Фотографија со ВИ лажно прикажува исчкртани мурали на православни светители во Белград
Фотографијата споделена во објавата, содржи жиг на Synth ID, со што се потврдува дека е нереална, односно создадена со вештачка интелигенција.
Фотографијата со исчкртаните мурали на православните светители споделена во објавата, содржи жиг на Synth ID, со што се потврдува дека е нереална, односно создадена со вештачка интелигенција
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Белград утрово. Ишкртани муралите на православните светители. Изгледа дека и по пет децении, Белград сè уште се „ослободува“ од таканареченото „назадно православие“.
Во склоп на објавата има фотографија на која се префарбани ликовите на православни светци, а нивните имиња се оставени. Но, оваа фотографија не е реална туку претставува фотографија креирана со вештачка интелигенција. Имено, по објавувањето на победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори во Србија, организацијата Студенти во блокада започна голема, трајна работна акција наречена „Гради па посади“ со цел чистење на јавните простори и отстранување на навредливи пораки од фасадите.
Фотографијата на која наводно се прикажани изобличени мурали на светци содржи дигитален жиг Synth ID, што укажува дека е генерирана од алатка на OpenAI, пишуваат проверувачите на факти на „Истиномер“ во Србија.
„Вистиномер“ ја постави фотографијата од објавата што ја рецензираме во проверувачот SynthID Detector, кој детектираше невидлив воден жиг, кој во содржините креирани со вештачка интелигенција е вграден суптилно како дигитален потпис директно во пикселите на сликите или видеата создадени на ваков начин.

Проверувачите на факти на Фејк њуз трагач, посочуваат дека на фотографијата од објавата што ја рецензираме постои една нелогичност – имено белата боја со која наводно се „окречени“ лицата на светците, во делот кај Свети Сава, долу лево на фотографијата, во пределот каде со букви е испишано Свети Сава, не ги прекрива буквите, иако позадината е прекриена со бела боја. Оваа несовршеност е поради обработката со вештачка интелигенција.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава со изменета содржина (altered content).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар