Фотографијата од резба во дрво е создадена со вештачка интелигенција

Неколку сервиси за проверка на содржини креирани со вештачка интелигенција потврдуваат дека се работи токму за таква содржина со висока веројатност меѓу 97 и 99 проценти

Неколку сервиси за проверка на содржини креирани со вештачка интелигенција потврдуваат дека се работи токму за таква содржина со висока веројатност меѓу 97 и 99 проценти

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија и пишува:

Јас сум Луси и сум млада скулпторка со страст за обработка на дрво. Денес, споделувам една од моите креации со вас, изработена со многу трпение и љубов. Искрено се надевам дека ви се допаѓа! Слободно кажете ми што мислите во коментарите.

Во склоп на објавата прикажана е резба во дрво, на која е претставена жена. Но, ова не е никаква „креација на младата скулпторка Луси“ туку е фотографија создадена со помош на вештачка интелигенција. „Вистиномер“ ја постави фотографијата во неколку сервиси за проверка на содржини создадени со помош на вештачка интелигенција и сите со голема веројатност оценија дека станува збор токму за таква содржина.

На пример, сервисот Sight Engine, за конкретната фотографија покажува дека таа е создадена со вештачка интелигенција со веројатност од 99 проценти.

Кога ја поставивме истата фотографија во проверувачот Deep AI, добивме сличен резултат, дека се работи за фотографија креирана со вештачка интелигенција со веројатност од 97 проценти.

Алатката Is This AI пак, тврди дека фотографијата е генерирана со вештачка интелигенција со веројатност од 97 проценти.

Преку поставување на фотографијата во сервисот на Гугл за обратно пребарување на фотографии, „Вистиномер“ ја пронајде истата фотографија со истиот опис, објавена пред две години во група на англиски јазик, од страна на еден од корисниците, а во самите коментари повеќе корисници препознале дека се работи за вештачка интелигенција.

Текстот е напишан во прво лице и создава впечаток дека зад објавата стои вистинска млада скулпторка по име Луси. Сепак, со оглед на тоа што фотографијата е генерирана со вештачка интелигенција, а се бара „да кажете што мислите во коментарите“ станува збор за техниката engagement farming. „Engagement farming“ е манипулативно собирање интеракции, односно дигитална техника со која намерно се споделуваат емотивни, сензационалистички или лажни содржини со единствена цел да се измамат корисниците да остават лајк, коментар или споделување.

На фотографијата може да се забележат визуелни неправилности кои се честа појава кај сликите создадени со генеративна вештачка интелигенција. Особено внимание треба да се обрне на невообичаените детали, формите и текстурите, како и на начинот на кој се прикажани поединечни делови – пресовршено. Ваквите елементи сами по себе не се доволен доказ дека одредена фотографија е генерирана со вештачка интелигенција, но кога се појавуваат во комбинација со отсуство на проверливи информации за авторот и потеклото на фотографијата, претставуваат причина за дополнителна проверка. Дополнително, во повеќе сервиси за проверка на содржини креирани со вештачка интелигенција добивме резултат дека сликата е создадена со нејзина помош.

Ваквите објави особено лесно предизвикуваат емоционална реакција кај јавноста, бидејќи создаваат впечаток дека зад фотографијата стои конкретна, успешна приказна.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција