Фросина Ташевска – Ременски

Фросина Ташевска – Ременски во два наврати е министер за труд и социјална политика, според договорот од Пржино. Првиот мандат во овој контекст тече е од 11.11.2015 година до 18.05.2016 година, кога завршува со нејзина оставка. На функцијата повторно стапува во согласност со Договорот од Пржино на 2 септември 2016 година.

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Фросина Ташевска – Ременски е родена на 22 февруари 1977 во Крива Паланка. Таа е мажена, и е мајка на две деца. По националност е Македонка.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Средно образование завршува во 1995 година во Крива Паланка. Дипломирала во 1999 година на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како еден од студентите на генерацијата 1995/1996.

Магистрирала во 2004 година на Филозофскиот факултет при „Св. Кирил и Методиј“ на тема „Албанците и Македонците: Етничката интеракција во Република Македонија, пред и по конфликтот од 2001 година“. На истиот факултет во 2007 година го одбранила докторатот во областа на меѓународно правото за правата на малцинствата на тема „Македонското национално малцинство во соседните земји: Современи состојби“.

Од 2012 година работи на втора докторска дисертација од областа на меѓународната безбедност на тема „Забраната за употреба на сила и концептот на превентивна интервенција во справувањето со конфликти и заканите по меѓународниот мир и безбедност – Случаите СР Југославија 1999 година, Авганистан 2001 година, Ирак 2003 година и Либија 2011 година“.

Фросина Ташевска – Ременски е автор на повеќе од 70 научни и стручни трудови објавени во домашни и странски научни списанија.

Го владее англискиот јазик.

 

КАРИЕРА

Во 2000 година работела на определено време како професор во средното училиште ДСУ “Ѓорче Петров“ во родниот град.

Во периодот 2000-2003 Ташевска – Ременски била асистент на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а од октомври 2004 година до јуни 2007 година била асистент на Полициската академија во Скопје. Во 2007 година на Педагошката академија стекнува звање доцент во областа на полициските науки.

Oд ноември 2012 година до назначувањето на министерската функција била вонреден професор на Факултетот за безбедност во Скопје, како и продекан и раководител на Катедрата за полициски науки, како и член на некои тела на факултетот.

Добитник е на државната награда „Гоце Делчев“ во 2008 година за посебен придонес во науката од интерес за Република Македонија, за монографијата „Македонското национално малцинство во соседните земји: Современи состојби“.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Фросина Ташевска – Ременски е потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Во 2009 година е избрана за член на Советот за безбедност и НАТО интеграции на СДСМ. Во 2013 година е избрана за потпретседател на Централниот одбор на СДСМ.

Таа е министер за труд и социјална политика. Првиот мандат, како предлог од СДСМ според Договорот од Пржино, го извршува од 11.11.2015 година до 18.05.2016 година, кога дава оставка, во склад со новата политичка тактика на нејзината матична партија. На функцијата повторно стапува на 2 септември 2016 година, во согласност со договорот на лидерите на четирите најголеми политичи партии од јули 2016 година, попознат како Пржино 3.

 

Бомбите

Фросина Ташевска – Ременски во „бомбите“ е присутна поради нејзината академска кариера, односно нејзиното назначување за продекан. Во разговор од 19-от сет записи од прислушувањето, Гордана Јанкулоска реагира кај Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата, што потпретседателката на СДСМ, Фросина Ташевска – Ременски, била избрана за продекан на Факултетот за безбедност на битолскиот универзитет, иако ги критикувала МВР и ВМРО-ДПМНЕ. Јанкулоска нагласува дека наместо неколку професорки, кои добро одработиле за партијата, се избира остра критичарка, а плус и се дава функција која ќе ја стави во посебен однос со студентите.

 

 

ИЗВОРИ

Министерство за труд и социјална политика – Министер

СДСМ – Потпретседатели

(11.11.2015) Макфакс – Спасовски и Ременски официјално станаа министри

(18.05.2016) Радио Слободна Европа – Вељаноски ги констатираше оставките на министрите на СДСМ

(02.09.2016) Мета – Собранието ги изгласа министрите на СДСМ во преодната влада

Вистиномер – Прислушувани разговори – сет 19: Македонската нуклеарна програма и партиските вработувања

Википедија на македонски – Фросина Ременски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција