува  содржина создадена со вештачка интелигенција чија цел е да предизвика емоционална реакција и да ги поттикне корисниците да коментираат, да стават „лајк“ или да споделуваат. Оваа практика ги користи алгоритмите на социјалните мрежи, кои ја прават објавата повидлива кога добива голем број интеракции, а всушност самата содржина не кореспондира на тоа што се тврди дека е на неа – поточно е измислена.

Сликата се споделува како да прикажува вистински деца и реален настан, без да биде означена како генерирана со вештачка интелигенција, иако Фејсбук има таква опција. Затоа таа ги доведува корисниците во заблуда. Дополнително, фотографијата од објавата што ја рецензиравме не може да потекнува од годинава (2026), бидејќи ја пронајдовме објавена на друга страница и во 2025 година – не би можело да е вистинит повикот за честитање роденден на конкретниот датум.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција