Фотографија создадена со вештачка интелигенција, собира емотивни реакции на социјалните мрежи

Иако на социјалната мрежа Фејсбук постои опција да се означи кога некоја содржина што се споделува е генерирана со вештачка интелигенција, во конкретната објава такво означување не е направено, туку ознаката е на самата фотографија, потешка за забележување и за препознавање.

Иако на социјалната мрежа Фејсбук постои опција да се означи кога некоја содржина што се споделува е генерирана со вештачка интелигенција, во конкретната објава такво означување не е направено, туку ознаката е на самата фотографија, потешка за забележување и за препознавање

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија и пишува:

Оваа преслатка принцеза денес слави роденден. Да ѝ испратиме честитки. СРЕЌЕН ТИ РОДЕНДЕН!!!

Објавата има над 80 допаѓања и над 35 коментари. На споделената фотографија се наоѓа насмеано девојче. Но, наспроти наведеното дека дента му е роденден, станува збор за фотографија генерирана со вештачка интелигенција. Тоа е објавено во горниот десен агол на самата фотографија каде со мали букви пишува Generated with AI.

На социјалната мрежа Фејсбук постои опција да се означи кога некоја содржина што се споделува е генерирана со вештачка интелигенција, во конкретната објава такво означување не е направено, туку ознаката е на самата фотографија, потешка за забележување и за препознавање.

Со намера независно да се утврди дека станува збор за фотографија креирана со вештачка интелигенција,  „Вистиномер“ ја постави во повеќе сервиси за проверка на содржини креирани со вештачка интелигенција. Платформата за АИ детекција zerogpt.com покажа дека фотографијата навистина е креирана со вештачка интелигенција со веројатност од 97 проценти.

На сајтот „Сајтенџин“, пак, добивме резултат дека се работи за содржина креирана со вештачка интелигенција со веројатност од дури 99 проценти.

Самата страница на која се споделува фотографијата е преполна со содржини кои се кликбејт, наменети да измамат моментална реакција базирана на емоција од корисниците на социјалните мрежи.

Целта на ваквите објави е да предизвикаат емотивна реакција кај корисниците и да поттикнат што поголем број лајкови, коментари и споделувања. Иако многу корисници веруваат дека станува збор за вистинско дете,  фотографијата е целосно создадена со алатка за вештачка интелигенција, а личноста што е прикажана воопшто не постои.

Ова е добро позната практика на таканаречениот engagement farming, при што се собира публика и интеракции со емотивна, но измислена содржина. Откако страницата ќе стекне голем број следбеници и висока ангажираност, таа може да се искористи за промоција на реклами, продажба на производи, ширење дезинформации или дури да биде продадена на други лица. Поради тоа, корисниците треба внимателно да ги проценуваат ваквите објави, особено кога нема никакви проверливи информации за лицето на фотографијата, а сликата покажува типични знаци на вештачка интелигенција, како неприродни детали, неусогласени пропорции или други визуелни аномалии.

Сосема е бесмислено да се бара честитање на роденден на лик од фотографија креирана со вештачка интелигенција, освен ако не станува збор за собирање кликови како во овој случај. Овде нема дезинформација како таква, со оглед на ознаката која вели дека фотографијата е креирана со вештачка интелигенција, но обидот за сензационализам, минимизираната ознака која има шанси и да не биде забележана, како и играњето со емоциите на корисниците на социјалната мрежа, од кои се бара со лајк да поддржат нешто што не е вистинско, покажува дека станува збор за манипулација.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција