Фотографијата со војници кои го спроведуваат Глигоров е лажна и генерирана со вештачка интелигенција

Фотографијата во објавата не прикажува вистински војници на ЈНА ниту реален настан, туку е дигитална измислица која ги дезинформира корисниците кои немаат познавање од ВИ технологија

Фотографијата во објавата не прикажува вистински војници на ЈНА ниту реален настан, туку е дигитална измислица која ги дезинформира корисниците кои немаат познавање од ВИ технологија. Користењето на лажни ВИ-генерирани фотографии за илустрација на реални историски настани, без јасна назнака дека се работи за компјутерска визуелизација, претставува сериозна манипулација со јавноста

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Ова не го гледате на свечените снимки од независноста. Киро Глигоров бил опколен со вооружени војници, туркан кон Домот на ЈНА, а Благоје Аџиќ, според сведоштвото на Трајан Гоцевски, се заканувал со апсење на македонското раководство и бомбардирање на Скопје.

Неколку часа подоцна — Глигоров седнал на преговори и добил потпис за повлекување на ЈНА.

Што навистина се случувало зад „мирното осамостојување“?

Објавата користи вистинско историско сведоштво за да протурка лажна визуелна содржина. Точно е дека во февруари 1992 година, како што посведочи тогашниот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, имало драматичните закани од генералот на ЈНА, Благоје Аџиќ. Сепак, фотографијата која се споделува во објавата е целосен фалсификат (дипфејк) генериран со вештачка интелигенција (ВИ). Вистински фотографски запис од каков било чин на физичко спроведување или апсење на Глигоров не постои, бидејќи такво нешто историски никогаш не се случило.

Има неколку работи кои потврдуваат дека фотографијата е вештачка и не прикажува вистински војници на ЈНА:

1. Аномалии карактеристични за вештачка интелигенција (ВИ)

Компјутерски генерираните фотографии сè уште имаат сериозни потешкотии со репродукција на прецизни метални предмети, детали од текстил и текстура на кожа:

  • Автоматските пушки што ги држат војниците имаат деформирани цевки и нереални кундаци кои се спојуваат со војничката облека на физички невозможен начин.

  • Ликот на генералот кој стои на вратата има нејасни, заматени воени ордени на градите. Тие немаат форма на вистински медали, туку се шарени „дамки“ – типичен дефект при ВИ генерација. Неговата десна рака изгледа неприродно споена со колкот. Неговиот лик воопшто не наликува на ликот на генералот на ЈНА Благоје Аџиќ.

  • Кожата на ликовите има пластичен сјај. Изразите и погледите на војниците во позадина се празни, заматени и без јасен фокус.

2. Историска неточност на униформите

Војниците на фотографијата не се облечени во стандардната опрема на Југословенската народна армија (ЈНА) од почетокот на 1990-тите:

  • Војниците на фотографијата носат т.н. patrol caps (американски стил на капи со штитник). Во реалноста, војниците на ЈНА носеле исклучиво класични капи наречени „Титовка“ во сивомаслинесто зелена боја.

  • На униформите целосно недостасуваат црвените петокраки ѕвезди на капите и задолжителните ознаки за чинови на ракавите и реверите, кои беа строго пропишани за војската во тој период.

  • Униформите на фотографијата наликуваат на модерни тактички јакни, додека вистинските униформи од моделите М55 и М77 биле изработени од груб волнен материјал (чоја) со специфичен класичен крој.

Иако сведоштвата на Трајан Гоцевски потврдуваат дека преговорите на 21 февруари 1992 година во тогашниот Дом на ЈНА во Скопје започнале со воена заседа, снајперисти и директна вербална закана од Аџиќ за апсење и бомбардирање, чинот на апсење и физичко спроведување со лисици или под присила никогаш не се случил. Претседателот Глигоров останал присебен, преговорите продолжиле и истиот ден бил потпишан историскиот Договор Глигоров – Аџиќ за мирно повлекување на ЈНА.

Користењето на лажни ВИ-генерирани фотографии за илустрација на реални историски настани без јасна назнака дека се работи за компјутерска визуелизација претставува сериозна манипулација со јавноста. Фотографијата во објавата не прикажува вистински војници на ЈНА ниту реален настан, туку е дигитална измислица која ги дезинформира корисниците кои немаат познавање од ВИ технологија.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција