Фотографијата со запалениот балон е стара 10 години и не е снимена во Демир Хисар

Многу вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека пожарите коишто ја зафатија С. Македонија во изминатиот период се предизвикани од запалени воздушни балони. Но на објавата е прикачена фотографија од запален воздушен балон која е стара повеќе од 10 години и е снимена при несреќа во САД

Многу вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека пожарите коишто ја зафатија С. Македонија во изминатиот период се предизвикани од запалени воздушни балони. Но, на објавата е прикачена фотографија од запален воздушен балон стара повеќе од 10 години и е снимена при несреќа во САД

 

На објава на социјалната мрежа Фејсбук споделена е фотографија од запален балон на која е ставена локација дека се наоѓа во Демир Хисар. Ова не е точно.

Spodeluvvajtee hitnoo,site selani go vidoja so golo oko,nad selo dojde kako ljuboven balon zapalen so ogan i direkno se upati za Evrejka,i uste 3-4 se vo pridruzba,E VAKA SE PALI NON STOP,MAKEDONIJO PREZEMAJ NESTO, пишува во објавата.

Високите температури, сувото време, како и човековиот фактор предизвикаа во месец август на територијата на државата да има 667 пожари на отворен простор, од кои 98 шумски пожари и повеќето од нив тешки за гаснење. Причините за пожарите се повеќеслојни а надлежните институции инфомираа дека голем дел од нив се предизвикани од човечки фактор, дел намерно дел ненамерно.

Во таа насока е и виралната Фејсбук објава, што е предмет на оваа рецензија во која се тврди дека е снимен балон запален со оган и дека на овој начин се предизвикуваат пожарите. На објавата споделени се неколку фотографии и видео на кои се гледа некаква светлина во далечината.

Но проблематична во објавата е фотографијата на којашто се гледа запален воздушен балон. На фотографијата веднаш под балонот пишува: „Еве како се палат шумите. Сликано на ВОРОВО“. Од десната страна на овој текст е вметната локација на којашто пишува Вирово, Демир Хисар.

Вака кога ќе ја погледнете фотографијата ќе дојдете до заклучок дека токму овој запален балон се наоѓал во Демир Хисар и предизвикал еден од пожарите. Но ова не е точно.

Оваа фотографија е всушност 10 години стара и нема никаква врска со пожарите во Македонија. Станува збор за фотографија направена во мај 2014 година кога балон со топол воздух се запали и се урна откако удрил во далновод во Вирџинија во САД, при што загинале три лица.

Фото: Принтскрин од текстот во Гардијан

Дали и какви балони за користат за да се потпалуваат пожарите низ државата треба да го констатираат надлежни институции. Ваквата објава е манипулативна и предизвикува збунетост кај корисниците на социјалните мрежи кои што може да донесат погрешен заклучок дека навистина станува збор за балон забележан во Демир Хисар.

Освен што предизвикува збунетост кај корисниците на социјалните мрежи, оваа објава и спорната фотографија ја пренесоа и дел од медиумите. Во некои написи е пренесена и информација од полицијата дека на 16 август „во СВР Битола – Полициска станица Демир Хисар било пријавено дека на околу 20 метри над продавницата во демирхисарско село Вирово, бил забележан балон со дијаметар од околу еден метар на кој имало инсталирано направа од која под притисок дувал оган за движење на балонот“. Такви медиумски објави може да се забележат тука, тука, тука,и тука.

Проверката на фактите е клучна во вакви ситуации за да се спречи ширењето на дезинформации, кои можат да го одвлечат вниманието од вистинските причини за ваквите катастрофални пожари и потенцијално да ги попречат напорите за ефективна реакција. Од суштинско значење е да се проверат изворите и автентичноста на сликите и тврдењата што циркулираат на социјалните мрежи. Дезинформациите може брзо да се шират и да ја доведат јавноста во заблуда, особено во контекст на природни катастрофи.

Поради сите набројани факти, делот од објавата кој ја содржи фотографијата на балон кој гори во САД, а на кој стои име на населено место од Демир Хисар, го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција