Гаранциите на Груевски за медиумите – ни на небо, ни на земја

Фото: Flickr/US Department of State/MIA. Колаж: Вистиномер

 

 

Изјавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, која е предмет на проверка во однос на фактите околу прашањата што ги споменува, е комплексна и е составена од четири децидни тврдења, но сепак, во целина може да се оцени како делумно вистинита. Ова доаѓа најмногу поради еден дел од неговата изјава каде се споменати и медиумите.

Низ анализите и консултациите, преставниците на ЕУ и САД, не убедија во 4 работи: Прво, дека ова ќе е единствено пролонгирање и нема да има ново барање од нив за пролонгирање изразено во било која форма. Второ, дека до изборите на 5-ти јуни повеќе нема да има разноразни преговори за организирањето на изборите, бидејќи и тие сега веруваат дека ДИК ќе има доволно време да ја заврши својата работа со пречистувањето на избирачкиот список. Трето, дека нема да има поставувања на никакви нови услови за одржување на изборите на 5-ти јуни вклучувајќи го и законот за медиумите и четврто, нема да има нови проценки за тоа дали земјата е подготвена или не за избори од страна на ЕУ и САД, затоа што со поместувањето на датумот овие нешта се апсорбирани.

[ Извор: ВМРО ДПМНЕ – Транскрипт од говорот на Груевски (Датум: 24.06.2016)]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Груевски во по полноќната изјава на 24 е дециден дека нема да има поставувања на никакви „нови услови за одржување на изборите на 5-ти јуни вклучувајќи го и законот за медиумите“. Делумно индиректна изјава, дојде од некоја минута порано дадената изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во која тој дава оценка дека во Македонија ќе има избори „со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми“.

Но, како што може да се забележи, ниту во таа изјава, ниту во брифингот од партијата што беше одржан во текот на денот, нема назнака дали до изборниот ден ќе има натамошни преговори за медиумите и спроведување на реформата преку измена на медиумските закони, иако СДСМ наведува дека Груевски не добил такви гаранции.

Оваа дилема не може да се разреши ниту од двете изјави на главниот преговарач во критичниот викенд кога се носеше одлуката за нов датум за избори, американскиот амбасадор Џес Бејли. Тој во првата полноќна изјава вели дека „реформата во медиумите останува многу важен дел не само од изборниот процес, туку се и една од приоритетните реформи“, за потоа да продолжи:

Како медиумите ќе бидат оценети зависи од тоа како ќе ја извршат својата задача, како ќе ги покријат овие многу битни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс и затоа најважно ќе биде како ќе ја завршите вашата работа и да им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани, истакна Бејли, кој беше придружуван од европратениот Ричард Ховит и од в.д. амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје Лукаш Холуб.

Како што може да се види, тежиштето се фрла на Етички кодекс, значи на саморегулацијата, нешто што е веќе став и на владејачката партија и на Агенцијата за медиуми, а не на промена на законот. Втората изјава на Бејли, дадена во текот на 24.02.2016, на друго место и по друг повод, уште повеќе ја продлабочува дилемата дали ќе продолжат преговорите за медиуми кои би резултирале со измена на законите за да се дојде до основното барање и на опозицијата и на медиумските организации – деполитизираните тела, Советот на Агенцијата за медиуми и Програмскиот совет на МРТ:

Тоа е на маса пред изборите и после изборите, тоа не е нешто што ќе се случи преку ноќ. Во таа насока многу е важно како вие, како репортери и новинарски организации, ќе ги покривате изборите. Вие самите се обврзавте на кодекс за етичко известување за време на изборите, и следењето на тој кодекс за етичко известување навистина ќе направи разлика во однос на тоа граѓаните на Македонија да ги слушнат сите мислења, да бидат целосно информирани и да го направат изборот за време на изборите, рече Бејли.

Дека медиумите остануваа дел од Пржино и од реформските процеси потврдува и еврокомесарот Хан, чија порака упатена преку Твитер беше пренесена во јавноста, но и тој во таа порака не е дециден околу главнот прашање – продолжување на преговорите за медиумите и реформи во таа сфера преку носење измени на законот или нов закон:

Сите партии мора да останат целосно посветени, да помогнат да се организираат кредибилни избори и да притиснат за реформските приоритети, вклучително и за медиумите.

ДИЛЕМИТЕ ПОТВРДЕНИ И ОД ЗНМ

Овие спротивставени изјави на главните партии и не докрај прецизни изјави меѓународните претставници не останаа незабележени од медиумите, а дилемите ги зголeмија и спрoтвставените ставови на ЗНМ и на МАН. Насер Селмани, претседател на ЗНМ, кој со Независниот синдикат и со други невладини организации активно беше инволвиран со предлози и барања за тоа како да се изведе медиумската реформа, во текот на 24.02.2016, според медиумите, изрази згрoзеност од изјавата на Груевски и на Бејли:

Згрозени сме од изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и изјавата дадена од амбасадорот на САД, Џес Бејли. Денеска побаравме службен одговор од Aмериканската амбасада и Европската комисија во Скопје, да ја разјаснат нивната позиција во врска со реформите во медиумите кои треба да се направат пред одржување на предвремените избори.

Барањето на кое до заклучувањето на овој текст во ЗНМ не добиле одговор, тие го потврдија и со официјално соопштение упатено по изјавата на Селмани, во кое изразуваат загриженост:

Загрижени сме од последните информации дека наводно до одржувањето на предвремените избори на 5 јуни нема да има реформи во медиумите. Сакаме да ве информираме дека во текот на денот доставивме писмено барање до Американската амбасада и до Делегација на Европска Унија да ни ги појаснат нивните позиции во врска со реформите во медиумите како една од клучните точки на договорот од Пржино. Од Aмбасадата на САД и Делегацијата на Европската Унија очекуваме да ни кажат дали тие како потписници на договорот ќе опстојат да се исполнат сите точки на договорот или имаат некоја друга позиција.

Против продолжување на преговорите со нов закон, исто како и од владејачката партија, се и од МАН, новинарско здружение кое речиси секогаш е на спротивни позиции од оние на ЗНМ:

Ниту една релевантна препорака, и ниту една релевантна европска институција, задолжена за медиумите, досега не изнела елаборат за потреба на нов закон ниту соодветен предлог закон на кој ќе и претходи сериозна анализа и елаборат. Во склоп на препораките на Прибе, потребна е либерализација и реформи во медиумите, што подразбира намалување на притисоците и казни за медиумите и новинарите, стабилен и правно гарантиран статус на новинари и уредници и заштита на медиумите од насилство и притисоци од страна на политичките партии. Фактите говорат дека најмногу насилство и притисоци врз новинарите и медиумите во последните години се вршат од СДСМ, соопштија од МАН за Телевизијата 21.

ТАКТИЗИРАЊЕ

Ова се главните изјави – факти, околу изјавата на Груевски за тоа дали добил или не добил некакви гаранции за тоа дека нема да се инсистира на нови услови, вклучувајќи го и законот за медиуми.

Што се оденсува до другите негови тврдења во изјавата, тие се апсолвирани, а дел се и политички, така што не ги сметаме како проблематични да ги оценуваме од аспект на вситинитоста.

Поради видливите недоречености, дилеми и контроверзи во фактите што ги наведовме погоре, во овој момент може да се даде оценка дека изјавата на Груевски е делумно вистинита.

За медиумите и за ДИК, двете од трите нереализирани аспекти од Договорот од Пржино, очигледно било зборувано во критичната вечер во неделата, а дел од учесниците уште тактизираат со расчистување на сликата. Оттука, оценката на „Вистиномер“ за изјавата на Грувски е „полувистина“.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција