Фотомонтажа: Канал 5 не објавиле дека ДУИ бара во ,,Светот на Биби” ликот на Боби да биде Албанец

Не е вистина дека Канал 5 објавиле медиумска содржина во која се вели дека ДУИ бара во „Светот на Биби“ ликот на Боби да биде Албанец и да зборува албански јазик. Некој ја фотомонтирал оваа дезинформација на темплејт од веб-страницата на Канал 5, со цел да дезинформира што поголем број на луѓе на сметка на кредибилноста на телевизијата. Демант за ова  имаше од Канал 5 и од директорот на телевизијата

Не е вистина дека Канал 5 објавиле медиумска содржина во која се вели дека ДУИ бара во „Светот на Биби“ ликот на Боби да биде Албанец и да зборува албански јазик. Некој ја фотомонтирал оваа дезинформација на темплејт од веб-страницата на Канал 5, со цел да дезинформира што поголем број на луѓе на сметка на кредибилноста на телевизијата. Демант за ова  имаше од Канал 5 и од директорот на телевизијата

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија од фотомонтирана односно фабрикувана медиумска содржина, која никогаш не била објавена на Канал 5 телевизија, ниту на интернет порталот на телевизијата. Станува збор за фотомонтажа со којашто се манипулира јавноста дека наводно телевизијата Канал 5 на својот интернет портал објавила таква содржина. Фотографијата која се споделува во постот не претставува автентичен медиумски напис, но истата е претставена на начин да оддава лажна импресија дека станува збор за вистинска објава.

Трендот да се фотомонтираат лажни и непостоечки наслови, злоупотребувајќи го притоа името, реномето и кредибилноста на национални познати медиуми, не е новитет и постои и во светски размери. Така, на пример, насловната страница на Тајм магазинот во повеќе наврати е злоупотребувана и фотошопирана, за јавноста да се излаже дека некоја содржина била објавена од страна на Тајм, а всушност зад параванот кредибилни медиуми преку фабрикувани објави се шират дезинформации. Штетата којашто поради оваа пракса ја трпат медиумските куќи чии брендови и кредибилитет се злоупотребени, е огромна.

Во конкретниот пост се споделува скриншот од нешто коешто исклучително наликува на содржина објавена на сајтот на националната телевизија Канал 5. Меѓутоа, фотографијата е фотомонтажа и никогаш не била објавена на Канал 5 ниту на сајтот. Станува збор за злоупотреба на логото и брендот на Канал 5 со цел да се прошири дезинформација и истата да му се атрибуира на медиумот, со цел што поголем број на луѓе да поверуваат во наводната автентичност и точност на содржината.

Насловот на фотомонтираната фотографија посочува дека ДУИ побарале од  „Светот на Биби“ ликот на Боби да биде Албанец и да зборува на албански јазик. Уште од насловот може да се забележи дека станува збор за сомнителна содржина, со оглед на печатната грешка Албанец да се пишува со мала почетна буква. Потоа прикажани се анимираните ликови од „Светот на Биби“, а во фабрикуваниот поднаслов пишува дека официјална употреба на албанскиот јазик во сите нивоа кои се во согласност со Охридскиот договор и Уставот е еден од главните столбови на Платформата 2020 на Демократската Унија за интеграции.

Вистиномер се обрати до директорот на Канал 5, Иван Мирчевски со прашањето дали телевизијата објавила содржина како посочената во постот што го рецензираме.

Не само што се работи за монтажа, туку и авторите без да не прашаат не обвинија за што ќе добијат соодветен судски поднесок доколку не се извинат до утре, ни рече Мирчевски (на 22 октомври 2022 година) додавајќи дека авторите веднаш можеле да ја контактираат телевизијата и да бидат професионални.

Во врска со овој случај Канал 5 објави реакција и на страницата на телевизијата на овој линк.

Во реакцијата од телевизијата пишува дека Канал 5 очекува извинување од Светот на Биби и од Факултети Мк, откако од Светот на Биби ѝ се заканиле на телевизијата со правна разврска за непостоечката вест односно за фотомонтажата.

Канал 5 ТВ апсолутно нема никаков интерес за објавување на вести поврзани со вашиот одличен продукт/бренд и сметаме дека е крајно неодговорен овој ваш потег, за кој не сакам, но почнувам да се сомневам дека можеби самите сте го иницирале?!? Затоа имате рок од 24 часа да се извините на сите социјални мрежи каде не наклеветивте неаргументирано, во спротивно ќе ги искористиме сите правни лекови против вас за овој клеветнички гест. Во 21 век фотомонтажите се за жал „нормална“ состојба, но вие не смеете да се впуштате во квалификации без иститите да ги проверите. Очекувам извинување!“, стои во реакцијата на директорот на Канал 5 ТВ, Мирчевски.

Факултети Мк, исто така, се произнесоа за лажната вест поврзана со ликовите од Светот на Биби и рекоа дека Канал 5 погрешно го сфатиле нивниот пост, но сепак се извинија.

Во текот на вчерашниот ден се прошири лажна информација во која беа злоупотребени името и ликовите од продукцијата за анимирани серии „Светот на Биби“ како и официјалната веб страница на Канал 5 ТВ.  Реакцијата која Факултети.мк ја објави на социјалната мрежа Фејсбук беше наменета до фејсбук-страната каде прво се појави фотомонтажата. Истата оваа реакција, за жал, погрешно беше протолкувана од страна на Канал 5 ТВ. Преку ова соопштение од името на редакцијата на Факултети.мк сакаме да им се извиниме на Канал 5 ТВ, напишаа оттаму.

Потоа тие го објавија и официјалното соопштение испратено од „Светот на Биби“ до редакцијата на Факултети.мк:

„Светот на Биби“ се оградува и ги демантира сите лажни информации кои беа изнесени во текот на вчерашниот ден, 21.10.2022 година, на одредени социјални медиуми за наводна поврзаност на брендот со одредена политичка партија во спроведување на нивните барања за задолжителна застапеност на албанскиот јазик во анимираните серии. Пуштена е во оптег монтирана слика во која покрај ликовите од брендот „Светот на Биби“ е злоупотребена и официјалната веб страница на Канал 5. Со овој непрофесионален акт е нанесена штета и на двете страни, Канал 5 и Светот на Биби, стои во соопштението.

„Светот на Биби“ поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика за Фејсбук страната „Куде Тумбу и 4 Бандере“, која прва ја објави лажната вест, а потоа се прошири на повеќе социјални мрежи.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Канал 5 објавиле медиумска содржина во која се вели дека ДУИ бара во „Светот на Биби“ ликот на Боби да биде Албанец и да зборува албански јазик. Некој ја фотомонтирал оваа дезинформација на темплејт од веб-страницата на Канал 5, со цел да дезинформира што поголем број на луѓе на сметка на кредибилноста на телевизијата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција