Франција не ја почна војната во Украина и е атипична членка на НАТО
Објава на Фејсбук ја клевети Франција дека „почнала војна против Русија“, така што ги поддржала „украинските нацисти“, но војната ја почна Путин, а Макрон снисходливо го молеше да ја запре. Франција се осудува и за ширењето на НАТО кон Русија, но во 2008 г. Франција го блокирала влезот во пактот на Украина и Грузија. Од 1966 до 2009 г. Франција се дистанцирала од пактот и влечела потези на негова штета. На крај, според објавата, Франција ќе страда од трговската војна на Трамп против ЕУ и покајнички ќе ги моли Русите за помош, но Трамп не ја ни почнал таа војна, а во план се преговори за таа да се спречи
Објава на Фејсбук ја клевети Франција дека „почнала војна против Русија“, така што ги поддржала „украинските нацисти“, но војната ја почна Путин, а Макрон снисходливо го молеше да ја запре. Франција се осудува и за ширењето на НАТО кон Русија, но во 2008 г. Франција го блокирала влезот во пактот на Украина и Грузија. Од 1966 до 2009 г. Франција се дистанцирала од пактот и влечела потези на негова штета. На крај, според објавата, Франција ќе страда од трговската војна на Трамп против ЕУ и покајнички ќе ги моли Русите за помош, но Трамп не ја ни почнал таа војна, а во план се преговори за таа да се спречи
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Ееее мсје, ќе мора да ги укинете санкциите против Русија за да преживеете, ама ако сакате да увезува ваши производи ќе мора претходно јавно и да и’ се извините на Расија што ги поддржувавте укронацистите и инсталирањето на НАТО на руски граници и направивте војна во Украина со цел да гинат славјаните и да ја уништите Расија.
Авторот на објавата, кој е проруски настроен, негативно го претставува НАТО-пактот и создава погрешен впечаток дека Франција имала клучна улога во неговиот развој. Но, иронично, Франција е атипична членка на пактот и таа дури има влечено потези на негова штета.
Во 1966 г., кога Франција ја водел Шарл Де Гол, таа дури се дистанцирала од НАТО, што траело дури до 2009 г. Де Гол не ја изнел од НАТО, но, сепак, ги заладил односите со пактот, што значело и набркување на американските бази од Франција. Таа дури се обидела да ги затопли односите со СССР, во чиј состав била и Русија, која Де Гол многу ја почитувал, па во Москва тој тогаш бил дочекан како херој, за на 9.5.2005 г. нему таму да му биде откриен споменик пред хотелот Космос.
Франција не секогаш се согласувала со своите западни партнери, а пример за тоа е и нејзиното неодобрување на американската инвазија врз Ирак во 2003 г. Во 2006 г., пак, Франција го отфрлила поголемото зближување на НАТО со земји вон евроатлантскиот регион како Австралија, Јапонија и Ј. Кореја, а во 2019 г. и членството во НАТО на Бразил. Во 2008 г. Франција го блокирала влезот во НАТО на Украина и Грузија, со што се урива тврдењето во објавата дека Франција многу придонела за ширењето на пактот кон Русија. Во некои прилики, Франција придонела за тоа, но не секогаш.
Инаку, НАТО на руските граници не е никаква новост, ниту повод за тревога. НАТО е таму уште од своето основање во 1949 г. преку Норвешка, а подоцна во пактот влегле и други сосетки на Русија: Полска (1999), Балтичките земји (2004) и Финска (2023). Тие, како и сите сосетки на Русија, имале лоши историски искуства со неа, па влегле во НАТО, а пактот не инсталирал бази во нив насила. Ако пактот сакал да ја нападне Русија, тој тоа можел да го стори од тие земји, но тоа не го сторил.
Франција не води антисловенска политика – како што тврди објавата. Словенски нации има многу, а зависно од историските околности, Франција се однесувала различно кон секоја од нив.
Наполеон Бонапарта војувал против Русите, но им помагал на Полјаците, а Франција во Првата светска војна била со Русија и Србија против Бугарија. Во 1966 г. Де Гол ги затоплил односите со Советска Русија, но во 1968 г. ја осудил за инвазијата врз Чехословачка. Во 1995 г., пак, Франција ги бомбардирала силите на Република Српска, во полза на Босна и Хрватска.
Тука да нагласиме и дека Франција сега е сојузник на куп словенски нации, кои со неа членуваат во ЕУ или НАТО: Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора и С. Македонија.
Доказ дека Франција не е словенофобна е и тоа што ни еден светски лидер не општеше толку многу со Владимир Путин како Емануел Макрон, заради што тој дури беше критикуван како наивен и снисходлив. Макрон долго го молеше Путин за мир во Украина, затоа што Русија ја почна таа војна, а не Франција и Украина – како што тврди објавата.
Дури неодамна Макрон се претвори од „гулаб на мирот“ во „борбен сокол“ – како што го опишаа медиумите, затоа што Путин не може да се одоброволи. Макрон тогаш предложи праќање трупи во Украина, но тоа не го оствари. Франција не придонесе за војната, а таа почна на следниов начин.
Во февруари-март 2014 г., Русија изврши агресија врз Крим, а потоа испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков да поттикнат сепаратизам и во Донбас. Така, на 7.4.2014 г. се роди т.н. Донечка Народна Република, чиј министер за одбрана стана Стрелков. Украина се воздржуваше од примена на сила, што се смени дури откако на 12.4.2014 г. тој со своите борци го нападна градот Славјанск, по што Украина ја почна својата Антитерористичка операција (АТО).
Со тоа почна и Донбаската војна, во која зад сепаратистите стоеше Русија, чии трупи тајно се вклучуваа во борбите. На 24.2.2022 г. тие тргнаа во сеопфатна агресија врз Украина, а Русија беше осудена од светот со повеќе резолуции на ООН (примери: тука, тука и тука).
Не е точно дека Русија во Украина се бори против нацисти. Украина го забрани нацизмот со закон донесен на 9.4.2015 г., а земјата ја води претседател од еврејско потекло, Володимир Зеленски. Иронично, во агресијата врз Украина учествуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј или Алексеј Миљчаков со одредот Русич.
Како и секаде, и среде Украинците има понекои неонацисти, но тие се маргинални. Тие беа поактивни во хаотичниот период во 2014 г., кога доста Украинци се самоорганизираа во паравојски. Но, подоцна, Украина се созеде и заведе ред на тој план, за што веќе сме пишувале.
Не е антифашизмот мотив на Русија за борбата против Украина, туку империјализмот. Русија со векови агресивно се однесува кон Украина.
Примери за тоа се: руската злоупотреба на сојузничкиот Перејаславски договор (1654) со Украина, со што таа потпаднала под руска власт; рускиот палеж на украинскиот г. Батурин (1708) и на Запорошката сеча (1775); руските забрани за украинскиот јазик како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876); задушувањето на Украинската Народна Република (1918 – 1922) од страна на Советска Русија; Гладоморот и сталинистичките чистки управувани од Москва (во 1930-тите); итн.
Целта на Русија сега е да заграби територии, што се докажа со нејзината илегална анексија на Крим на 18.3.2014 г. и на други украински територии на 30.9.2022 г.
Во објавата е споделена и новинска статија, објавена на еден македонски сајт, а нејзиниот наслов е:
Емануел Макрон: Ако економските интереси ѝ се загрозени, Европа ќе мора да обезбеди другите да ја почитуваат
Доналд Трамп најави трговска војна против ЕУ, а Макрон повикува таа да пружи отпор ако тоа се случи, со што објавата се потсмева. Според неа, Франција ја чека сигурен економски крах, по што таа покајнички ќе бара помош од Русија. Ние веќе видовме примери за тоа како Франција кокетирала со Русите, па предвидувањето во објавата делува реалистично, но тоа не мора да е така.
Објавата избрзува со славење, затоа што Трамп не ја ни почнал таа трговска војна. Авторот на објавата не може со сигурност да знае што ќе се случи во иднина. Ни ние не можеме да даваме предвидувања, но она што го знаеме е дека ЕУ планира преговори со Трамп за да го одоброволи, во што можеби ќе успее.
Трамп им се закани со трговска војна и на Мексико и Канада, но тие го одоброволија да ја одложи, така што исполнија некои негови барања. На крај, тие можеби ќе го убедат целосно да се откаже од таа војна. Не се сите опции истрошени – како што сугерира објавата, а дури и да се, Франција може ќе се справи со проблемот. Тоа е моќна економија, а тука се и нејзините партнери од ЕУ.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар