Фотомонтажа: Заменик-министерката Трајков не рекламира кисело млеко на „Бимилк“
Заменик-министерката Трајков не рекламира кисело млеко на „Бимилк“ на социјалните мрежи. Станува збор за фотомонтажа, а за да се увериме во тоа, се обративме и директно до „Бимилк“. Оттаму ни нагласија дека фотографијата во ниту еден случај не е поврзана со нив.
И од битолската млекара „Бимилк“ за „Вистиномер“ нагласија дека фотографијата во ниту еден случај не е поврзана со нив. За фотомонтажата е искористена фотографијата од интервју на министерката за една веб-страница
Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:
Еве додека не работам ништо у Влада а земам плата да рекламирам малху кисело млеко Која антиреклама.
Истата објава може да се најде и на Фејсбук.
Објавата споделува фотографија на која се гледа производ на битолска млекара „Бимилк“, поточно кисело млеко и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Фотографијата делува како министерката да го рекламира овој производ на „Бимилк“.
Ја побаравме фотографијата на Гугл, но не успеавме да ја најдеме. Оваа фотографија ја нема ниту на веб-страницата на Бимилк.
На Гугл побаравме фотографии од посочениот производ, битолско екстра кисело млеко, но на ниту една од нив не се појавува министерката Трајков.
Фотографијата од Трајков ја има на нејзиниот официјален Фејсбук профил, но не со кисело млеко на „Бимилк“ во позадина.
Таа е преземена од интервју на министерката за веб-страницата „Убавина и здравје“ и очигледно е дека потоа е монтирана на реклама за кисело млеко за да изгледа како Трајков учествува во маркетиншка кампања.
За да се увериме дека станува збор за фотомонтажа, се обративме и директно до „Бимилк“. Оттаму ни нагласија дека фотографијата во ниту еден случај не е поврзана со нив.
Фотографијата која што се шири на социјалните мрежи во ниту еден случај не е поврзана со нашата компанија. Бимилк за ниту еден од своите брендови немал кампања во која се вклучени лица од политичката сцена. Сите активности, новитети и кампањи на Бимилк за нашите производи се објавени на официјалните социјални канали на компанијата и на нашата веб-страница, одговорија од Бимилк за Вистиномер.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар