Фотографија стара 13 години злоупотребена за дезинформирање со „силување и убиство пред Охрид“

Настанот не е од 13 февруари 2026 година, како што се наведува во објавата што ја рецензираме. Според датумот на споделување и тоа што пишува дека настанот е „во живо“, настанот не се случил „во шума пред Охрид“, а воопшто ниту пак во Северна Македонија.

Настанот не е од 13 февруари 2026 година, како што се наведува во објавата што ја рецензираме. Според датумот на споделување и тоа што пишува дека настанот е „во живо“, настанот не се случил „во шума пред Охрид“, а воопшто ниту пак во Северна Македонија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Тело пронајдено во шума пред Охрид силувана па стравично убиена – Погледни повеќе во коментар.
Во првиот коментар под објавата има линк кој воопшто не води до содржина како таа што се најавува. Фотографијата што се споделува содржи напис „во живо“ со што треба да се измами итна и ургентна реакција на граѓаните, дека известување од грозоморниот настан наводно се пренесува во живо. На фотографијата има полициска лента и лице облечено во бела облека како го фотографира местото на наводното убиство, коешто се наведува дека е „пред Охрид“.
Со користење на алатката за обратно пребарување на фотографии „Вистиномер“ ја пронајде оваа фотографија на портал од Обединетото Кралство и тоа во текст од 25 април 2013 година. Значи, фотографијата не само што не е од Северна Македонија, туку е 13 години стара.
Во текстот од пред 13 години се информира дека било пронајдено тело во шума на периферијата на Ковентри, а исто така се наведува дека телото таму било оставено подолг временски период и било пронајдено од страна на лице кое го шетало своето куче миленик. Според написот, вешти лица од судска медицина го пребарувале теренот, во центарот бил подигнат син шатор кој може да се види на фотографијата од објавата што ја рецензираме, а полициските службеници биле присутни на терен и давале поддршка на вознемиреното локално население. Експертите од судска медицина, исто така, внимателно го фотографирале местото на настанот.
Од сето горенаведено, евидентно е дека настанот не е од 13 февруари 2026 година, како што се наведува во објавата што ја рецензираме. Според датумот на споделување и тоа што пишува дека настанот е „во живо“, настанот не се случил „во шума пред Охрид“, а воопшто не е ниту во Северна Македонија.
Кога ќе се пристапи до линкот во првиот коментар, тој секогаш го носи корисникот на друга страница, која што не е поврзана со она што се опишува во најавата.

Ваквата практика се нарекува кликбејт и преставува намерно создадена содржина чија цел е да се привлече вниманието на што поголем број на корисници на социјалните мрежи, за тие да кликнат на линкот и да постигнат што поголем број прегледи и интеракции. За таа цел се користи сензационалистички, претеран и наведувачки наслов, се користат методи кои се невистинити (се тврди дека има пренос „во живо“) и се наведуваат невистинити податоци дека географската област во која се случил настанот е во земјава. Кога ќе се пристапи на линкот, корисникот воопшто не добива содржина каква што му е ветено во насловот, од што станува евидентно дека главна цел е неговиот клик, а не да биде информиран точно и објективно за одреден настан од областа на црната хроника.

Ова се прави со користење на емоционална реакција – шок, емотивен јазик, намерно изоставање на клучни информации со цел корисникот да мора да кликне за да „дознае повеќе“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција