Гаши не може да „пресуди“ дали Исмаили е чист како солза
Како политичар и актуелен пратеник, лидерот на Алтернатива Африм Гаши има должност да настапува одговорно во јавноста и не смее да ги дискредитира институциите и законите во чие носење и тој учествува како дел од актуелниот пратенички состав. Политичарите не треба да се мешаат во правосудните постапки и да даваат сопствени оценки за случаите што ги водат институциите кои го контролираат работењето на јавните и избрани функционери.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во телевизиско гостување на дневникот на ТВ Сител, даде недоследна изјава. На прашање на новинарот дали со кадри како поранешниот министер за култура, Хусни Исмаили, кого партијата го предложи за потпретседател на Собранието на РСМ, а за кој во меѓувреме Државната комисија за спречување корупција поведе инцијатива за кривично гонење пред ЈО, ќе ја враќа довербата кај граѓаните, Гаши одговори:
Воопшто не е точно тоа. Ова е многу индикативна иницијатива започната од некои политички структури, значи целосно политизирана. Јас ви тврдам дека Хусни Исмаили е чист како солза. Јас повеќе му верувам нему, него мене, себеси. Така да, со полна одговорност ви тврдам дека нема ништо неодговорно и нечесно направено тој човек. Ако едно нешто се случи, се утврди дека е така, јас давам оставка од политиката.
[Извор: Дневник на ТВ Сител, Тема на денот ( видео: 12:18-12:50); Датум: 21 12.2021]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изјавата на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во којашто вели дека неговиот сопартиец, поранешниот министер за култура, Хусни Исмаили е „чист како солза и се работи само за политички конструкции“ , ја сметаме за недоследна. Гаши ниту е надлежен, ниту пак, треба да се меша и да ги политизира постапките што ги водат институциите во државата.
На продолжението на 57-та седница од 21 декември 2021 година, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) информираше дека до Јавното обвинителство е поднесена иницијатива за понатамошно постапување за поведување на постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура, кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.
Во периодот кој се посочува, функцијата министер за култура ја извршуваше Хусни Исмаили од Алтернатива, кој, пак, во моментов е пратеник во Собранието на РСМ.
Иницијативата е поднесена поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ во врска со договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Во текот на февруари 2020 година, од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти, додека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари. Во февруари 2020 година, кога биле склучени овие проекти, биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година што, пак, упатува дека раководното лице во Министерството за култура си презело обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што е забрането и казниво, констатирала ДКСК по разгледување на целокупната документација.
Според ДКСК, посочениот министер постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување на буџети за 2020 година, со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс договори и создал обврски за Буџетот за 2020 година на Министерството за култура од над 33 милиони денари.
Владимир Георгиев, член на ДКСК, во видеоизјава за Канал 5 појаснува:
Во членот 4 од Законот за извршување на Буџетот за 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единките корисници не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од Буџетот. Врз основа на овие прекршувања ние ја подготвивме таа иницијатива, која што , како што реков, е веќе доставена до Јавното обвинителство на понатамошно постапување. (од 00:39- 01:04 од видеото)
Сите овие официјани аргументи и образложенија за Гаши се целосно политизиран случај, зад кој стојат зли сили, на што реагираа од ДКСК. Оттаму велат дека со оваа негова изјава „се прави обид за политизирање на работата на институцијата која се раководи исклучиво од надлежностите утврдени со Законот за спречување на корупција и судир на интереси“.
Каков било обид за ставање на работата и одлучувањето на ДКСК во дневнополитички интереси и изјави може само да штети на напорите за спречување и борба против корупцијата во целина. Со ваквите изјави не само што се прави обид да се наштети и дискредитира работењето на ДКСК, туку се прави обид и за влијание врз другите органи и институции што треба понатаму да ги проследат нејзините иницијативи и препораки, што е спротивно и на укажувањата на последните извештаи за напредокот од страна на Европската комисија во однос на ДКСК, како и неодамнешните заклучоци од Советот за општи работи на ЕУ дека треба да се почитуваат препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата, соопштија од ДКСК.
Политичарите не смеат да се мешаат во правосудните постапки и да даваат сопствени оценки за случаите што ги водат институциите кои го контролираат работењето на јавните и избрани функционери. Но, сведоци сме дека често се случува тие да ги бранат своите сопартици, повикувајќи се на политички реваншизам и политички конструкции.
Во членот 4 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата стои:
Носителите на извршни функции ги вршат своите јавни овластувања и должности во согласност со Уставот, законите, другите прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија. Носителите на извршните фунцкии осигуруваат дека сите кои работат под нивна надлежност се еднакво одговорни пред Уставот и законот, а Уставот и законите се спроведуваат еднакво за сите.
Во врска со „принципот на ефикасност и економичност“ во членот 8 од истиот Кодекс се наведува:
Носителите на извршни функции рационално и навремено ги спроведуваат своите должности и овластувања и разумно ги користат јавните ресурси заради постигнување на целта на функцијата односно должноста која ја вршат, а граѓаните имаат мерливи резултати во однос на вложените средства и труд.
Носителите на извршни функции внимаваат граѓаните да не бидат подложни на непотребни трошоци во остварувањето на нивните права, обврски и интереси.
Како политичар и актуелен пратеник, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши има должност да настапува одговорно во јавноста и не смее да ги дискредитира институциите и законите во чие носење и тој учествува како дел од актуелниот пратенички состав.
Заради сите овие аргументи, изјавата на Гаши ја оценуваме како недоследна.
ИЗВОРИ:
- ТВ Сител (21.12.2021): Тема на денот со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши
[Проверено на 23.12.2021] - 21 ТВ (21.12.2021): ДКСК: Поднесена иницијативата до ОЈО за кривично гонење на поранешен министер за култура заради сомневање за злоупотреба на службената положба [Проверено на 23.12.2021]
- 360 степени (21.12.2021): ДКСК поднесе иницијатива до ОЈО за кривично гонење на поранешниот министер за култура Исмаили [Проверено на 23.12.2021]
- Канал 5 (21.12.2021): ДКСК поднесе иницијатива до ОЈО за кривично гонење на поранешниот министер за култура Исмаили [Проверено на 23.12.2021]
- vesti.mk (23.12.2021): Антикорупциска: Изјавата на Гаши е сериозен обид за политизирање на нашата работа [Проверено на 23.12.2021]
- Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата (09. 2020) [Проверено 23.12.2021]
Оцени: Жаклина Цветковска
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар