Фотографијата на која Мицкоски и Ѓорѓиевски јадат ќебапи во воз е креирана со вештачка интелигенција
Проблемот со објавата е што фотографијата не е означена дека е дело на АИ, а од коментарите под објавата е видливо дека многу луѓе поверувале во веста дека е вистинита
Проблемот со објавата е што фотографијата не е означена дека е дело на АИ, а од коментарите под објавата е видливо дека многу луѓе поверувале во веста дека е вистинита
Анализираме објава на Фејсбук која споделува фотографија од премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски која вели:
Премиерот јадеше ќебапи со драчевски кромид во возот за Зелениково.
На фотографијата се прикажани двајцата како седат во воз, а пред нив има порција со ќебапи и кромид и леб.
Објавата е доста вирална и во моментот на нашата анализа има повеќе од 300 допаѓања, 140 коментари и 13 споделувања.
Но, нашата проверка покажа дека фотографијата е креирана со помош на вештачка интелигенција, односно не е реална.
Имено, Мицкоски и Ѓорѓиевски на 3 септември присуствуваа на официјалната промоција на проектот „Градски воз“. Веста е објавена на официјалниот Фејсбук профил на премиерот.
Со веста се објавени и триесетина фоографии од промоцијата и на ниту една од нив не се прикажани Мицкоски и Ѓорѓиевски како јадат ќебапи во возот. Таква фотографија и таква вест не најдовме ниту во некој кредибилен македонски медиум.
Според сајтовите за проверка на содржини креирани со вештачка интелигенција, Hive и Sightengine фотографијата е речиси 100 проценти дело на ВИ.

Проблемот е што фотографијата не е означена дека е дело на АИ, а од коментарите под објавата е видливо дека многу луѓе поверувале во веста дека е вистинита.
Инаку, според правилата на Фејсбук, содржините креирани или изменети со помош на вештачка интелигенција може да бидат означени со посебна ознака за AI-содржина. Фејсбук има можност автоматски да препознае и означи дел од ваквите содржини, а корисниците исто така треба да бидат транспарентни кога објавуваат реалистични фотографии или видеа создадени со вештачка интелигенција. Проблемот настанува кога AI-фотографија се споделува без јасно да се наведе дека е вештачки генерирана, бидејќи на тој начин може да остави впечаток дека станува збор за вистинска фотографија од реален настан, како што е случајот со оваа објава. Затоа, при објавување ваква содржина важно е јасно да се означи дека е создадена или изменета со AI, особено кога изгледа реалистично и може да ги доведе корисниците во заблуда.
Поради сето погоре, оценуваме дека објавата која ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар