Фотографијата со која се исмева сопругата на Фридрих Мерц е лажна
Фотографијата на која е сопругата на германскиот канцелар Мерц е манипулирана со цел да креира лажна содржина. Јавно достапните официјални фотографии од нејзините појавувања со сопругот покажуваат дека таа изгледа сосема поинаку и нема никаква физичка поврзаност со монтираниот лик од објавата која ја анализираме.
Фотографијата на која е сопругата на германскиот канцелар Мерц е манипулирана со цел да креира лажна содржина. Јавно достапните официјални фотографии на Getty Images од нејзините појавувања со сопругот (на пример, на државни банкети или за време на гласање) покажуваат дека таа изгледа сосема поинаку и нема никаква физичка поврзаност со монтираниот лик од објавата која ја анализираме
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Канцеларот Мерц се пожалил во полиција за шегите во социјалните мрежи посветени на неговата сопруга – првата дама на Германија . Разбирливо, германскиот хумор е прочуен , исто како и италијанските патриотски песни .
Објавата споделува и фотографија на која наводно е прикажана сопругата на германскиот канцелар Фридрих Мерц, а под неа се наредени негативни коментари за нејзиниот физички изглед.
Проверката на Вистиномер покажа дека фотографијата на која наводно е прикажана сопругата на Мерц е дигитално изменета.
Со едноставна визуелна анализа и споредба на цртите на лицето, јасно се гледа дека прикажаната фотографија е сатирична дигитална монтажа. Лицето на политичарот Фридрих Мерц е компјутерски отсечено и преку технологија за замена на лица (face-swap) е монтирано врз тело на жена. Ваквите мемиња често се користат на социјалните мрежи за исмевање на јавни личности, но во овој случај се споделуваат надвор од контекст за да го доведат народот во заблуда.
Вистинската сопруга на германскиот канцелар е Шарлоте Мерц (моминско Гас), со која тој е во брак од 1981 година. Таа е истакнат германски правник и судијка, која ја извршува функцијата директор на Окружниот суд (Amtsgericht) во Арнсберг.
Јавно достапните официјални фотографии на Getty Images од нејзините појавувања со сопругот (на пример, на државни банкети или за време на гласање) покажуваат дека таа изгледа сосема поинаку и нема никаква физичка поврзаност со монтираниот лик од објавата која ја анализираме.
Врз основа на фактичките докази, јасно е дека објавената фотографија не е автентична. Фотографијата е манипулирана со цел да креира лажна содржина. Тврдењето дека на неа е сопругата на Мерц го оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар