Функционер на Кремљ става знак на равенство меѓу Европската Унија и нацистите на Хитлер

 

Српските портали Информер и Еспресо во целост го пренесуваат текстот на директорот на фондот „Руски свет“, Вјачеслав Никонов, во кој тој искажува ревизионистички поглед врз светската и европската историја во периодот од Втората светска војна.

Овие два таблоиди користат сензационалистички наслови за на своите читатели да им ги наметнат проблематичните и конечно, неточните толкувања на Никонов. Насловот во Информер, на пример, гласи: „СРБИЈО, Прст на чело! Во ЕУ нема ниту една земја која не припаѓала, или ѝ била потчинета на Хитлеровата коалиција! Бруталната вистина што сакаат ДА ЈА СОКРИЈАТ ПО СЕКОЈА ЦЕНА! (SRBIJIO, PRST NA ČELO! U EU NEMA NI JEDNE ZEMLJE KOJA NIJE PRIPADALA HITLEROVOJ KOALICIJI, ili joj bila potčinjena! Brutalna istina koju PO SVAKU CENU ŽELE SAKRITI!)

 

БРЕКСИТ КАКО ПОВОД ЗА ПРОПАГАНДА

Она што е особено важно да се напомне, тоа е фактот што за да се рашират ваквите тези, со кои се напаѓа целата ЕУ и нејзините членки, се користи излезот на Велика Британија од Унијата, а целта е, се разбира, да се добијат поени за потребите на пропагандната војна која актуелната власт во Кремљ ја води против Западот.

Централните тези и аргументи на Никонов во ширењето на неговите ревизионистички погледи се вклучени во овој извадок:

Откако Велика Британија излезе од ЕУ во Унијата веќе нема ниедна земја која не припаѓала на нацистичката оска, која не била сојузник на фашистичка Германија или која Германците не ја окупирале.

Зашто, дури и Франција беше поразена. И нејзините фабрики работеа за Германија.

И, сега тие земји, кои беа заедно со Хитлер и кои нé напаѓаа, нѝ укажуваат кога било неопходно да се ослободи Аушвиц. Ни говорат за еднаква одговорност…

Никонов, 75 години по завршувањето на Втората светска војна, Европа ја гледа токму низ таквиот историски диоптер – брои кои држави биле дел од нацистичката оска и кои биле окупирани од Германците. И ги става во ист кош, иако не е јасно што сака со тоа да покаже и докаже денеска, во 2020 година.

 

ОКУПИРАНИТЕ ЗЕМЈИ – СОЈУЗНИЦИ НА ХИТЛЕР

Најпрвин, се вели дека со излезот на Велика Британија од ЕУ сега повеќе немало „ниедна земја која не припаѓала на нацистичката оска, која не била сојузник на фашистичка Германија или која Германците не ја окупирале.“ Зошто ова се истакнува дури сега? Дали само како историски куриозитет? Сигурно, не!Одговорот е многу едноставен – излегувањето на Велика Британија од ЕУ им дава можност на пропагандистите на Кремљ да шират пропаганда, која нема никаква врска со актуелниот политички момент во Европа, туку го враќаат часовникот на историјата назад од пропагандни причини.

Но, целата работа не завршува тука. Никонов оди дотаму што ги обвинува земјите окупирани од Хитлер како соработници на своите окупатори кои ја „напаѓаа“ Русија. Ова е бесмислено. Земја која е под окупација не може да се нарече дека е „сојузник“ на окупаторот или дека „припаѓа на оската“, односно на воениот сојуз/коалиција на која припаѓа и нејзиниот окупатор. А, токму тоа се истакнува кога се вели дека „Франција била поразена“ и се додава дека „нејзините фабрики работеле за Германија.“ Потоа се оди уште подалеку и се вели дека „тие земји“ (окупираните – н.з.), „беа заедно со Хитлер и (…) нѐ напаѓаа.“ Ваквата аргументација, најблаго речено, е груба симплификација и тоа груба до степен на невистинитост.

Иако е точно дека во окупираните земји имало квислиншки влади, кои ѝ биле сојузници на Германија, како и дека во некои од тие земји имало воени формации кои војувале на страна на Германија, но, од друга страна, во многу од окупираните земји имало вооружен отпор, а голем број државјани на окупираните земји се бореле против нацистите на боиштата надвор од своите земји. Така, на пример, Слободните француски сили на чело со генералот Шарл де Гол се бореа против силите на оската во текот на целата војна и од 7 илјади војници во 1940 година, достигнаа дури 400 илјади војници кон средината на 1944 година. Покрај ова, Франција, Полска, како и кралството Југославија, но и редица други европски земји не ги пречекаа окупаторските сили на оската со знамиња во своите земји, туку се спротивставија со оружје во рамките на своите можности пред да бидат прегазени од германските војски и нивните сојузници. Настрана фактот што е несериозно на ваков начин да се напаѓаат само земјите членки на ЕУ, кога е многу добро познато дека и во окупираните земји од нацистите, кои не се членки на ЕУ, исто така имало колаборационистички и пронацистички влади. Една од тие земји е Србија во која излегуваат Информер и Еспресо. И во Србија имаше про-нацистичка влада во текот на Втората светска војна (на чело со Милан Недиќ), како и воени формации кои се бореа на страна на нацистите (четниците, на пример). Но, тоа Никонов не го спомнува. Фактот што нацистите креирале нелегитимни влади во окупираните змеји со цел да си го олеснат владеењето со нив и да создадат привид кај локалното население дека власта е бајаги во нивни раце, не значи дека целите земји биле соработници на Хитлер. Особено што тие квислиншки влади започнаа да се рушат како кули од карти многу пред крајот на војната.

 

И РУСКИТЕ ОКУПИРАНИ ТЕРИТОРИИ ЛИ БЕА СОЈУЗНИЦИ НА ХИТЕЛР?

Колку се недоделкани тезите на Никонов покажува уште еден факт. Како што е познато, речиси целата територија од европскиот дел на Русија беше под германска окупација во просек 2 години – некои делови пократко, некои подолго. На територијата која беше под германска окупација живееше над 40 отсто од населението на Советскиот сојуз. Дали и овие луѓе, Руси, жители на СССР, исто така ја напаѓале сопствената држава? Дали тие луѓе и тие руски територии под окупација биле сојузници на Хитлер? Ова покажува колку перспективата на Никонов е извртена и плиткоумна, но и без никаква логичка и историска поткрепа.

Ваквите ставови, за жал, најдоа плодно тло кај овие два српски таблоиди со анти-европска провениенција и со пренесувањето на овој текст ја извршија својата задача – да заработат неколку политички поени за потребите на актуелните властодршци во Кремљ и за нивната пропаганда во овој регион.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција